Се е подготвено за утрешното величествено прогласување на скопјанката Мајка Тереза за светица. За настанот кој има историско значење во Ватикан веќе пристигнуваат сите државни и црковни делегации од целиот свет. Македонија заедно со Албанија и Индија ќе има посебно место на плоштадот „Свети Петар„ во Ватикан, каде Папата Франциск утре ќе ја прогласи Мајка Тереза за Светица.
Во македонската државно-црковна делегација што ќе ја предводи претседателот Ѓорге Иванов се и премиерот Емил Димитриев, министерот за надворешни Никола Попоски, министерката за Култура, Елизабета Канческа Милеска, директорката на комисијата за односи со верските заедници, Валентина Божиновска, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, лидерите на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски и на СДСМ, Зоран Заев, Владиката европски Пимен, Бискупот Киро Стојанов, член на семејството на Мајка Тереза.
Утрешното прогласување на Мајка Тереза за Светица ќе се случи под највисоко ниво на обезбедување. Сите приоди кон плоштадот, Свети Петар веќе неколку дена се под силна безбедносна контрола неколку локации. За влез на плоштадот мора да се поминат најмалку две безбедносни контроли. На првата преку сензори, а втората контрола е со највисоко ниво преку ренген системи за проверка.
Кога веќе ќе влезете на плоштадот, го чувствувате величествениот дух на илјадниците верници кои со денови веќе се присутни овде за утрешниот настан. Времето вчера и денеска е екстремно топло. Но неподносливите горештини не се причина верници од сите краеви на светот да издржат и да бидат дел од овој настан. Нивните лица се облеани од капките пот што им се слеваат, но вербата нивна е посилна од сончевите зраци.
Денеска на плоштадот во Ватикан беше организирана проба за утрешниот настан. Во првите редови ќе бидат сестрите од нејзиниот монашки ред. Присутните гости се распознаваат по државните знамиња што ги носат. Ги има од сите држави. Од мали до големи.
Почитта кон Мајка Тереза овде се гледа на секој чекор, на секое лице, во секоја молитва. Моќта на религијата како да е собрана на едно место.
Специјален известувач од Ватикан/ Радмила Заревска