Почетна Анализа Вербата опаѓа, но верата и надежта остануваат
Вербата опаѓа, но верата и надежта остануваат

Вербата опаѓа, но верата и надежта остануваат

202
0

Празни цркви, литургии со по неколку свештеници, молитви насочени кон Бог за спасение од епидемијата беше карактеристика за празнувањето на Воскресението Христово – Велигден во католичкиот свет. Првпат во историјата католичките верници останаа дома. Исто така ќе биде и идната недела, кога сите православни верници во светот, наместо в црква, велигденските литургии ќе ги следат преку директните преноси од дома. И не само христијанството туку и преостанатите две најголеми монотеистички религии се соочуваат со светската пандемиска закана – коронавирусот. Евреите речиси не паметат дека Пасха ја славеле во вакви услови со затворени синагоги.

Муслиманите од целиот свет, кои за празникот Рамазан се собираа во Мека и Медина, сега ќе останат во своите домови. Светото место за нив ќе биде празно, а аџилакот невозможна мисија.
Верата кај луѓето секогаш се манифестирала најмногу во кризни ситуации, а денес светот има една поинаква реалност. Реалност во која црквите, џамиите, синагогите, иако сметани за свети места, се оценети како најризични во можноста за ширење на заразата, токму поради опасноста на едно место да се соберат повеќе луѓе.
Дали религијата е најпогодена од оваа пандемија? Колку сето ова ќе се одрази врз верата на луѓето? Дали во иднина ќе имаме ослабени верски заедници, верници со ослабена вера, или пак сето ова ќе придонесе токму кон спротивното, јакнење на духот и вербата во Бог на луѓето, зајакнување на религијата како општествен феномен? Сите овие дилеми остануваат отворени, иако луѓето речиси и се навикнуваат на оваа состојба.

Папата Франциск во велигденското обраќање побара обединување на светот во борбата против пандемијата. Својата молитва за спас на светот ја манифестира со легнување пред олтарот на празната базилика „Свети Петар“ во Ватикан, молејќи го Бог да се смилува над човекот.
Претставниците на верските заедници во Македонија во оваа ситуација гледаат искушение, од кое веруваат дека луѓето ќе излезат како победници со зајакната вера.
Даријан Сотировски, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи во земјава, се надева дека верниците во мир ќе го пребродат ова искушение, извлекувајќи од него многу поуки, со кои сите ќе станеме посилни.

– Кризата се одрази на секој општествен сегмент. Апсолутно има реперкусии и врз дејствувањето на сите верски заедници. Зборовите на вселенскиот патријарх со кои вели дека не е во опасност верата, туку здравјето на верниците, сметам дека го акцентира коренот на проблемите што ги имаат верските заедници во оваа криза. Тоа значи заради заштита на јавното здравје да го сообразите дејствувањето со мерките. Очекувам сите заклучоци да ги зајакнат духот и верата, човекот да им се посвети на вистинските вредности, на домот, а да го преиспита и односот кон природата – нагласува Сотировски.

Али Пајазити, професор по социологија на Универзитетот на Југоисточна Европа, смета дека со оваа состојба ќе се засили трендот на религиозноста, бидејќи кризолошките периоди историски ги поттикнуваат луѓето да бараат утеха, прибежиште, а неа најсигурно ја наоѓаат во спиритуалноста, во религијата, кај Бога, на кого се потпираат. Вели дека овие историски мигови генерираат една ревитализација на религиозноста, посилна од таа по падот на комунизмот, бидејќи не падна една идеологија, туку сциентизмот (вербата во науката) како врв на човековите достигнувања.
– Во вакви ситуации и кај пасивните верници се појавуваат искри на активност, на некоја поврзаност со духовното, па има уште поекстремни случаи кога и агностици, неверници ја менуваат својата перцепција за вистината на овој свет и отаде. Особено кога науката, и таа најразвиената, најсофистицираната, е без текст наспроти еден вирус, кој нѐ тресе сите, нѐ затвора, нѐ карантинизира глобално. Мислам дека религиозноста е во нагорна линија во овие моменти на светска криза, вклучувајќи ја и материјалната (економската) – додава Пајазити.

Според него, колективната религиозност е малку разнишана, но постои и индивидуалната нишка што луѓето ги поврзува со возвишеноста, значи индивидуалната религиозност, бидејќи религијата не е само во храмовите.
– Од монотеистичките религии, има и такви за кои не вреди формулацијата „нема спас надвор од црквата“, значи секој може да се моли и ритуализира и од дома, од секаде, бидејќи Господ, со ИТ-вокабуларот, е секогаш онлајн, секаде присутен. Се разбира дека храмовите имаат посебен статус, симболика, но во вакви контексти, здравјето на луѓето е приоритет, бидејќи религијата е за луѓето а не луѓето заради религијата – нагласува социологот.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *