Почетна Вести Европа Вселенскиот Патријарх Вартоломеј им го честиташе Велигден на неправославните христијани
Вселенскиот Патријарх Вартоломеј им го честиташе Велигден на неправославните христијани

Вселенскиот Патријарх Вартоломеј им го честиташе Велигден на неправославните христијани

2.63K
1

Срдечни желби до сите неправославни христијани кои го прославија Велигден во неделата, 31 март, упати Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, во своето обраќање за време на неделната Литургија во црквата на Светите Теодори во месноста Влака во Цариград.

„На овој ден, радосната порака на Воскресението добива дополнителна актуелност, бидејќи нашите неправославни христијански браќа денес го слават Воскресението од мртвите на нашиот Господ, Светата Пасха. Веќе испративме наши претставници во сите христијански заедници од други деноминации овде, за да им ги пренесат празничните пожелби на Светата Велика Христова Црква, како и нашите патријаршиски честитки. Но, и од оваа позиција упатуваме срдечен поздрав на љубов до сите христијани низ светот кои денес ја слават Светата Пасха. Се молиме на Господ на славата, да нè удостои, заедничкото прославување на Велигден што ќе го имаме следната година, да не биде само среќна случајност, еден случаен настан, туку почеток на утврдување заеднички датум за прославување на Велигден од страна на Источното и Западното христијанство, со оглед на јубилејот од 1700 години во 2025 година, од свикувањето на Првиот Вселенски Собор во Никеја, кој, меѓу другото, се занимавал и со прашањето за регулирање на времето за прославување на Велигден. Оптимисти сме, бидејќи од обете страни постои добра волја и подготвеност. Затоа што, навистина, претставува скандал одвоеното прославување на единствениот настан на едното Воскресение на Единиот Господ!“

Претходно, по повод празникот на Свети Григориј Палама, Архиепископот Солунски, Неговата Сесветост напомена:

„Заедницата во Влака како свои заштитници ги Светите Теодори; Кондоскали ја има Света Киријакија за своја; Хипсоматија има свои Светци, и така натаму. Но денес, во втората недела од Постот, сите ние го имаме како жив пример и застапник пред Господ, Свети Григориј Палама, Архиепископот Солунски, но и наш сограѓанин, Константинополец!

Денешниот ден е како втора недела на Православието, продолжение на минатата недела, бидејќи Свети Григориј беше заштитник и борец за Православието, за кое дури и беше затворен, давајќи добро сведоштво и останувајќи светилник на непоколеблива вера за идните генерации. Навистина, Светците на Црквата се учители и водичи за луѓето не само во своето време, туку и за сите времиња и за сите места. Му благодариме на Светиот Бог, Кој ни даде такви достојни примери и такви водичи и посредници пред Себе.

Денешниот ден, исто така, како и секоја недела, ни пренесува и порака за надеж, оптимизам и радост: тоа е пораката што ни ја носи Воскресението на нашиот Господ, тоа е пораката и звукот што ни ги дава Христос со Своите охрабрувачки и надежни зборови: „Во светот ќе имате маки; но бидете храбри, Јас го победив светот“ (Јован 16:33). Тоа е уште пораката што ни ја дава нам, верните чеда на Мајката Црква, увереноста дека „ни портите на пеколот нема да ја надвладеат“ – неа којашто во текот на историјата понекогаш е потресена, честопати и жестоко, но никогаш не е потоната“.

/romfea.gr

Коментар(1)

  1. Св. Григориј Палама е токму беспримерен борец против лажното единство на Православието со неправославните христијански заедници. Борец против изедначувањето на автентичното духовно сведоштво со разните форми на духовно обезвластен подвиг на самопрогласени познавачи (особено на долговековните традиции поставени на лажни темели) и секако: на сите самопрогласени вреднувачи на аскетско-исихастичките патишта на осовојување на благодатта на Светиот Дух . Во случајов г. Вартоломеј се обидува да изврши многу пострашно нарушување дури и од тоа. Да го инструментализира литургискиот празничен календар во алатка на разводенување на квалитетот на Светото Предание, по пат на мешање на две немешливи традиции, што не е право на Истанбулскиот Поглавар кој се осмели да се самопрогласи за Вселенски Патријарх. Секој кој така постапува макар и во тишината на својата размисла, а камоли како гласноговорник од формат кој посакува да биде сесветски, ниту ја разбрал суштината на Православието, ниту знае нешто за суштината на Римокатолицизмот и за останатите христијански конфесии. Тоа е дух кој не ја вкусил Божествената перихореза и сака со прости, човечки движења, лишени од секаква мистична содржина да изврши насилство врз обете, заради своја лична, гола геополитичка самопотврда, за површна светска слава своја или на катедрата на која климаво седи. Должен е да даде богословско објаснување најнапред пред целата Православна Екумена, чиј поглавар се самонарекува, за ваквите неодговорни и безумни повици, и должен е да замолкне пред сите блескави аргументи на многубројните неистомисленици со кои ќе се соочи, заради нивниот неограничен пристап до Славата Божја и до изобилието од духовни дарови и сили што им ги дарува Самиот Бог Кој не гледа на лице ни на облеки и митри, а ја излева Својата безгранична благодат кому Му е угодно и на начин кој го промислил во Својот неиспитливо премудар Домострој. Седењето на прстолот на некогаш славната Цариградска Патријаршија само по себе не е духовен квалитет и не дава никакви ексклузивни права од мистичен карактер.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *