Почетна Проповеди Во спомен на просветителот од Теарце
Во спомен на просветителот од Теарце

Во спомен на просветителот од Теарце

189
0

Светата црква устроила секој ден од седмицата да е посветен на определена личност или настан. Саботата е посветена на упокоените, за сеќавање кон нив и за молитви. Црквата не престанува да се моли и за своите порано упокоени, затоа што со смртта тие не престанале да бидат нејзини членови, бидејќи „во Бога сите се живи“ (сп. Лука 20,38). И ние во оваа сабота од Третата недела на Великиот пост, дојдовме во Лешочката света манастирска обител, сеќавајќи се на ликот и делото на големиот просветител Кирил Пејчиновиќ – Тетоец (1771-1845), со молитви да ја одбележиме 173-ри годишнината од неговото упокоение во Господа.

Стоејќи покрај неговото вечно почивалиште, во близина на неговото родно Теарце, во манастирот, каде ги поминал последните години од својот земен живот, погледнувајќи во надгробната плоча и читајќи го неговиот надгробен епитаф, неколкуте стихови, кои самиот со своите сопствени раце ги издлабил во оваа плоча и со кои накратко автобиографски ни го опишал својот живот, неможам да останам рамнодушен пред тајната на времето, животот и смртта и да не ги кажам зборовите на Проповедникот: „И ќе се врати правот во земјата како што си бил, а духот ќе се врати кај Бога кој го дал“ (Проп 12,7), зборови кои длабоко нè потсетуваат на реалноста, на единствената вистина дека животот на земјата е дар што Господ го дава и дека тоа постоењето на земјата, всушност е кратко патување кон вечниот живот во нашата вистинска татковина, во Небесното царство при нашиот Троичен Бог. Тоа многу добро го знаел нашиот просветител Кирил, кој секаде каде и да бил, од родното Теарце, па преку светогорскиот манастир Хиландар и Пречиста Кичевска, низ Марковиот манастир, сè до своето последно почивалиште овде во Лешок – секојдневно се трудел да живее, чекорејќи од смрт во живот и да допринесува тие Божји вистини, преку делата Огледало и Утешение грешним, но и преку неговите проповеди да стигнат и до неговиот народ и тоа на народен и разбирлив јазик.

Почитувани,

Секојдневно сме сведоци дека „Род еден си заминува, и род друг доаѓа“ (Проп. 1,4), и сведоци сме дека делата се најголем потсетник и најголемиот споменик што човека сам си го подига. Такви дела направи и скромниот некогашен игумен на овој манастир, упокоениот Божји слуга Кирил, кој со помош на поимотните верници успеал да го обнови овој свет манастир и да отвори училиште во кое ги подучувал младите и старите. Успеал поуките да ни ги остави и нам – неговите наследници и браќа и сестри во Христа, Кој е нашето воскресение, живот и покој. Нам како вечна порака од него ни останува да ги прочитаме неговите дела, да се сеќаваме на неговиот живот, да го посетуваме и помагаме неговиот манастир и неговиот гроб, бидејќи тој доста направил за нас низ целиот свој живот.

Возљубени,

Денес, сеќавајќи се на нашиот преродбеник од Теарце, гледаме дека не е важно човек колку ќе живее, туку како ќе живее и што ќе остави зад себе. Ете, тој ни остави многу дела зад себе, направи дела со кои сите се гордееме и изгради спомен за себе пред својот народ и пред својата Црква овде на земјата, но и горе на небото. А, тој спомен е најтраен и вечен. Нашите денешни сеќавања и молитви кон семилостивиот Бог наш за покој на неговата душа се најголем доказ дека неговиот спомен е вечен.

Пишува: Јосиф, Митрополит Тетовско-гостиварски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *