Почетна Вести Христијанство Во посета на Бигорски манастир Архиепископот Михаловско-кошички г. Георгиј од Православната црква на чешките земји и Словачка
Во посета на Бигорски манастир Архиепископот Михаловско-кошички г. Георгиј од Православната црква на чешките земји и Словачка

Во посета на Бигорски манастир Архиепископот Михаловско-кошички г. Георгиј од Православната црква на чешките земји и Словачка

758
0

Во поклоничка и братска посета на Свештената бигорска Обител денеска допатува неговото Високопреосвештенство, Архиепископот Михаловско-кошички г. Георгиј од Православната црква на чешките земји и Словачка, заедно со својата чесна придружба, презвитерите Василиј и Богуслав.

-Ценетиот гостин беше гостољубиво пречекан со свечен манастирски пречек иподохи, кој му доликува на архијерејското достоинство. По молитвената поворка за пречек со Светото Евангелие, во сечесниот Храм на Претечата беа испеани пригодните песнопенија за дочек на Архијереј, а потоа нашиот старец, епископот Антаниски г. Партениј и игумен на Свештената бигорска Обител, му упати на Архиепископот поздравно обраќање, информираше отец Кирил за МИА.

Во обраќањето тој му посака добредојде, додавајќи дека секогаш кога доаѓа архијереј во манастирот, за Обителта е „посебна радост и тоа го сметаме како празник во Господа“.

-Ова важи уште повеќе сега кога нашата помесна Црква е во канонско единство со сета православна екумена, па така, го имаме тој благослов сè почесто да доаѓаат гости кај нас. Со тоа ние на наш терен ја почувствуваме соборноста на православната Црква. Се радуваме што благоволивте да ја посетите нашата Света Обител која има долгогодишна историја. Имено, пред две години таа ја прослави илјадагодишнината од своето постоење, кога во далечната 1020 година беше основана од византискиот цар Василиј II и ктиторот на нашата Света Обител, кој воедно се јавува и како прв Архиепископ Охридски – Свети Јован Дебранин, рече владиката Партениј.

Во оваа пригода тој му подари една архијерејска енколпија, изработена токму по повод илјадагодишнината на Свештената Бигорска Обител.

-Големи ми се благословот и честа што денеска влегувам во оваа Света Обител, која е една од најубавите и најомилените на целиот Балкан! За мене е голем благослов тоа што ми се даде можност да се сретнам лично со Вас, кој сте мошне познат во целиот православен свет, а и со сето Ваше братство. Од срце се заблагодарувам за неочекуваниот пречек! Ние дојдовме кај Вас како прости патници, верници, со цел да се поклониме на Светињите, да земеме благослов од оваа Света Обител, а Вие нè дочекавте како вистински свои браќа и тоа на величествен начин, рече г. Георгиј.

Тој го пренесе поздравот и благословот на светата моравска земја, затоа што „нашите две помесни православни Цркви се многу поврзани меѓу себе, почнувајќи од мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј“.

-Она што денес може да се види во Охрид; ова што може да се види овде, во оваа света Обител, ќе можеше да се види и кај нас, доколку не беа протерани учениците на Светите Кирил и Методиј. Но благословот благоволението Божји биле други, па така ние денес доаѓаме од Кирилометодиевска Моравија, за да се поклониме на делото и мисија на Светите Климент, Наум, Ангелариј, Горазд, Сава – кои дејствувале на овие свети простори. И не само преку Кирилометодиевската мисија сме поврзани ние, Преосветен Владико и досточесни отци, туку во свое време и преку Битолската богословија, која пред Втората светска војна подготвила доста свештеници и богослови за тогашната Чехословачка, денешните Чешка Република и Словачка. Поврзани сме, се разбира, и преку словенскиот јазик и што е најважно, преку светата православна вера. Особено се радуваме што можеме одново да заедничариме во едната евхаристиска Чаша и да Го прославуваме нашиот Господ Исус Христос, хранејќи се за живот вечен и за благослов, наш и нашите помесни црква, посочи тој.

Исто така сликовито го прнесе моментот кога се случило канонското единство на нашата света Црква.

-Кога се случи канонското единство на вашата света Црква, нашиот народ во епархијата, но и не само таму, туку и во целата наша помесна Црква, ова го знам, бидејќи многумина ми пристапуваа отсекаде, го дочекаа тој миг со солзи. Ние можеби не се познававме досега, но тоа што го кажав, тие духовни врски се чувствуваат кај нас и ние се радуваме одново и му благодариме на Господа, што помеѓу сите тие лоши вести од православниот свет и не само, ова што се случи пред неколку месеци беше навистина една позитивна вест, која покажува дека Црквата Христова е права Вселенска Црква, која има дар да го исцели секого и сите. Уште еднаш Ви се заблагодарувам за неверојатниот пречек и за Вашата љубов, нагласи Архиепископот Михаловско-кошички г. Георгиј.

Потоа Архиепископот и отците имаа средба со г. Партениј, на која разговарале за повеќе актуелни теми во православната екумена. Исто така гостите ги разгледале содржините на манастирскиот комплекс, а во Бигорската книгохранителница разговараа со библиотекарите за теми поврзани со Литургиката и со современите преводи на Светото Писмо.

/МИА

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *