Почетна Политичка теологија Верските заедници можат да имаат влијание врз процентот на вакцинирано население – пандемијата ја редуцираше поседатата на верските објекти
Верските заедници можат да имаат влијание врз процентот на вакцинирано население – пандемијата ја редуцираше поседатата на верските објекти

Верските заедници можат да имаат влијание врз процентот на вакцинирано население – пандемијата ја редуцираше поседатата на верските објекти

97
0

Кај шест од десет верници пандемијата од Ковид 19 имала влијание за да ги редуцираат своите посети на верските објекти изминативе две години. Речиси истиот процент на граѓани веруваат дека може да се заразат со вирусот ако се дел од масовна прослава на верски празник. Токму затоа осум од десет верници при посетата на храмовите за време на верски празници користат маски. Ова се дел од општите заклучоци на последното истражување на јавното мислење, „Верските заедници и ковид кризата – односот на религијата кон ковид пандемијата“, што го спроведоа интернет порталот „Religija.mk“, „Институтот за политички истражувања Скопје“ – ИПИС и фондацијата „Конрад Аденауер“ – КАС.

Резултатите покажуваат дека односот на верските заедници кон процесот на вакцинација има влијание кај дел од верниците околу нивната перцепција кон вакцините, како и кон одлуката дали да се вакцинираат или не. Ова е особено значајно за муслиманските верници, со оглед дека кај нив влијанието на верската заедница за процесот на вакцинацијата е многу поизразено.

На прашањето „Дали сте вакцинирани?“, високи 59%* од испитаниците одговориле потврдно. Процентот на вакцинирани кај православните е 68%, додека кај муслиманите истиот е релативно понизок, односно изнесува 36%. Од оние 40% од испитаниците кои изјавиле дека не се вакцинирани, како причини ги навеле: „дека не веруваат во вакцината“ – 18%, потоа 20% не се вакцинирале „поради здравствени причини“, 17% поради тоа што „имаат прележано Ковид“, 10% „немаат доверба во здравствениот систем“, 9% сметаат дека „вакцините се штетни и опасни“ и 14% навеле некоја друга причина.

Интересна е анализата на резултатите од прашањето „Дали некој од вашата верска заедница имал влијание врз вашата одлука дали да се вакцинирате или не?“. Тука 12% од испитаниците одговориле потврдно, а 75% изјавиле дека никој од верската заедница немал влијание врз нивната одлука. Во однос на припадниците на различни религии, овој процент кај православните е 7% додека кај муслиманите е повисок и изнесува 26%. Малку повисок е процентот кога станува збор за тоа „дали на верниците им е важно мислењето на нивната верска заедница за да одлучите дали да се вакцинираат?“. Околу 13% од православните верници одговориле потврдно, додека кај муслиманите процентот е многу повисок и изнесува 55%. Процентот од вкупниот број на испитаници е 23%.

Одговорите добиени од овие прашања водат кон заклучок дека односот на верските заедници кон процесот на вакцинација има влијание кај дел од верниците и кон одлуката дали да се вакцинираат или не. Ова е особено значајно за муслиманските верници, бидејќи укажува на тоа дека Исламската Верска Заедница може да има пресудна улога во популаризација на процесот на вакцинација кај муслиманите.

Со оглед на одредени тези кои се пласираа во јавноста околу влијанието на религиозните начела и процесот на вакцинација, испитаниците беа прашани „дали сметате дека антиваксерите се религиозни?“ На ова прашање само 29% од испитаниците одговориле потврдно, додека 20% сметаат дека антиваксерите не се верници, а останатите 51% не знаеле. Иако одговорите на ова прашање не даваат дефинитивен заклучок околу степенот на влијание, односно поврзаноста на антиваксерството со религиозноста кај одреден дел од популацијата, сепак може да се истакне дека со овие резултати очигледно се побиваат одредени претпоставките дека доминантна перцепција на граѓаните е оти најголем дел од антиваксерите не се вакцинираат поради религиозни причини.

Кај 27% од испитаниците (29% православни и 23% кај муслимани), корона вирус бил пресуден во ограничување на посетите на верски објекти, а за дополнителни 35% пандемијата донекаде влијаела во одлуката да посетите некој верски објекти. Само 9% (8% православни и 12% муслимани) одговориле дека пандемијата немала никакво влијание во однос на нивната вообичаена динамика на посетување на верски објект.

Над половина од испитаниците сметаат дека верските заедници треба уште поактивно да се вклучат во борбата со Ковид-19, а мнозинството од нив ги поддржува сите три понудени опции за тоа како би се вклучиле верските заедници, односно со хуманитарни акции, со јавни настапи и совети, како и со повици да се вакцинира населението.

Повеќето граѓани сметаат дека верските заедници се однесуваат одговорно во однос на пандемијата, дека ги почитуваат мерките и препораките на здравствените власти за заштита од вирусот, како и дека немале влијание кон зголемување или намалување на заразата.

Ова истражување е воедно и еден барометар за бројките околу процентот на вакцинирани и прележани од Ковид 19. На прашањето „дали сте прележале Ковид?“, високи 35%** од испитаниците одговориле потврдно и 3 дополнителни 9% одговориле дека не знаат. Ова е релативно повисок процент од официјалните бројки според кои отприлика 13% од возрасната популација ја имаат прележано болеста.

На прашањето „Дали верувате дека постои Ковид?“, високи 83% од испитаниците одговориле потврдно, а додека само 5% сметаат дека Ковид не постои. Ова е висок процент на граѓани кои веруваат дека постои корона вирусот, особено што на почетокот на пандемијата имаше релативно влијателно мнение кај дел од јавноста дека вирусот воопшто не постои.

Истражувањето „Верските заедници и ковид кризата – односот на религијата кон ковид пандемијата“ е спроведено кон крајот на Ноември 2021. Големината на примерокот е согласно потребите на истражувањето, а во овој случај се вклучени 1125 испитаници со задржување на генералниот сооднос во поглед на базичните демографски карактеристики како пол, возраст, професија и образование. Маргиналната грешка е помеѓу +/-3.2% со 95% интервал на веродостојност.

ПОЈАСНУВАЊЕ: *Од одговорите на прашањето може да се заклучи дека со оглед што околу 60% од испитаниците (популација над 18 години) изјавиле дека се вакцинирани, овој процент не соодветствува, односно е повисок од официјалниот податок кој се движи околу 50%. Оваа разлика се должи пред се на два фактори, првиот е дека популацијата над 18 години во државата е помала од официјалните податоци, додека вториот е што дел од населението се вакцинирале во соседните држави и се уште не е влезено во официјалната статистика.

**Повисокиот процент на граѓани кои изјавиле или дека имаат прележано ковид, или дека не се сигурни се должи на неколку фактори: » првиот е дека дел од заразените не успеале воопшто да се тестираат и затоа не се во официјалната статистика, » вториот дека дел од граѓаните не биле сигурни дека имаат ковид и не се тестирале, се тестирале со брзи тестови или пак не сакале воопшто да се тестираат, » додека третата причина е што во државата има помалку население од официјалните податоци на заводот за статистика.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *