Почетна Вести Христијанство Во Загреб при крај изградбата на првата црква на МПЦ во регионот
Во Загреб при крај изградбата на првата црква на МПЦ во регионот

Во Загреб при крај изградбата на првата црква на МПЦ во регионот

285
1

Во центарот на Загреб, во Првата зона, на раскрницата на Загребачка авенија и Савска улица на простор од 800 квадратни метри издигнат е монументален верски објект- црквата посветена на Св. Злата Мегленска. Тоа е првата во регионот, изградена црква на МПЦ-ОА и на македонските православни верници. Изградбата на црквата однадвор е при самиот крај и се гледа нејзината монументалност, а во тек се работите на нејзиното внатрешното уредување.

Продолжувајќи го Фељтонот за Македонците во Загреб, МИА ја посети изградбата на црквата Св.Злата Мегленска и разговараше со првиот редовен парохиски свештеник на МПЦ-ОА во Хрватска, протојереј ставрофор Кирко Велински.

Во Хрватска, постојат четири црковни општини на Македонската православна епархија за Европа. Тоа се Св Злата Мегленска во Загреб, Св.Јоаким Осоговски во Пула, Св. цар Константин и царица Елена во Ријека и Св.Наум Охридски во Сплит.

– Македонците во Хрватска со распадот на Југославија, кога почнаа културно да се организираат, почуствуваа дека без духовно организирање и без црковна општина тоа не би било потполно. По стапувањето во контакт со МПЦ, во Загреб во декември 1993 година регистрирана е првата црковна општина Св. Злата Мегленска, а подоцна се формирани и останатите три црковни општини во Пула, Сплит и во Ријека. Во 2003 година по потпишувањето на Договорот меѓу Владата на Хрватска и МПЦ, македонската црква станува рамноправна верска заедница во Хрватска, со што се овозможи вработување и престој на еден редовен парохиски свештеник на овие простори, по што Синодот на МПЦ во 2003 ме испрати како прв редовен свештеник на Македонската православна епархија за Европа – изјави протојереј ставрофор Кирко Велински, од Русиново-Беровско, кој веќе 15 години е надлежен парохијски свештеник на 4-те црковни општини на МПЦ во Хрватска.

Според последниот попис во Хрватска од 2011 година, 2.409 лица се изјасниле по националност како Македонци со вероисповест на македонската православна црква. Сите тие и останатите Македонци во Загреб и Хрватска, чиј број е многу поголем, заедно со огромниот труд и духовната работа на отец Кирко Велински, во 2010 година во Загреб купуваат земјиште со единствена цел да го изградат првиот македонски православен храм во регионот.

– Со околу 200.000 илјади евра собрани како донација од нашите македонски верници во 2010 година го купивме земјиштето од градот Загреб, добивме локациска и градежна дозвола, ги уплативме сите комуналии, а во октомври 2014 неговото блаженство, нашиот архипастир Г.Г. Стефан со нашиот надлежен епархијски архиереј митрополитот Европски Г.Пимен и со Кумановско-осоговскиот митрополит Г.Јосиф положивме камен темел на црквата, чин на кој присуствуваа сите верски зедници во Хрватска и голем број Македонци од цела Хрватска, но и македонци од Австрија и Словенија кои ја споделија таа наша голема радост – ни раскажа протојереј ставрофор Кирко Велински.

Како што констатираше тој, во моментов во црквата Св.Злата Мегленска во изградба е фасадата, прозорците и вратите, водоводот, греењето, вентилацијата и канализацијата, зафат кој чини околу 300.000 евра и кој е донација на Владата на Р.Хрватска преку Министерството за регионален развој и евроинтеграции и на самите македонски верници.

Проектот на црквата е на архитектот Зоран Бошевски од Загреб, кој е по потекло Македонец. Црквата се простира на 800 квадратни метри и има покрај останатото и милтифункционална сала од 160-200 квадратни метри што ќе се користи за неделни духовни дружења после одржувањето на литургијата, но и како своевидно македонско културно катче за изложби, промоции на книги, предавања и за др. намени, што е од непроценливо значење. Во рамките на објектот изграден е и простран стан за надлежниот епархијски архиереј митрополитот Европски Г.Пимен кога ќе престојува во Загреб,а во станот ќе можат да престојуваат и добронамерници од Хрватска и од татковината, луѓе кои доаѓаат во Загреб со децата на лекување….

Отец Кирковски ја потенцираше и огромната помош и подршка на Р.Хрватска и на Католичката црква и одличната соработка со локалната власт, за што постои „синергија со Хрватска.“

– За овие одлични односи најдобро зборуваат делата. Доказ дека ни се одлични односите е и отстапувањето на четири сакрални објекти во Хрватска, во Загреб, во Сплит, во Пула и Ријека. Тоа се католички цркви кои ни се дадени на користење, без да платиме за тоа никаков наем. Ние ги преуредуваме колку што ни дозволува просторот, во наш амбиент. Еве на пример во Загреб уште во 1995 година ни е дадена на користење прекрасната црква Св.Рок на Роков перивој, која ја користиме 24 години без никаков надоместок, на времено користење, додека не ја изградиме својата црква – кажа отец Кирковски.

Црквата Св.Злата Мегленска во Загреб во голема мерка е речиси завршена, но ни престои уште работа и ја немаме затворено до крај финансиската конструкција, оцени протојереј ставрофор Кирко Велински, но се надеваме дека Господ по молитвите на Св.Злата Мегленска која е наша заштитничка, ќе ни даде и сила и мудрост да можеме што побргу да ја пуштиме црквата во употреба.

– Сите оние кои сакат да вложат дел од себе во ова историско дело можат да не најдат на нашата веб страна, преку МПЦ и ова е ретка можност, оти по прв пат во историјата една македонска православна црква се гради на просторот на бившите држави на Југославија. А вложувањето во црквата е човекот сам да се вгради во неа, а потоа црквата нас да не изградува како личности. Ние ги запишуваме сите донатори во една книга и секој кој ќе донира, може да каже дека и тој помогнал макар и со една тула да се изгради овој објект и со тоа да остане вечен овде на земјата и да си помогне за душата на небото – порача на крајот од нашата средба во Загреб првиот редовен македонски свештеник во Хрватска, протојереј ставрофор Кирко Велински.

/МИА

Коментар(1)

Напиши одговор на Методиј Cancel reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *