Почетна Анализа Верници од Грција на поклонение во македонските светилишта
Верници од Грција на поклонение во македонските светилишта

Верници од Грција на поклонение во македонските светилишта

648
0

Македонските манастири и цркви и древното културно наследство зачувано од Охридската архиепископија стануваат сѐ почеста дестинација за православните верници од другите држави, што е големо признание за самата Македонска црква и за нејзиниот жив дух, но и за развојот на популарниот манастирски туризам, кој го практикуваат многу православни држави.

Според информациите на монасите, кои имаат директен контакт со оние што ги посетуваат манастирите, сѐ повеќе расте интересот на грчките туристи за посета на македонските духовни светилишта. Особено, ваквата состојба е забележана по потпишувањето на спогодбата од Преспа, откога сѐ почесто се случува грчки верници да доаѓаат во земјава и со организирани тури да ги посетуваат македонските манастири. Најпосетувани се Бигорскиот манастир, но и манастирот во Зрзе и манастирите и црквите во Охрид, како и струмичките манастири Водоча и Вељуса.

Според искуството на верниците, ова е одличен начин да се запознае духовното наследство во нашата земја, но и да се посетат различни дестинации каде што православието оставило печат, како и да се едуцираат луѓето за она што ја отсликува православната вера.

Друг момент за обележување во односите меѓу двете држави, според неофицијални информации, се и зачестените неформални средби на претставници на МПЦ со Грчката црква.

Од МПЦ велат дека македонските свети места и манастири најмногу ги посетуваат гости од Грција, Бугарија, Русија и од Србија.

– Се посетуваат Охрид и светите места низ Охридско, Бигорскиот манастир, Трескавец, Варош, Водоча и Вељуса, Лесновскиот и Осоговскиот манастир, потоа градот Битола и тамошните храмови – додаваат од МПЦ.

Инаку, во Македонија има околу 2.000 цркви и манастири, кои потекнуваат од различни периоди.

Бигорски отсекогаш почитуван од Грција

Монасите од Бигорскиот манастир велат дека православниот народ од Грција отсекогаш го препознавал Бигорскиот манастир како силно духовно светилиште. И пред потпишувањето на договорот од Преспа тие доаѓале да го посетуваат, а редовно и во голем број доаѓаат и сега да го видат. Оттаму велат и дека грчките верници во Бигорскиот манастир ги препознаваат духот на љубовта и топлото гостопримство и често изјавуваат дека во Бигорски се чувствуваат многу убаво прифатено и дека од тука си заминуваат духовно поткрепени.

– Манастирот негува добри врски со дел од клерот на Грчката црква, односно со некои архијереи, меѓу кои и солунскиот митрополит Антим, со чиј благослов неколку студенти од Македонија завршиле или сѐ уште студираат, магистрираат на теолошки науки, при Аристотеловиот универзитет во Солун. Во моментов еден член на братството на Бигорскиот манастир, со благослов на истиот солунски митрополит е сместен во манастирот на преподобна Теодора Солунска во центарот на Солун, за усовршување на грчкиот јазик – објаснуваат од Бигорскиот манастир.

И грчки свештеници се поклонуваат пред македонски светители

Од монашкото братство во манастирот „Свето Преображение“ во Зрзе велат дека поради близината на манастирот со границата со Грција и во минатото имале индивидуални посети на верници од северниот дел на Грција. Сепак, потврдуваат дека изминатите месеци, многу често се случува тие посети да се организираат масовно, со групни автобуски тури.

– Грците што живеат во северниот дел од Грција отсекогаш имале почит кон овој манастир, особено кон иконата на Богородица Пелагонитиса. која се наоѓа тука. Тие ја практикуваат истата вера, знаат за чудото поврзано со иконата и ѝ се поклонуваат – објаснуваат оттаму.

Сепак, истакнуваат и дека многу свештеници од Грција го посетиле овој манастир и изразиле почитување кон братството и кон црквата.

Од Струмичката епархија, пак, велат дека манастирите Водоча и Вељуса постојано се посетени од грчки туристи, најчесто од Солун, Кукуш и од Серез.

Верници од Македонија во посета на Вселенската патријаршија

Годинава првпат е организирано големо патување на верници од МПЦ за посета на Вселенската патријаршија и нејзините цркви во Турција. Според црковни информации, на патувањето се предвидени посети на дел од христијанските светилишта на Босфор, Истанбул, посета на манастирот „Балаклија“, и црквата „Света Софија“. Учесниците во поклоничкото патување ќе го посетат и Фанар, седиштето на Вселенската патријаршија, патријаршиската црква на свети Георгиј Победоносец, Богородичната црквата во Влахерна, црквата на Христос Спасителот.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *