Почетна Анализа Вселенската патријаршија чека амин од Ципрас и од Грчката црква
Вселенската патријаршија чека амин од Ципрас и од Грчката црква

Вселенската патријаршија чека амин од Ципрас и од Грчката црква

441
1

Вселенскиот патријарх Вартоломеј деновиве се подготвува за посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас и на грчкиот архиепископ Јероним. Официјалните информации од Вселенската патријаршија велат дека на средбите се очекува да се разговара за прашања од заеднички интерес. Аналитичарите, пак, предвидуваат дека повеќе од веројатно е дека тие состаноци нема да поминат без разговор за неодамна доделениот томос за автокефалност на Украинската црква, како и за прашањето за идно добивање томос за Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Особено познавачите на состојбите очекуваат, зад затворени врати, македонското црковно прашање да биде ставено на дневен ред за разговор, затоа што веќе „условот без кој не се можеше“, имено уставните измени, во македонското собрание веќе е изгласан. Така, она што беше предвидено со Преспанскиот договор меѓу македонската и грчката страна е во голем дел реализирано, со што познавачите велат дека „ширум се отвора и вратата за давање зелено светло за автокефалност на МПЦ“ и согласност на Грчката црква за тоа.

Аналитичарите велат и дека Грчката црква има големо влијание во грчкото општество и постојано врши силен притисок врз политиките на државата. Грчките владици беа и дел од организаторите на протестите против договорот од Преспа. За разлика од Грција, Македонија е далеку (по)секуларна држава и тука црквата е одвоена од државата и нема влијание врз политичките одлуки. Од тие причини, според познавачите на состојбите, многу важно за признавањето на автокефалноста на МПЦ е како ќе се позиционира сега Грчката црква.

Инаку, на 6 јануари оваа година вселенскиот патријарх Вартоломеј ѝ го предаде томосот за автокефалност на Украинската православна црква, по што следуваа поделени реакции во православниот свет. Руската црква остро реагираше на оваа одлука на вселенскиот патријарх, истакнувајќи дека е резултат на политички и лични амбиции, како и дека томосот за автокефалност е потпишан со кршење на каноните и нема канонска сила.

Може ли ВП за возврат да бара надлежност врз нашите епархии во Амeрика, Канада, Австралија, Европа?!

Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека прашањето за автокефалност на нашата црква е исклучиво во рацете на вселенскиот патријарх. Тој вели дека самиот нема дилеми дека МПЦ ќе добие томос, особено по признавањето на Украинската црква и по изјавата на цариградскиот митрополит Данаил, дека и Црногорската и Македонската црква треба да бидат признаени.

– Уште сега треба да почнеме да се прашуваме и да градиме ставови околу тоа што од она што ќе ни понуди Вселенската патријаршија ќе биде прифатливо за МПЦ? Што на пример, ако ВП побара да има надлежност врз нашите епархии во Амeрика, Канада, Австралија, Европа, што ако таа сака да биде второстепена судска инстанца за наши внатрешни црковни спорови, што ако таа сака да вари свето миро за МПЦ, што ако сака да не признае како Православна црква во Република Северна Македонија, а не како Охридска архиепископија? Сѐ се тоа важни прашања на кои уште сега треба да имаме став и одговор – истакна аналитичарот Ѓорѓевски.

Пресудна година за МПЦ

Зоран Матевски, професор по социологија на религиите, вели дека во моментот кога ќе се реши проблемот со името на нашата земја и кога сето тоа ќе стапи во сила и од страна на Грција, тогаш ќе се создадат услови и МПЦ да добие томос за автокефалност од Вселенската патријаршија. Очекува во текот на годината тоа прашање да влезе во процедура за решавање, зашто смета дека веќе се создадени политички и црковни услови за тоа. Според него, очигледни се и на најавите за посета на патријархот Вартоломеј на Грчката држава и црква, каде што смета дека ќе се разговара и за македонскиот црковен проблем.

– По доделувањето томос за автокефалност на Украинската црква, МПЦ е на ред. Проблем ќе биде Српската црква, која нема да го признае тој томос, а веројатно истиот став ќе го има и Руската црква. На тој начин уште повеќе ќе се продлабочи тој јаз што и сега постои меѓу Руската црква и Вселенската патријаршија – додава професорот Матевски.

Верскиот аналитичар Цане Мојановски вели дека прашањето со добивање томос за автокефалност на МПЦ ќе добие на динамика, зашто веќе е очигледно дека црквата ги следи политичките промени во земјата.

– Македонскиот томос за автокефалност е во рацете на Вселенската патријаршија, како што и отсекогаш и бил – нагласува аналитичарот Мојановски.

Секоја држава и нација да имаат своја автокефална црква!

Архиепископот на Вселенската патријаршија, Данило, кој беше дел од процесот на признавање на украинската автокефалност изјавил дека го поддржува правото Македонија и Црна Гора да имаат свои автокефални цркви.
– Ја поддржувам тезата дека секоја нација и секоја држава, кои сакаат православна црква, имаат право да ја основаат и да побараат признавање на својата црква од другите православни цркви, вклучувајќи ги Македонија и Црна Гора – истакнал архиепископот од Вселенската патријаршија.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

Коментар(1)

  1. Значи МПЦ нема да добие авткеффалност,, туку Православната црква на Северна Република Македонија, а дека ке ги земе епархиите во Америка, Канада и Австралија, бидете сигурни во тоа, бидејки сака да ја зголеми својата територија, а што е најважно ке му се зголеми и буџетот, бидејки касата му е празна, па сега бара начин како да ја наполни. Цезарево правило, раздели па владеј. И едно најпросто прашање – од 1991 год. кога е избран за цариградски патријарх па се до 2016 год. ја признава УПЦ-МП како канонска, но заради одбиваето на РПЦ да отиде на соборот во Крит ја смени политиката, а инаку тој е прв меѓу еднаквите, што подразбира дека тој нема ексклузивно право да доделува автокефалност, особено пак не на МПЦ, која е наследничка на ОА, и доста со пропагирање дека ние сме заастапувале ерес етнофилетизам, па таа ерес почна од ГПЦ, и ја прифатија сите помесни цркви, а сега пу-пу не важи за нас.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *