Почетна Вера Владиката Тимотеј беседеше пред Стружани
Владиката Тимотеј беседеше пред Стружани

Владиката Тимотеј беседеше пред Стружани

1.93K
0

Во Неделата на блудниот син и на празникот на светите Три Светители: свети Василиј Велики, свети Григориј Богослов и свети Јован Златоуст, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот Никола Христоски, свештениците Васко Голабоски и Петре Бојчиноски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Timotej 1
Во денешното евангелско четиво, прочитано на светата Литургија, ја слушнавме параболата за блудниот син. Се растажуваме со таткото кој го изгубил синот, но, и се жалостиме со синот кој се нашол во таква жална и тешка положба. Се жалостиме со оној кој блудно го потроши имотот на својот родител. Но, слушајќи ја оваа парабола, тагата преминува во радост, се радуваме со радоста на таткото кој доживеал враќање на блудниот син, како и со радоста на блудниот син, што нашол сила и храброст во себе, да се покае и да се врати кај својот родител.

Timotej 2
Во историјата на блудниот син секој грешен човек може, а и должен е да се согледа себеси и својата судбина. Да ги согледа своите заблуди, престапи, отстапки, а во исто време, и можност да се врати од сите тие погрешни патишта. Секој човек е должен да ја чувствува благодатта и радосното престојување во домот на својот родител. Но, не само да ја чувствува родителската љубов, туку, истата и да ја ползува. Но, ние, често пати знаеме, како блудниот син, да избереме погрешни патишта и да живееме гревовно и самоволно.

Во оваа парабола Господ Исус Христос ни укажува, како ние се однесуваме, не кон телесниот и земен татко, што само по себе не го исклучува и тоа, туку, нашиот однос кон Отецот Небесен. Ни покажува во каков однос треба да бидеме и во каков однос се наоѓаме. Бог Отец е Отец на сите. Сите луѓе се чеда на Небесниот Отец и помеѓу нив има едно заедничко, односно, луѓето се браќа и сестри во Христа Бога. Во Отецот Небесен има многу љубов, милосрдие и трпеливост. Бог е апсолутна љубов. Он, милоста и штедроста богато ја излива врз сите луѓе, како на добрите, така и на лошите. Како на покорните, така и на непокорните деца. Небесниот Отец ни ги дава сите потрепштини, а од нас и од нашата слободна волја и од нашиот личен избор зависи како тие ќе ги исползуваме. Бидејќи сè што ни е од Бога дадено, дадено ни е за да спелачиме вечен и блажен живот.

Често пати ние се раководиме не според Божјата волја, туку, според нашето разбирање и ги ползуваме Божјите добрини за погрешни патишта. Божјите добрини ги користиме за гревовен живот, при што, не само што го разнебитуваме имотот на родителите, туку, го уништуваме и нашиот живот. Ако секој еден од нас, во себе најде сила и храброст да се анализира себеси, ќе види дека сите ние знаеме да заборавиме на Небесниот Отец. Забораваме на правдата и љубовта кои ни се дадени од Него. Но, настапува и време, како кај блудниот син, особено после некое големо разочарување, и кога ќе си дојдеме на себеси, се враќаме како блудни синови кај нашиот Отец Небесен.

Timotej 3
Блудниот син во себе нашол сила и се вратил кај својот отец. Побарал да биде наемник кај него, но, примен е како возљубен и најсaкaн син, и дадени му се сите почести. Секој еден од нас, независно колку и да се оддалечил од Црквата, од правдата, од вистината, поточно, од Бога, само да најде во себе сила и повторно да се врати кај Изворот на светлината и љубовта, веднаш ќе прими простување од Небесниот Отец. Блудниот син бил уште далеку од татковиот дом, а отецот му оди во пресрет ширејќи ги своите раце, го прегрнува и му проштева со својата родителска љубов. Таква е судбината на секој грешник кој се кае. Бог, Кој е љубов, му ги простува сите грешки и престапи.

Денеска, светата Црква ги прославува и светите три ерарси, Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст. Овие големи учители на светата Црква го проповедале словото Божјо и ја утврдувале Црквата во нејзината доктрина како вистински пастири на словесното стадо Христово.

Да се обратиме со искрена молитва кон нив, тие да бидат наши молитвеници и подржувачи во нашиот од кон Бога. Па, и ние, како блудниот син, да најдеме сили и храброст да побараме прошка за сите наши престапи и отстапки од вистинскиот пат и да ја доживееме љубовта на Небесниот Отец, а преку тоа да спечалиме вечен и блажен живот. Амин!

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *