Почетна Вести Христијанство Вселенската Патријаршија за прв пат објави послание на Патријархот и на македонски јазик
Вселенската Патријаршија за прв пат објави послание на Патријархот и на македонски јазик

Вселенската Патријаршија за прв пат објави послание на Патријархот и на македонски јазик

805
1

Вселенската патријаршија годинава, за прв пат, Божикното послание на Патријархот Вартоломеј го објави и на македонски јазик, со што практично направи уште еден чекор на почит кон македонските православни верници.

Оваа одлука на Вселенската патријаршија доаѓа по одлуката од 9 мај да ја врати МПЦ-ОА, како Охридска Архиепископија во канонско единство во православниот свет, како и по историското сослужување во Фанар на Архиепископот Стефан и Патријархот Вартоломеј и на македонски јазик.

Вселенската патријаршија има пракса посланијата на Патријархот за Божиќ и за Велигден да ги објавува на сите јазици на кои Богослужат православните цркви, без разлика која црква кој календар го користи, но она што од оваа година е новина е што меѓу нив е и посланието на македонски јазик. Досега Вселенската патријаршија тие посланија ги објавуваше на грчки, српски, бугарски, албански, грузијски, романски, од пред некоја година на украински, а од денеска и на македонски јазик.

Почитта што Патријархот Вартоломеј и Вселенската патријаршија ја покажуваат кон македонските православни верници на овој начин, е само доказ дека македонскиот, како Богслужбен јазик, ќе биде рамноправен со сите останати Богослужени јазици на останатите православни цркви во големото семејство на Православната црква со издавањето на Томосот за Автокефалност од Вселенската Патријаршија.

Текстот на македонски е објавен на интернет страницата на Вселенската Патријаршија. Во продолжение Ви го пренесуваме интегрално.

 

+ В А Р Т О Л О М Е Ј

ПО МИЛОСТА БОЖЈА АРХИЕПИСКОП КОНСТАНТИНОПОЛСКИ – НОВ РИМ

И ВСЕЛЕНСКИ ПАТРИЈАРХ

ДО СЕТА ПОЛНОТА НА ЦРКВАТА

БЛАГОДАТ, МИЛОСТ И МИР

ОД РОДЕНИОТ ВО ВИТЛЕЕМ СПАСИТЕЛ ХРИСТОС

***

Сечесни браќа Архиереи,

Возљубени чеда во Господа,

Светата Црква денес го празнува Рождеството по плот на предвечниот Син и Слово Божјо, „страното и преславно“ таинство, „сокриено од вековите и родовите“ (Кол. 1, 26). Во Христа конечно се открива вистината за Бога и за човекот, како што најбогословски објаснува свети Кирил Александриски: „Ние сме луѓе по природа, а Он натприродно, од човекољубие слегувајќи, стана човек. Слуги Божји по природа сме ние како твари; слуга се направи и Он, натприродно приведувајќи се, кога стана човек. Но и обратно: Он е Бог по суштина – богови сме и ние, натприродно издигнувајќи се преку благодатта, зашто сме луѓе; Син по природа е Он, синови и ние според положбата, како повикани на братство со Него“ (Кирил Александриски, Книга на сокровишта за Светата и Единосуштна Троица, PG 75, 561).

„Познајте ја вистината и вистината ќе ве ослободи“ (Јн. 8, 32). Господ наш Исус Христос е „патот и вистината и животот“ (Јн. 14, 6), Он е ослободителот на човекот „од ропството на врагот“. Не постои живот и слобода без Вистината или вон Вистината. Можноста да му дадеме на својот живот онакво значение какво што посакуваме не е слобода, туку современа верзија на прародителскиот грев, самозатворање на човекот во една самодоволна и самобендисана самостојност, без осет за слободата како врска со Бога и со сочовекот. Рождеството Христово е време за самопознание, разбирање на разликата помеѓу „Богочовекот“ и „човекобогот“, свесност за спасителното христијанско учење: „Не Го нарекуваме обожен човек, туку Бог вочовечен“ (Јован Дамаскин, Точно излагање на православната вера, PG 94, 988).

Благовесното соопштение на Рождеството Христово годинава созвучи со барабаните на војната и ѕвечењето на оружјата во Украина, која ги трпи страшните последици од една дрска и неправедна инвазија. За нас Христијаните, сите војни се братоубиствени и меѓуплеменски, како што објави Светиот и велик собор на Православната црква: „последица на злото и гревот во светот“ (Мисијата на Православната црква во современиот свет, IV, 1). Во случајот на Украина уште важат зборовите на свети Григориј Палама за нему современите крвави судири помеѓу православните во Солун: „Сите ја стекнавме како заедничка мајка свештената Црква и Православието, чиј началник и совршител е Христос, Божјиот вистински Син, Кој вам не ви е само Бог, туку и брат благоизволи да ви биде и Отец“ (Григориј Палама, За меѓусебниот мир, PG 151, 10).

Во лицето на Христа се изврши „возглавувањето“ на сите, објавувањето на единството на родот човечки и свештеноста на човековата личност, отворањето на патот кон „по подобие“ и се откри мирот „што го надминува секој ум“ (Фил. 4, 7). Христос е „вашиот мир“ (Еф. 2, 14) и Нему Му е посветен историскиот и знаменит свет храм „Свет Мир“ [Агиа Ирини] во Градот на Константин.

Нашиот Спасител ги нарекува блажени „миротворците“, зашто „синови Божји ќе се наречат“ (Мт. 5, 9), ја претставува идејата за праведност и љубов дури и кон непријателите. Православната црква на Божествената Литургија се моли „за мир одозгора“ и „за мир на целиот свет“. „Твојот мир и Твојата љубов дарувај ни ги, Господи Боже наш, зашто ни даде сè“, се молиме, славејќи Го Дарителот на сите добра, во текот на Литургијата на Великиот Василиј. Ние, кои од Бога добивме сè, сме должни, како такви на кои им е извршено врвно добротворство, да се бориме за мирот повеќе отколку останатите луѓе, според библиското: „Кому му е дадено многу, многу и ќе се бара од него“ (Лк. 12, 48). Во оваа смисла, сè што од страна на Христијаните се извршува спротивно на ова начело, не е на товар на Христијанството, туку на оние кои дејствуваат кон престапување на Божествените заповеди.

Никогаш во историјата на човештвото, мирот помеѓу народите не бил состојба што се подразбира, туку секаде и секогаш бил последица на вдахновени иницијативи, храброст и саможртва, отпор кон насилието и отфрлање на војната како средство за решавање на разликите, трајна борба за правда и заштита на човековото достоинство. Придонесот на религиите кон мирот и помирувањето претставува првенствен критериум за нивната доверливост. Несомнено, во религиозните преданија постои поттик не само за внатрешниот мир, туку и за унапредување и востановување на мирот на општеството, преку надминување на агресијата во врските помеѓу единките и народите. Овој факт е особено значаен во нашево време, во кое се промовира ставот дека мирот ќе произлезе како резултат на економскиот развој, издигнувањето на животниот стандард, напредокот на науката и технологијата, преку дигиталната комуникација и интернетот. Ја имаме увереноста дека не е можно да постои мир на народите и културите без мир на религиите, без нивни дијалог и соработка. Верата во Бога ја засилува борбата за еден свет на мирот и правдата, дури и кога овој обид се наоѓа пред ненадминливи, по човечки, пречки. Во секој случај е неприфатливо претставници на религиите да проповедаат фанатизам и да го разгоруваат пламенот на омразата.

Преосвештени и Богољубиви браќа и возљубени чеда,

Христос се раѓа – прославете Го, Христос од Небесата – сретнете Го, Христос на Земјата – возвишете се! Следејќи го поттикот на светиот претходник на Нашето Смирение на Престолот на Константинополската црква, Григориј Богослов, да го празнуваме роденденот на Спасителот на светот во духовна веселба, „не световно, туку надсветовно“, бегајќи од „сè што е излишно и повеќе од потребно; давајќи им на гладните и на другите што молат, кои се од истата глина и смеса [со нас]“ (Григориј Богослов, На Богојавление, односно Рождеството на Спасителот, PG 36, 316). Ви посакуваме на сите вас да имате умилително и славословно свето Дванаесетдневие, кое е вистинско исполнение на времето и зрак од светлината на вечноста. Нека претстојната 2023 година се покаже, по благоволението и благодатта на воплотениот за нас и за нашето спасение Бог Слово, период на мир, љубов и солидарност, вистинска година на благоста Господова.

На многу и благословени години!

Рождество Христово 2022

† Константинополскиот

огнен молитвеник кон Бога за сите вас

Коментар(1)

  1. Цитат од текстот: “Благовесното соопштение на Рождеството Христово годинава созвучи со барабаните на војната и ѕвечењето на оружјата во Украина, која ги трпи страшните последици од една дрска и неправедна инвазија. “. Патријархот останува да појасни како се вика “февруарскиот евромајдан во 2014, со преку 100 мртви, Одеса 2014 со 50+ мртви, и 14000 мртви во Донбас за периодот 2014-2022! Дали тие жртви ги оправдува ? Оти, да го потсетам Патријархот, барабаните бијат од 2014, не од 2022!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *