Почетна Анализа За историјата на Божик
За историјата на Божик

За историјата на Божик

1.42K
0

Рождеството Христово е празник „од кој следат сите други Господови празници: Богојавлението, Преображението, Страдањата, Крстот, Воскресението и Вознесението. Без раѓањето немаше да постои Воскресението, но и без Воскресението немаше да се исполни целта на Божјото Вочовечување. Сите овие Господови настани се единствени. А, ние ги делиме за да ги празнуваме и за да се вдлабочиме во содржината на празниците“ (Јеротеј Влахос).

Еден од најсвечените и втор по големина и важност меѓу дванаесетте големи празници е Рождеството Христово. Познато е дека овој празник започнал да се слави во IV век и тоа на 25 декември / 07 јануари, но всушност самиот ден и месец на раѓањето Христово не се познати. Постојат неколку причини кои ни ја откриваат смислата и значењето на практиката Божик да се слави токму на овој датум, зашто отпрвин, во првите три века, овој празник бил славен заедно со Крштението Господово (Богојавление) на 06 / 19 јануари, за потоа според Божјата промисла да се одвои и да го добие своето вистинско значење и целина.

bozik-slikaПрактиката Божик да се слави заедно со Богојавление се задржала до IV век заради древниот христијански поглед на човекот, кој не му придавал толку значење на телесното раѓање и телесниот живот, колку што на духовното раѓање (крштението), и на телесната смрт како раѓање за вечен живот. Древните христијани најголемо значење му давале на Воскресението, односно на неделата, потоа на Духовден, како и на празниците на мачениците. Дури и Крштението Христово (επιφάνεια, ϑεοφάνεια = јавување, Богојавление) било празнувано понагласено отколку Неговото Рождество. Кога сме кај Крштението, тоа најпрво почнало да се слави меѓу еретиците гностици, чиешто учење било дека Господ Исус Христос станал Син Божји за време на Неговото Крштение, а дека до тогаш тој бил само обичен човек. Црквата, пак, спротивставувајќи му го своето учење, му ја дала вистинската длабока смисла на овој празник, кој во почетокот претставувал еден колективен празник што го објавувал Христовото јавување на земјата. Така, тој опфаќал повеќе настани од Христовиот живот на земјата во кои се објавува Неговото Божество. Но потоа било сосема природно полека да почнат да се издвојуваат од тоа колективно празнување одделните настани, како на пр. Неговото Раѓање, чудото во Кана Галилејска итн. На тој начин, Божик се одвоил од Богојавление и започнал да се слави на 25 декември, и тоа најпрвин на Запад (Рим, 354 г.), а потоа полека бил воведен и низ сиот православен свет.

Но која е смислата за славењето на Рождеството Христово на 25 декември?

bozik-slika-2Кога престанале прогоните и мачеништвата започнал повеќе да се цени земниот живот. Од друга страна, пак, 25 декември бил ден кога Римскиот незнабожечки свет го славел празникот на непобедливото сонце. Овој пагански празник бил проследен со голема свеченост, како во царскиот двор, така и меѓу обичниот народ. Се верувало дека на тој ден сонцето прави поголеми кругови и дава посилна топлина и светлина, што се сметало како победа на светлината над темнината – роденден на сонцето. Овој култ во Римската Империја дошол од Источните краишта, од Сирија и Египет.

За време на светиот и благоверен цар Константин Велики празникот на непобедливото сонце добил поинакво значење. Христијаните, чијшто стремеж бил да го христијанизираат незнабожечкиот Римски свет, започнале на истиот ден кога паганите го славеле бесмислениот празник посветен на раѓањето на сонцето, да го прославуваат денот на Раѓањето Христово како ден во кој Христос, вистинското Сонце, влегува во овој свет за да го осветли со духовната светлина. Црквата Христова ги повикала римските пагани да го остават празнувањето на раѓањето на физичкото сонце и да Го прославуваат Божественото Сонце и Неговото доаѓање во светот.

Ситуацијата во источниот дел на Империјата била поинаква. Додека на Запад Божик се славел на 25 декември / 07 јануари, на Исток сѐ уште се негувала практиката тој да се слави заедно со празникот Богојавление на 06 / 19 јануари. Всушност св. Григориј Богослов бил првиот кој во Цариград во 379 година започнал да го слави Рождеството Христово на овие простори.

bozik-slika-3Се верувало дека споменатиов празник најдоцна бил воведен во Ерусалим. Постои едно предание според кое празникот Рождество Христово во Ерусалимската Црква го вовел епископот Ерусалимски Јувенал (V век). Имено, овој епископ испратил писмо до папата Јулиј I, во кое тој упатува молба да се испитаат книгите од Римските библиотеки и архиви за да се утврди точниот ден на раѓањето на Спасителот, кој тие би можеле да го исползуваат за празнување на Рождеството Христово. Како причина за тоа тој го наведува и следниов податок, со кој се потврдува и Ерусалимската практика да се прави литија до местото каде што се случил тој настан: „Зашто ние не можеме во еден ист ден да стигнеме и на местото на раѓањето (Витлеем), и на местото на крштението (Јордан), бидејќи Витлеем е три милји јужно од Ерусалим, а Јордан 18 милји источно“. Од ова јасно се гледа дека во тоа време во Ерусалим Божик сѐ уште не бил одвоен од Богојавление. Во одговор на тоа барање, папата Јулиј I на Ерусалимјаните им го препорачал 25 декември како датум на кој веќе во сите христијански Цркви се прославува Божик.

Целосната Божикна служба може да се следи од VII или VIII  век, а му припаѓала на еп. Порфириј Успенски, и сега се наоѓа во Публичната библиотека. Понатаму, Божикната служба ја има и во еден Грузиски ракопис од IX  век кој, пак, ја изложува Ерусалимската практика да се прави литија до местото на Раѓањето Христово.

На Рождеството Христово му претходат две недели, една на праотците, а друга на отците, кои Црквата им ги посветила на Христовите предци по тело и воопшто на сите старозаветни праведници. Божик има 5 дена претпразненство и 6 дена попразненство. Специфично за периодот на претпразненство е тоа што Типикот пропишува да се извршува службата на Навечерието на Божик – Царски Часови заедно со Изобразителна, еден или неколку дена пред Рождеството Христово, зависно од тоа во кој ден од неделата тоа ќе се падне. За периодот на попразненство, пак, Црквата избрала да ги опфати спомените на св. првомаченик Стефан, на 2 илјади маченици запалени во Никомидија во 302 г., ден после Христовото Рождество, потоа споменот на оние 14 илјади деца убиени од страна на цар Ирод.

Црковните песни и химни ги напишале повеќе химнографи: Роман Мелод го напишал Великиот кондак на Божик, при што од него е сочуван само еден мал дел во кој спаѓа и познатиот кондак „Дева Днес“; освен него пишувале и Герман Патријарх Цариградски, Анатолиј, св. преп. Касијана, св. Јован Дамаскин, св. Козма Мајумски (го напишал првиот канон на Рождество, во кој првите стихови се земени од Божикната беседа на св. Григориј Богослов), св. Андреј Критски.

/БИГОРСКИ

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *