Почетна Коментар Во домот на духовната Мајка
Во домот на духовната Мајка

Во домот на духовната Мајка

429
0

Во животот, човекот многу пати е исправен пред прашањата што бараат избор, кои бараат одлука како да се продолжи понатаму. Едно од тие прашања е определбата како ќе се образуваме и што ќе биде нашата животна професија, на што и за што ќе ги посветиме годините на нашиот живот, своите сили и своите капацитети.

Така ние, многубројните генерации дипломирани богослови, завршувајќи го основното образование во местата на своето детство, се одделивме од безгрижноста и познатото и, запишувајќи се во Богословијата, како да зачекоривме во вистинскиот живот – соочувајќи се првпат со вистинската одговорност, и тоа во едно поинакво опкружување, за какво дотогаш речиси никој од нас немаше опит, во кое владееше атмосфера на дисциплина, правила, заедништво… Ова беа првите впечатоци кога го преминав прагот на Македонската православна богословија. Но уште на почетокот бев сигурно и цврсто убеден, наоѓајќи се на првиот училишен ден во училницата полна со непознати деца, дека тука сум со цел и дека треба да ја остварам таа цел – да се образувам и да учам, да ја почитувам институцијата, да создавам пријателства, да ги радувам своите родители со успесите… Суштинското сè уште го немав сфатено – за што навистина сум се определил да бидам, да работам и, најважното, како треба тоа да го работам. Колку и да беа стравот од непознатото, несигурноста и првобитната осаменост присутни, толку беше восхитувачко првото откровение – дека јас сум во домот на мојата духовна мајка. Подоцна вистински ја почувствував нејзината љубов и грижа, нејзината мајчинска прегратка – нешто што и до ден денес го чувствувам и за што на Бога Му благодарам.

Концептот на Богословијата, со интернатскиот живот, петгодишното школување, високото ниво на дисциплина и строго одреденото секојдневие, беше тежок за младиот човек, кои во тие години навлегуваше во пубертетскиот период, во кој слободата се сфаќаше единствено низ призмата на немањето граници, на неограничувањето. А ние, учениците, бевме ограничени во просторот и времето, а згора на тоа бевме поставени и пред предизвикот – преку наставната програма и богослужбениот поредок да се запознаваме со нешто за нас ново, дотогаш непознато, или малку познато. Нашата логика, градена врз емоциите, а не врз расудливото размислување и врз искуството, кое неминовно и го немавме, насочуваше да гледаме разочарувања, да доживуваме емотивни страдања. И колку ова некогаш да беше така и да беше факт, сепак, повеќе беше гледање на нашата младост, беше процес кој неодминливо го поминува секоја личност во своето градење, во своето телесно и духовно растење, без разлика каде се наоѓа.

Сепак, Бог промислуваше поинаку. Полека многумина сфаќавме дека ние во целиот тој концепт сме заштитени и прибрани. Сме оттргнати од светот и неговото влијание. Колку и да бевме лишени од некои нешта, за кои и подоцна во животот има време, сепак, поголема и поважна беше придобивката од градењето на нашата личност во услови на трпение, смирение, послушание, што придонесуваа за стекнување на  свесност и пожртвуваност, како и знаење за тоа што е примарно и поважно. Богословијата стануваше тврдина, чии ѕидини нè заштитуваа, а не нè ограничуваа, всушност нè правеа слободни. Стануваше, во преносна смисла, манастир, кој има свој типик, а ние, кои доброволно сме тука, живеме во послушание кон тој типик и кон игуменот на овој манастир – Ректорот на Богословијата, и кон постарите собраќа – професорите и воспитувачите. Искушенијата постоеја, но и се надминуваа. Некои траеја пократко, некои подолго, но нам, богословите, задачата ни беше да се образуваме, да учиме и наученото да го примениме, да сфатиме дека треба да се занимаваме со себе, а заради себе, но не и со другите или другото.

Секако, неодминливо важна улога во овој образовен процес, и духовен и интелектуален, беше духовниот елемент – редовните богослуженија, светотаинскиот живот, постот и послушанијата, позитивниот духовен опит кои го имавме со некои од професорите итн.

Уште како ученици бевме поставени пред задачата на одговорноста. Богословите не се како другите ученици низ образовниот систем на Република Македонија. Пред нив не постои само потребата да научат за Бога и за смислата на постоењето и живеењето, туку стануваат одговорни и други да научат, да ги насочат на патот на спасението. Стануваат одговорни пред Бога, пред Црквата воопшто, како и пред Македонската православна црква, пред своето паство, односно верниот народ. Богословијата нè научи на вистината, на длабоката смисла на евангелското слово, на восхитувачкиот духовен опит на отците, на верата и надеждта на мачениците, на љубовта на преподобните, на прекрасното предание на Црквата Христова, на почитување на редот и поредокот, на Литургијата и светите тајни, нè научи како да Го љубиме и славиме, како да Му благодариме на Бога и да Го молиме за сите и за сè, како и на тоа да ја сакаме својата духовна мајка – Македонската православна црква и непоколебливо да се грижиме за нејзиното опстојување и за нејзиното право да е дел од едната, света, соборна и апостолска Црква.

Покрај другите работи, најскапоцената придобивка за сите, но и поединечно за секого од живеењето и учењето во Богословијата, е стекнатото пријателство. Петгодишното дружење и заедништво во сите прилики: во молитвата, на трпезата, во собите, на часовите, на излезите, потоа делењето од сопственото со сите и споделувањето на маките и радостите – стана за секој богослов најголема вредност и богатство кое, во помала или поголема мера, се чува и денес.

Светиот апостол Павле, во своето послание ги поучува Евреите на благодарност кон оние што им го предале сведоштвото за Христа. Помнете ги вашите учители, кои ви го проповедаа Словото Божјо, вели тој (Евр. 13, 7). Иако овој стих се однесува на учителството како дар, а не како конкретна професија, сепак, секогаш упатува на почит и благодарење. Во Богословијата имавме многу учители, различни профили на луѓе и со различни капацитети, и духовни и интелектуални. Сите ги обединува едно големо нешто – што нам, своите ученици, ни Го покажуваа и докажуваа Бога, нè упатија во Неговото слово и ни го оставија аманетот да стоиме и да ги држиме преданијата што ги научивме (2. Сол. 2, 15).

Кога денес богословите ќе се најдат на исто место, и кога разговараат и се присетуваат на деновите поминати во Богословијата, на разните ситуации, случки и доживувања, како по правило се запрашуваат: Дали повторно би учеле во Богословијата? Не се сомневам дека најголемиот број одговораат позитивно, зашто верувам дека секој е доволно свесен, искрен и благодарен за тоа што Бог му го дарувал преку учењето во Богословијата.

Бог преку својата промисла ме удостои да бидам и ученик, и воспитувач и професор во ова македонско духовно училиште. Сите имаат своја тежина, убавина, но и одговорност. И кога човекот ќе биде, условно кажано, и на двете страни – ќе умее вистински да го доживее, од сите аспекти, функционирањето на Богословијата, а и ќе го увиди значењето и важноста на Средното богословско училиште за животот на Македонската православна црква.

Нештата, ако е потребно треба да се менуваат, па оттаму, согласно современите потреби и навики, и воопшто околностите во кои егзистира денешниот човек, треба да се даде поинаков (друг) облик на функционирањето на Богословското училиште, како во интернатскиот живот, така и во наставните програми.  Но она што останува јасно, и никогаш нема да се промени, е дека Богословијата и богословите се и треба да се движечката сила на нашата света Црква.

Пишува: Презвитер Бобан Митевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *