Почетна Анализа Вселенската патријаршија може да биде порта за македонската автокефалност?
Вселенската патријаршија може да биде порта за македонската автокефалност?

Вселенската патријаршија може да биде порта за македонската автокефалност?

224
1

Колку Вселенската патријаршија е вистинскиот центар каде што Македонската православна црква – Охридска архиепископија треба да го бара признавањето на својата автокефалност? Оваа дилема се отвори во македонската јавност откако неодамна вселенскиот патријарх Вартоломеј изјави дека Вселенската патријаршија е мајка-црква на сите балкански народи. Истовремено, пак, украинскиот претседател Петро Порошенко јавно поведе иницијатива пред тамошниот парламент за поддршка на барањето што треба да биде испратено токму до вселенскиот патријарх за признавање единствена автокефална Украинска православна црква. Интересна коинциденција е и тоа што пред десетина дена украинскиот претседател Порошенко и претседателот Ѓорге Иванов имаа поединечни средби со патријархот Вартоломеј, на кои се претпоставува дека била отворена темата за евентуални признавања на автокефалноста на црквите во Украина и во Македонија.

Сепак, колку македонското и украинското црковно прашање имаат сличности и разлики, дали Вселенската патријаршија може да одигра клучна улога во признавањето на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија од една страна и на Украинска православна црква од друга страна, се прашања за анализа кај македонските познавачи на состојбите во православниот свет.
Низ историјата е познато дека секоја црква има свој пат и својот статус го решавала на различен начин, а на некои цркви им биле потребни и векови за да го воспостават самостојниот црковен статус во православието.

МПЦ веќе има изградено јасен став од кој нема да отстапи, а тоа е дека решението на нејзиниот статус во православниот свет е само признавање автокефалност во суштинска смисла, односно дека посебноста на МПЦ мора да биде изразена со сите елементи што ги има една автокефална црква. Црковниот живот во Македонија се смета за континуитет на некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.
Во таа насока на крајот од минатата година беше и писменото барање на МПЦ до Бугарската црква да се заложи за признавање на автокефалноста, а за возврат БПЦ да ѝ биде мајка-црква на МПЦ. Сепак, од таа иницијатива засега нема конкретни резултати.

Нова надеж за автокефалност

Црковните аналитичари во Македонија сметаат дека отворањето на прашањето за автокефалност пред вселенскиот патријарх од Украина, отвора простор и за решавање на автокефалниот статус на МПЦ-ОА.
Универзитетскиот професор Зоран Макевски, кој долго време се занимава со црковните прашања во земјава, смета дека оваа иницијатива на Украина е и шанса за МПЦ, за да може да го насочи своето барање за признавање на автокефалноста кон Вселенската патријаршија.

– Ако вселенскиот патријарх одговори позитивно на барањето на украинскиот претседател и парламент, тогаш тоа на МПЦ ѝ отвора можност и таа да го насочи своето барање кон Вселенската патријаршија. Колку повеќе цркви се вклучуваат во клубот на автокефални, поголема е шансата за решавање и на нашиот статус – објаснува Матевски.
Сепак, според него, голема е веројатноста Руската православна црква да не се согласи со евентуалната одлука на Вселенската патријаршија.
– Такви случаи има во светот. Кога автокефалност на една црква признава или само Руската црква или само Вселенската патријаршија. Таков пример се Американската православна црква и Естонската автономна православна црква – посочува Матевски.
Сите овие ситуации, како што вели професорот, можат да доведат до одржување Вселенски собор, на кој сите статуси на овие цркви, како и на МПЦ, би биле решавани.

Кој е ставот на Руската црква?

Руската православна црква преку својот неформален министер за надворешни работи Иларион Алфеев веќе навести дека нема да признае каква било автокефална црква во Украина од страна на Вселенската патријаршија, особено ако иницијативата доаѓа од политичките власти.
– Создавањето автокефална црква не е процес што може да биде инициран од политички или световни власти, зашто црквата во денешните држави е одвоена од државата и државата не треба да манипулира со црквата и тоа во функција на некакви предизборни или други политички цели – посочи Алфеев.
Тој истакна дека концептот на создавање една помесна црква во Украина, одвоена од Руската црква се базира на тезата дека независната држава треба да има и независна црква.

– Ако дејствуваме по тој принцип, тогаш на пример Александриската црква треба да се раздели на педесет и повеќе дела, бидејќи таа ја опфаќа цела Африка, а во Африка има педесет држави – вели Алфеев.
Според него, историјата не познава претседател на некоја државата да легитимира црковен раскол.

Секуларноста проблем за иницијативи од политиката

Аналитичарите сметаат дека проблемот во Украина е многу посложен од македонскиот, поради тоа што поделбата по етничка линија е особено изразена последните години по внатрешните судири меѓу проруските и прозападно ориентираните сили. Првата клучна разлика со Украина е тоа што во Македонија 90 отсто од православните верници се припадници на МПЦ-ОА.
Втора разлика помеѓу македонското и украинското општество е и јасната секуларност на Македонија како држава што оневозможува политички иницијативи за решавање црковни прашања.
Македонската јавност не би поддржала парламентот да поднесе барање до вселенскиот патријарх за признавање автокефалност на МПЦ зашто тоа би се оценило како директно мешање во црковните прашања, а познато е дека црквите и верските заедници се одвоени со Устав од државата.

/Радмила Заревска Нова Македонија.

Коментар(1)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *