Вселенскиот патријарх Вартоломеј го врати во ѓакон познатиот руски теолог, Андреј Кураев, кој во април минатата година беше лишен од црковниот чин од Рускиот патријарх Кирил. Кураев тогаш ја напушти Русија и замина за Чешка, а руските власти го прогласија за „странски шпион“ поради критиките кон Кремаљ.
Кураев се повика на древното право на апелација пред Вселенската патријаршија и на 3 април доби указ за вратено ѓаконско достоинство, откако Светиот Синод на Вселенската патријарпија одлучил дека лишувањето од чинот не е поради канонски престапи и дека постапката била несоодветна.
Кураев беше долги години критичар на постапките на руската црква, но по почетокот на руската воена агресија врз Украина, отец Кураев зазеде јасна антивоена позиција. Најмногу ја критикуваше црквата поради злупотребата на религиозни аргументи за правдање на војната во Украина. Во август 2022 година беше осуден и плати казна. На 28 април 2023 година и официјално беше лишен од црковниот чин, лично од Патријахот Кирил.
Тој е третиот клирик на Руската црква, кој бараше апелација пред Вселенската патријаршија. Претходно тоа го побараа и добија уште двајца клирици на РПЦ.


На маката се познаваат јунаците, а во искушенијата подвижниците. Волевиот подвиг човек го исполнува според силите коишто мисли дека ги има, а неволните страдања му се даваат за да ги спознае своите граници (во случај да е неподготвен духовно да расте) или напротив: за да ја посведочи својата подготвеност да пострада на Крстот, да ја одживее својата Гетсиманија и подоцна неизбежно – своето лично Воскресение и Вознесение на небесата уште додека е во тело на земјата. Одат да се жалаат на инстанци кои ним им семчинат повисоки и да бараат човечки права за себе оние што немаат намера духовно да растат, оние на кои им е помила човечката слава од Божествената, оние коишто не знаат како да дејствуваат кога благодатта ќе се сокрие, оние што неблагополезно му веруваат на својот ум (на сите свои помисли, значи и на оние што им ги внушуваат демоните), оние коишто не се подготвени да се фрлат во празно, оние за кои духовниот живот е еден вид театар, претстава за јавност. А сите значајни духовни собитија се случуваат во осама, во бесславност, во маки, во поднесување прогонство и навреди заради Христа. Ако човек не може во своето срце да Ја собере целата нему позната Црква, сите нему познати Нејзини членови, ако не е подготвен да се жртвува за Нејзината чест, особено ако бил Нејзин клирик – престанал да се бори за својата светост. Тогаш што друго може да И’ понуди на Црквата!? Сите ли ја засакаа надворешната слава и се одрекоа од внатрешната? Не верувам.