Почетна Проповеди Велигденско послание на Архиепископот Стефан
Велигденско послание на Архиепископот Стефан

Велигденско послание на Архиепископот Стефан

177
0

† Стефан
По милоста Божја, Архиепископ охридски и македонски, заедно со Светиот архиерејски синод, до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на Македонската православна црква, а по повод Велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот поздрав – Христос Воскресе!

Нека се веселат небесата достојно
и земјата нека се радува,
нека празнуваат сите…,
зашто Христос, вечната радост – воскресна!
(Пасхална стихира)

Возљубени празникољупци,

Христовото воскресение е основа на спасението, тоа е најголемиот и најрадосен настан во историјата. И, ако има ден за радување меѓу сите денови – тоа е Денот на Христовото Воскресение; ако има празник над сите празнувања, тоа е Празникот над празниците – Велигден.
Воскресението е Чудо над сите чуда, Дар над сите дарови и Благослов над сите благослови, кои ни се дадени од небесата. Тоа е Тајна над тајните, која била чуена, видена и со раце допрена. Тоа е Торжество над торжествата, објаснува свети Григориј Богослов. Затоа, да се верува во Христа, значи да се верува во воскресението и во единственото име кое спасува.
Овој спасоносен настан го најавиле уште старозаветните праведници. Така, пророкот Исаија објавил дека мртовците ќе оживеат и мртвите тела ќе воскреснат, а царот Давид со голема надеж претскажал: се радува срцето мое, воскликнува јазикот мој и телото мое спокојно почива…, зашто светецот Твој нема да види распаѓање. И во новозаветните книги, централно место има воскресението: кој верува во Христа Воскреснатиот, и да умре – ќе живее . Со овој победоносен чин, Спасителот Христос ни дарува живот и со Неговото воскресение влеговме во радоста на Господарот на сите, во радоста која никој не може да ни ја одземе.

Orthodox Christmas celebration in Skopje, MacedoniaВозљубени чеда во воскреснатиот Господ,

До вчера Го оплакувавме нашиот Цар и Бог, Кој на крст беше распнат и во гроб беше положен, а денес – ликуваме! Си спомнувавме за се што доживеаја Неговите ученици и сите коишто Го познаа и признаа за Син Божји. – На Крстот беше прикована нивната Вера – но тие продолжија да веруваат; на Крстот пострада нивната Надеж – но тие и понатаму се надеваа; на Крстот беше распната нивната Љубов – но тие уште повеќе Го љубеа својот Учител, и тоа повеќе од кога и да било. Со истото оружје, со Дрвото, со кое ѓаволот спечали победа, објаснува свети Климент Охридски, со Него Христос го порази ѓаволот; затоа, кој ќе ја искаже со зборови силата Господова? – Од смртни, ние станавме бесмртни! Тоа се големите дела на Крстот… Ете, тоа – воскресението, на апостолите им даваше сила да истраат во тие страдални дни! Тоа христијаните ги крепеше низ сите времиња да поднесуваат и најголеми искушенија! Тоа и нам денес ни е најголема надеж и незаменлива утеха! – Цркво Христова, ти мало стадо, во тоа е и твојата сила со која цареви си победувала и царства си покорувала; со таа сила, силни си обессилувала и моќници си смирувала! – Токму со воскресенската победа, Христос е посведочен за Син Божји, Кој е вистински Бог и Спасител на сите луѓе. Затоа, кој верува во Него – ќе го победи светот и ќе има живот вечен .

Возљубени во Христа Победителот,

Во денот во кој човечкиот род премина од ропството на гревот во слободата на љубовта, во тој ден Богочовекот не избави од смртта и ни дарува живот вечен. Затоа, Пасха, како што уште се именува славното Христово воскресение, значи преминување – премин од непостоење во постоење, од ропство во слобода, од смрт во живот. Денот, пак, на воскресението е ден на животот, а нашата вера е вера на вечната радост и во вечниот живот!
Силата на оние коишто веруваат, се надеваат и Го љубат Воскреснатиот Христос е во смирението, во целомудрието, во трпението, во послушанието, во страданието – во сите таинствени доблести што го надминуваат умот и расудувањето човечко и го преобразуваат човека од земно во ангелоподобно битие.

Возљубени чеда на нашата Света Црква,

Годинава нашата радост е двојна: во ова 2016-то лето Господово, одбележуваме 1100 години од блаженото упокојување на нашиот покровител и првоерарх на древната Охридска столица – свети Климент Охридски. Единаесет столетија тој молитвено се застапува за нас; цели единаесет столетија ни ја сведочи незалезната светлина на светото Христово Евангелие, грижливо не води и ни го осветлува патот кон царството на Воскреснатиот Спасител и Господ.
И на овој Голем ден, молитвено се обраќаме кон овој богоугодник од нашиот род – да испроси од човекољубивиот Бог разбирање и братска љубов меѓу нашиот православен народ. Нема поблагопријатно време и поблагословен ден од Велигден, па од името на нашата духовна мајка – Македонската православна црква, повикуваме на единство меѓу нашиот народ, трудејќи се да го запазиме единството на Духот преку врските на мирот. Здобивајќи се со тој дар, ќе можеме мудро и незлобно да одговориме на сите предизвици што катадневно се испречуваат пред нас. Да го чуваме сопственото и да го почитуваме достоинството на другите, да се грижиме за доброто на секого и на сите околу нас.
Затоа, и денес, на Велигден, стоејќи простум пред Бога Седржителот, да се помолиме заедно со свети Климент и со сите македонски светии, и да испросиме преобразба на секого и меѓусебно сплотување; да побараме исцеление на раните што ги трпиме и лузните што ги носиме; да измолиме оттргнување на страданијата и искушенијата со кои живееме – та да можеме, во Негова слава и со Негова помош, да одиме по патот на доблеста и да се овенчаме со вистинската добрина и со секој дар што доаѓа од Него. Уште поусрдно да се помолиме, Бог да ги запре немирите и војните кај нас и во целиот свет, да ги врати раселените во своите домови, да ги закрили оние што страдаат и да ги овенча со маченички и исповеднички венци бројните христијани и невини луѓе кои и во нашиве дни ја сведочат верата во Христа Воскреснатиот.
А вам, возљубени чеда на Македонската православна црква, во Македонија и насекаде по светот, молитвено ви посакуваме бодар дух, силна вера, непоколеблива надеж и возвишена и постојана љубов. Вашите срца нека се исполнат со искрено покајание, та да се укрепите во доблеста и праведноста и да ја почувствувате постојаната радост во нашиот Господ, Победителот на смртта. Искушенијата со кои се соочуваме во овој живот, нека ни бидат предворие за воскресение во вечен живот – па, уподобувајќи се на Христа, да се удостоиме за учество во Неговите вечни блага и, исполнети со благодатта на Светиот Дух – торжествено да воскликнеме:

Христос Воскресе!

Архиепископ охридски и македонски 
† Стефан

Со членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква

† Петар, Митрополит Преспанско – пелагониски и
администратор Австралиско – новозеландски
† Тимотеј, Митрополит Дебарско – кичевски и
администратор Австралиско – сиднејски
† Наум, Митрополит Струмички
† Агатангел, Митрополит Повардарски
† Методиј, Митрополит Американско – канадски
† Пимен, Митрополит Европски
† Иларион, Митрополит Брегалнички
† Јосиф, Митрополит Тетовско – гостиварски
† Јосиф, Митрополит Кумановско – осоговски
† Горазд, поранешен Митрополит Европски
† Климент, Епископ Хераклејски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *