Почетна Вести Регион Виножито со писмо побара од Вселенскиот Патријарх служби на македонски јазик во црквите во Грција
Виножито со писмо побара од Вселенскиот Патријарх служби на македонски јазик во црквите во Грција

Виножито со писмо побара од Вселенскиот Патријарх служби на македонски јазик во црквите во Грција

248
0

Како православни христијани, етнички Македонци во Грција, бараме во нашите цркви да може да се применува и нашиот мајчин современ македонски јазик, кој припаѓа на поширокото семејство на јужнословенските јазици чија азбука е измислена во 9 век во Солун, од светите Кирил и Методиј, пишува во писмото кое Виножито, партијата на Македонците во Грција го испрати до цариградскиот патријарх Вартоломеј.

Виножито потсетува на грчката репресија од почетокот на минатиот век во однос на преименувањето на македонските села, на прогоните, на насилната промена на личните имиња, на уривањето на македонските православни храмови, на уништувањето на натписите на кирилица…

-По ратификацијата на Преспанскиот договор меѓу Република Грција и Република Северна Македонија, ние веруваме дека дојде време да се стави крај на неправдата врз домородното македонско малцинство, македонските православни христијани, етнички Македонци на територијата на Грција, за да можеме да си ги извршуваме нашите верски должности на нашиот јазик… Сакаме нашите луѓе да можат да пеат и да слушаат молитви на нашиот мајчин современ македонски јазик и да ги крштаваат нашите деца со нашите традиционални имиња – Зора, Софка, Стојанка, Борис, Златан, Дора, Стојко, Томе, Борка, Гоце, Велика, Кирил, Славе, Трајко, Стојан, Петко, Цвета, Трајчо, Трајанка, Ристо, Петко…“, се вели во писмото на Виножито до цариградскиот патријарх Вартоломеј.

Во продолжение целото писмо од Виножито до Вартоломеј.

До Неговата Божествена Сесветост
Архиепископот Константинополски
на Нов Рим и Вселенски Патријарх
г. г. Вартоломеј

 

Ваша Сесветост,

Со ова писмо сакаме да Ви предочиме важни прашања и, истовремено, барања кои се однесуваат на нас, православните христијани од малцинството на етничките Македонци во Грција.

Бараме да ни се даде богослужба на нашиот мајчин, современ македонски јазик, кој припаѓа на поширокото семејство на јужнословенски јазици, со азбуката која ја измислија во 9-от век рамноапостолните свети Кирил и Методиј, по потекло од Солун.

Поточно, посакуваме Божествената Литургија да се служи и на современ македонски јазик, барем во неколку недели од годината, во областите од Грција каде што живееме ние, македоноговорните православни христијани, етнички Македонци, грчки граѓани.

Дозволете ни да Ве известиме подробно:

За жал, ние тукашните домородни, македоноговорни, етнички Македонци, православни христијани од Новите земји, по 1913 година бевме приморани, поради прогоните и забраните, да ограничиме многу свои човекови права во јавниот живот, како би преживеале.

Од почетокот на минатиот век, црквата, државата и парадржавата во Грција, некогаш тајно, некогаш со јавно насилство, закани и заплашувања ни го променија јазикот, нашите имиња и нашиот етнички идентитет.

Во минатото, митрополити во Северна Грција беа иницијатори за рушење на стари македонски православни храмови со фрески и натписи на кирилска азбука, а со изговорот дека биле готови да се срушат.

Дури и денес сме жртви на тивко непријателство и омраза од значаен дел на клириците од митрополиите на Новите земји и токму таа е причината што се обраќаме директно до Вас, преку нашиот политички орган „Виножито“.

Знаејќи дека митрополиите на Новите земји во Северна Грција припаѓаат на Вашата пастирска јурисдикција, Ве молиме да се зафатите и да ги прифатите нашите барања.

После ратификацијата на Преспанскиот договор, помеѓу Република Грција и Република Северна Македонија, веруваме дека дојде време да се стави крај на неправдата кон нас, припадниците на овдешното малцинство на македоноговорни православни христијани, етнички Македонци под грчко владение, што сме потчинети на митрополиите на Новите земји и да се најде решение за нашите религиозни потреби, што се однесуваат на нашиот јазик, преку еден искрен дијалог помеѓу сите страни.

Сакаме да нè прегрнете со истата топлина како што ги прегрнувате малцинските Ромеи од Константинопол. Не постои демократија без толеранција кон малцинствата. Тоа е нешто што и Вие, Ваша Сесветост, го потенцирате кон сите насоки, во секоја прилика.

Бараме од Вас, нашиот највисок верски пастир на Земјата, да придонесете со разбирање кон нашите верски права како малцинство, да пееме и да ги слушаме молитвите на својот мајчин, современ македонски јазик и да ги крштеваме децата со своите традиционални имиња.

Би било благословено дело ако имаме една средба, за да Ве известиме во кои парохии на митрополиите од Новите земји живееме ние, православните христијани, етнички Македонци, кои сакаме да ни се врши Божествена Литургија, покрај грчкиот јазик, и на современ македонски јазик, со наизменично пеење на молитвите, еднаш на едниот јазик, еднаш на другиот, барем неколку недели во годината.

Исто така, Ве молиме да дозволите -затоа од Вас бараме да ги известите свештениците од митрополиите на Новите земји- како при крштевките, така и при спомнувањето на покојните православни христијани, етнички Македонци, да се читаат нашите традиционални, македонски имиња: Зора, Софка, Стојанка, Борис, Злата, Доре, Стојко, Томе, Дорка, Гоце, Велика, Кирил, Слава, Трајко, Спасе, Кољо, Китка, Стојан, Петко, Митре, Света, Трајче, Трајанка, Светко, Ристо, Петка, Васка…

Како потврда на нашите барања, приложуваме и расказ од еден псалт, кого војничката служба го донела во нашите краишта пред околу петнаесет години.

Овој расказ што ќе го прочитате, јасно го изразува од една страна незадоволството на македоноговорните верници, православни христијани од Новите земји, но од друга страна и тешката положба на свештениците, кои се приморани при читањето да ги менуваат имињата на верниците при вршењето на таинствата, додека и самите свештеници знаат дека се поинакви нивните вистински имиња, со кои ги нарекуваат сите во месната заедница.

Во најмала рака е бесчестие спрема покојните кога, на пример, свештеникот е приморан на еден помен или трисагија за покојна што во селото сите ја познавале и ја викале Зора, да ја спомнува со нејзиното грцизирано име Авги, а никој како таква не ја познавал. Ниту Бог ја познавал така, како што карактеристично се наведува во расказот на псалтот.

Се надеваме дека ќе добиеме одговор од Ваша страна.

Секогаш сме Ви на располагање за секое понатамошно појаснување.

Со почит,

Канцеларијата за печат на ЕСС „Виножито“

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *