Величествен пречек на Вселенскиот Патријарх во Сиднеј, Австралија

Date:

Share post:

Во петокот вечерта на Меѓународниот аеродром во Сиднеј пристигнал Вселенскиот Патријарх г. Вартоломеј, кој е во официјална посета на Австралија, за да претстои на свеченостите по повод стогодишнината од оваа значајна Епархија на Вселенскиот Престол на петтиот континент. Бил пречекан со највисоки црковни и државни почести.

Од раните часови, просториите на аеродромот биле преполни со православни христијани и австралиски граѓани од сите возрасти, чии очи ја одразувале пламената желба на нивните души да го пречекаат Првиот во Православието и нивен духовен отец.

На чело на свештенството и на благочестивиот народ бил Архиепископот на Австралија г. Макариј, придружуван од епископите, членови на светиот епархиски синод на светата Архиепископија на Австралија. Меѓу официјалните лица кои учествувале во величествениот пречек на Вселенскиот Патријарх на аеродромот биле и Министерот за миграција на Австралија Мет Тислтвајт, како претставник на Федералниот премиер на земјата Ентони Албаниз, и Министерот за работни односи и здравје и безбедност при работа на Нов Јужен Велс, Софија Коци, како претставник на Државниот премиер Крис Минс. Важно е да се истакне дека присуството на претставници на заедниците на иселениците и австралиските медиуми било особено забележливо, што претставува доказ за значењето кое му се придава на историската посета на Првојерархот на Православната Црква во земјата.

Во моментот на пристигнувањето на Неговата Сесветост и неговата чесна придружба, собраните побожни верници ги искажале своите чувства на возбуда, и многумина од нив не успеале да ги задржат солзите од радост и вознес. Со една уста и едно срце, сите го пееле многулетствието на Вселенскиот Патријарх, додека многумина млади, облечени во традиционални носии, му подарувале цвеќиња.

Исполнет со чувства на радост и синовска возбуда, Неговото Високопреосвештенство Архиепископот г. Макариј ја поздравил Неговата Сесветост „во неговиот дом“, при што најпрво се осврнал на историскиот карактер на овие моменти и на благословот што го доживувал верниот народ на светата Архиепископија на Австралија, бидејќи ја прославува стогодишнината од основањето на помесната Црква со „еден од најпрепознатливите, на светско ниво, и харизматични верски лидери на нашето време“. „Тешко е да се наслика ликот на еден водач, особено денес, кога постои конфузија помеѓу лидерот и управителот. Во личноста на Патријархот Вартоломеј, пак, улогата на лидерот добива значење и се остварува во својата највисока и богоугодна форма“, истакнал, меѓу другото, Неговото Високопреосвештенство.

„Во име на сите, Ве поздравувам во прекрасна Австралија, земјата на контрастите, но и на синтезите, земјата со најмногу разлики, но и најмногу сличности со другите народи“, рекол во друг дел од своето обраќање Архиепископот г. Макариј и продолжил: „Добредојдовте на едно место кое оправдано е наречено мозаик на култури, јазици и убедувања. Добредојдовте на петтиот континент, чии неразделен дел е православната вера и традиција, која расцутела и донесува духовни плодови, за кои сум сигурен дека ќе имате можност да ги вкусите за време на оваа благословена апостолска посета. Ве поздравувам и посакувам она што ќе го видите и доживеете за време на Вашиот престој во најубавата земја на светот да Ви донесе радост и задоволство и да остане длабоко врежано во Вашата меморија и во Вашето срце, исто како што, бидете сигурни, ќе останат длабоко врежани во меморијата и во срцето на нашиот народ благословените моменти од Вашето присуство тука. Сесвети Владико, многу Ве сакаме. Добредојдовте во Австралија. Добредојдовте во Вашиот дом“.

„Денес, под Крстот на Југ, се исполни една од моите најдлабоки желби, која се негувала речиси 30 години – да ги видам православните верници од Австралија, кои ги сакам и многу ми недостасуваат“, возвратил, видливо трогнат, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј. „Не поминал ниту еден ден без да се молам за вашето напредување и духовна благосостојба“, додаде и истакна: „Можеби Австралија географски е најоддалечената наша епархија од Светиот Центар, но сепак сте поблиску до моето срце повеќе од кога било“.

Неговата Сесветост, исто така, се осврнал на стогодишнината на светата Архиепископија на Австралија, со благодарност споменувајќи ги првите доселеници кои го посеале на петтиот континент семето на Светото Евангелие кое го донеле од своите татковини, а направи и посебен осврт на визионерскиот негов претходник, покојниот Вселенски Патријарх Григориј VII, кој, во 1924 година, „ги поставил темелите за просперитетната православна заедница што ја гледаме денес“. Со благодарни зборови се осврна и на благословената земја Австралија, која ја понудила својата плодна почва за одгледување и процут на Православието.

Топлото и инспиративно обраќање на Вселенскиот Патријарх дополнително ја вклучило и неговата татковска поттикнувачка порака „да ја пренесеме со храброст, особено на нашата сакана младина, светлината на љубовта Христова, осветлувајќи ја патеката за идните поколенија и промовирајќи еден свет каде што верата, надежта и христијанската љубов ќе владеат“. Од овој свет, пак, не може да отсуствува мирот, поради што Неговата Сесветост нагласил заклучно: „Гледајќи ги лицата на собраните тука денес, ја гледаме рефлексијата на Божјата љубов во вашето топло добредојде. Тоа е жива потврда дека сите сме создадени според образот и подобието на нашиот Создател, повикани да живееме во хармонија и мир. Тоа е нешто што сите сме повикани да го правиме, но најважно е да го запомниме додека се молиме за мир меѓу сите луѓе кои денес се наоѓаат во војна, во Украина и на Блискиот Исток. Вашите побожни души, хармоничниот и мирен соживот овде, се карактеристики на кои сите ние оддалеку се восхитуваме и сме горди на нив. Тие претставуваат суштинско сведоштво за вашата преданост кон Мајката Црква на Константинопол, кон нашата Вселенска Патријаршија“.

(Текстот е преземен од orthodoxia.info)

2 COMMENTS

  1. Nikoj ne go interesira tuka …
    Ni vo Grcija ne gi interesira …
    Nemate druga rabota …
    Ama morate, od tamu idat sredstvata …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img