Почетна Вести Вечниот дух на Зрзескиот манастир ќе засведочи уште една историја

Вечниот дух на Зрзескиот манастир ќе засведочи уште една историја

1.89K
0

Манастирскиот комплекс „Св. Преображение“ во прилепското село Зрзе е целосно реконструиран и дограден, со што доби лик на едно од најубавите македонски светилишта.

Со проектот во изминативе осум години раководеше Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп, со финансиски средства обезбедени од Министерството за култура. Зафатот опфати реконструкција и внатрешно уредување на Монашкиот конак, североисточниот бедем на комплексот, Владички конак, како и кулата до влезната порта. Возобновена е иконописната работилница, обезбедени се услови за копаничарска дејност на монасите.Со завршните активности беше изведена Горната порта и партерното уредување на внатрешноста од комплексот.

Осветување на новите конаци, Архиепископот, надлежниот митрополит и Игуменот
Осветување на новите конаци, Архиепископот, надлежниот митрополит и Игуменот

Во изминативе осум години беше саниран и локалниот пат што води кон манастирот  во Зрзе. Вкупната инвестиција во проектот изнесува 3,1 милиони евра.

Пред реконструктивниот зафат, беа правени сеопфатни археолошки истражувања кои потврдија дека историјата на манастирот е далеку пред XIV век, како што досега се мислеше. Истражувањата открија монашки живот од доцниот IX  век.

Осветувањето на новите конаци го направи Архиепископот Стефан. Меѓу присутните, покрај Епископот Хераклејски, кој е  и игумен на Манастирот и еден од најзаслужните за реконструкцијата, беа и надлежниот Митрополит Петар, како и министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска.

-Реконструкцијата на овој духовен центар несомнено ја демонстрира нашата посветеност и нашите заложби да го сочуваме богатото културно наследство кое го поседуваме како држава, да обезбедиме негова соодветна заштита, промоција и достапност до нашите граѓани. Зрзе е креативен амбиент кој токму тука ги изнедрил ремек делата на македонската средновековна уметност, двете антологиски икони, Зрзескиот Христос и Богородица Пелагонитиса од 14-тиот век кои се нераскинлив дел од светската иконописна ризница. Зрзе е органски дел од ранохристијанската духовна структура осведочена во новооткриениот старохристијанскиот комплекс со базилика и гробница на локален мартир од петтиот век. Зрзе е уникатна монашка населба врежана во бигорната карпа со автохтоно монаштво од крајот на деветиот век, порача министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

Поглаварот на МПЦ ОА, г.г Стефан нагалси дека овој манастир е еден од најрепрезентативните и најзначајни средновековни македонски светилишта.

– Овде, чиниш на секоја педа од земјата напластени се векови национална, културна и духовна историја. Собрани денес на овој свештен собир, крунисуваме едно дело на новата македонска духовна преродба – ги осветуваме возобновените и новите манастирски конаци, рече меѓу другото г.г. Стефан.

Екс премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, на фејзбук напиша дека е горд што го поддржал проектот за реконструкција и дека манастирот е најубавото место што го посетил во Македонија.

ГАЛЕРИЈА: 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *