Почетна Коментар Вистински слободен е само оној што се бори со страстите и злото во себеси
Вистински слободен е само оној што се бори со страстите и злото во себеси

Вистински слободен е само оној што се бори со страстите и злото во себеси

1.58K
0

Вчера, пак, кога го објавивме наш став за Договорот за пријателство помеѓу Р. Македонија и Р. Бугарија, со нашиот најбратски сосед, некои веднаш вербално нè нападнаа. Бев известен дека, меѓу другото, во коментарите имало и такви што велеле дека ние сме најголемите предавници и расипници; дека манастирот е мислиш најубавата приватна куќа во Македонија; дека, ете, бил многу скапо направен и дека со средствата дадени за изградба би можеле да се нахранат многу сиромашни… Немаме било каква потреба да се оправдуваме: самиот македонскиот народ сведочи колку сиромашни се хранат овде. Очигледно коментарите од таков вид се злонамерни.

Секако, овде не ги имам предвид пристојните забелешки на оние што не се согласуваат со нашиот став – секој има право на свое мислење – туку оние што навредливо и зајадливо нè осудуваат. Она што сакав да го кажам е тоа дека сè што е направено во овој манастир е од благоверниот македонски народ за слава Божја и повторно за народот. Веројатно некој се соблазнил од просторијата наречена ’велик синодикон‘, или можеби од библиотеката. Но зарем не ги направивме тие простории, и тоа најмногу со свои сопствени раце, да бидат украс на Светилиштето на Светиот Претеча и на нашиот народ? А што се однесува до монасите, сведочам пред Бога дека тие живеат во малечки и скромни одаи, наречени ќелии, во кои од материјален имот имаат само еден кревет, плакар, работна масичка, икони и книги. Во тие ќелии тие се молат не само за својата Татковина, туку и за сиот свет… Немам намера повеќе да објаснувам – секој си има слобода да коментира што сака, само треба да бидеме свесни дека на крајот според зборовите свои ќе бидеме оправдани или осудени (Сп. Матеј 12,37).

Голем благослов Божји за секоја личност е нејзината слобода. Истото важи и за сенародната слобода. Денес, фала Му на Бога, ние како народ и држава живееме во богодаруваната ни слобода. Господ нека ни ја чува до крај! А верувам дека ќе ни ја чува, затоа што сè уште имаме добри и посветени Христијани кои се борат со гревовите, страстите и злото. Тие луѓе се вистински слободни и како такви можат да се изборат и за слободата на другите. Само оној што се бори против својот егоизам и гревовните желби, знае да покаже саможртва за ближните околу себе. Таквиот знае да се жртвува и за Татковината. Оние, пак, што се оддаваат на страстите, особено на најстрашните денес – себеугодувањето и среброљубието – тие не гледаат ни на најблиските да им помогнат во основите потреби, а камоли, пак, да допринесат за општото добро на целиот народ и на Татковината. Сведоци сме дека честопати се случува таквите страшно острастени личности да се докоснат до владеачки позиции, несомнено, по Божјо допуштение. Тогаш неминовно страда целиот народ…

Ќе повторам пак: вистински слободен е само оној што се бори со страстите и злото во себеси.

Монасите, се разбира, оние пожртвуваните и посветените, се најдобар пример за слободни личности… Нив треба да ги почитуваме. Не сакам да го сфатите ова како самопофалба, бидејќи јас, иако монах, сум многу грешен и не заслужувам никој да ме почитува, но сигурен сум дека овие браќа заслужуваат. Бидејќи јас сум нивен духовник, знам колку се борат, колку духовни рани претрпуваат за своето лично, но и за спасението на мнозина. Доаѓаат кај мене и ми велат: „Оче, имав помисли да го направам тоа и тоа, но со Божја помош се изборив“. Светот денес му предлага многу нешта на монахот, тој е страшно силен.

Деновиве разговарав со едно мое духовно чедо од Англија и бидејќи не знам многу добро да ракувам со мобилен телефон на допир, на несакање ми се вклучила камерата. Го гледам ликот на духовното чедо и се чудам… Се гледаме меѓу себе и разговараме. Со ова сакам да кажам колку светот денес е соблазнителен за еден млад монах – насекаде искушенија. А овде в манастир не на секого му е благословено да има мобилен телефон. И оние што имаат, го користат само по потреба и со благослов. Го зедов телефонот како најпрост пример; што останува, пак, со останатите нешта?!

Па така, монасите се нашите нови херои кои ја бранат Татковината на првата линија од духовното борбено поле. Следствено, и ние имаме слобода да искажеме некогаш наше мислење за некои важни случувања од политичкиот живот во Македонија, за нешто што го засега обичниот верник и современиот граѓанин. Токму затоа вчера излеговме со наш став и поддршка за договорот со братска Бугарија. На тие што нè навредуваат и осудуваат, најдобронамерно им посакам Господ да ги просветли да разберат дека Договорот што се потпиша вчера е еден голем историски чин што ќе ѝ донесе добро на Република Македонија.

После Илинденското востание, АСНОМ и осамостојувањето на Македонија, ова е Четврт Илинден.

Се надеваме и веруваме дека од денес ќе започне една подобра иднина за нашата напатена, многустрадална Татковина, на која и треба поддршка не само од еден соседен народ и земја, туку од сите народи и земји што нè опкружуваат, за еднаш засекогаш да се стави крај на омразата меѓу братските балкански народи. Нашите надежи ги полагаме во милоста и правдата Божја, како и во молитвите на нашите предци, на нашите многубројни Светии.

Чувте пред малку како се кажува во молитвата дека Бог покажал од нашиот народ „велики црковни отци и учители“, како, на пример, Светите Браќа Кирил и Методиј, и нивните Свети ученици Климент, Наум, Сава, Горазд, Ангелариј, кои во тоа време со евангелската светлина го просветлиле не само огромниот словенски народ, туку половина Европа, делови на Азија и многу други народи. Тие Свети Христови Рамноапостоли направиле огромно цивилизациско дело и го задолжија светот, а особено нас, со непроценливо духовно богатство.

И денешните Христијани што се трудат во подвигот за доброто, прават не помало дело за добробит на општеството. Тие наликуваат на светите Маченици, бидејќи, иако од нив не се бара со својата крв да сведочат за Христа, сепак тие пролеваат духовна крв, борејќи се со многу силниот световен дух; дух кој сака да разори сè што има вистинска морална вредност.

Гледаме како во модерното општество владее една страшна тенденција насочена против сите традиционални христијански вредности. Нејзе треба сите да ѝ се спротивставиме. Постојано слушаме како многумина наши сожители копнеат да бидат европски граѓани, да бидеме дел од Европа… Да, но треба да размислуваме и со свој ум што од тие европски вредности ќе прифатиме, а што не. Да не дозволиме да биде исто како во времето на социјалистичкото едноумие.

Многумина тогаш без расудување го прифаќаа она што им го сервираше партиското раководство. Духовната штета што произлезе од тоа се чувствува и до ден денес. Останаа здрави само оние семејства каде што се спомнуваше и славеше Бог. Се сеќавате вие повозрасните, како нашите побожни баби и дедовци нè советуваа: „Иако на училиште ви зборуваат дека Бог не постои, сепак вие верувајте во Него и почитувајте Го“. Така и сега – оние семејства што ќе се држат до Евангелието и до неговите единствено вистински вредности, ќе одгледаат здрави и богоугодни личности.

Бог да го испрати Своето просветление, та што повеќе луѓе да се озарат од Неговата убавина и да Му ја предадат Својата слободна волја за Он да може повеќе да дејствува.  Амин!“

Архимандрит Партениј – Игумен на Бигорската Обител

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *