Почетна Анализа Василица и Стара нова година доказ за духовната традиција во Македонија
Василица и Стара нова година доказ за духовната традиција во Македонија

Василица и Стара нова година доказ за духовната традиција во Македонија

69
0

Во календарот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија на 14 јануари, и секогаш на ист датум, со црвени букви се обележани три празници, различни еден од друг. Тоа се Обрежание Христово, Свети Василиј Велики и Стара нова година. Кај верниците најмногу се познати Василица, која се слави во чест на свети Василиј, како следбеник на Исусовата вера, и Стара нова година, односно почетокот на православната година по јулијанскиот календар. Покрај МПЦ-ОА, според јулијанскиот календар, православна Нова година слават и Српската и Руската црква, Ерусалимската патријаршија и дел од Света Гора.

Свети Василиј е личност од црквата на чиј ден во Македонија има многу традиционални обичаи што се практикуваат, од карневали до василичарски огнови. Денот меѓу народот е познат како Василица. Празник што се одбележува на разни начини, во зависност од традициите во разни региони во државата.
Но колку верниците, всушност, знаат за светецот чиј ден се празнува денеска?
Во житието на свети Василиј лежи и причината поради која се дели лепче со паричка токму на денешен ден.

– Во времето кога свети Василиј Велики станал архиепископ Кесариски, епархот на Кападокија, кој бил многу алчен и груб човек, имал обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. Кога на свети Василиј му јавиле дека епархот повторно доаѓа, тој побарал од богатите луѓе во Кесарија да ги донесат сиот свој накит и златници. Кога епархот пристигнал, свети Василиј го пречекал и му го понудил богатството. Епархот се изненадил и одбил што било да земе, ниту пак го ограбил градот. Свети Василиј останал со сиот накит и златници токму на новогодишната вечер, не знаејќи што кому му припаѓа. Тогаш просветлен од Господ, ги замолил готвачите да направат мали лепчиња за секој верник. Во секој од лебовите тој ставил малку накит и златници. На денот на Нова година, кога сите луѓе дошле во црква, тој секому му дал по едно лепче. Тоа што секој го имал најдено во лепчето било токму тоа што претходно го имал дадено – пишува во житието за Свети Василиј.

Според црквата, на овој ден најголемо значење има празникот Обрежание Господово. Како што е познато од Стариот завет од Библијата, секое еврејско машко дете се носело во храмот на осмиот ден од раѓањето за да биде обрежано. Така било и со малиот Исус, кој бил донесен во храмот заедно со родителите.

– Но Христос воспоставува едно ново обрежание, а тоа е крштението, по чинот што го направи свети Јован Крстител со Исус кога го крсти во водите на реката Јордан. Тоа што е старозаветното обрежание, за нас христијаните е крштението. Зашто истото тоа е завет со Бога. Крштевајќи се во името Христово, ние воспоставуваме завет со Бога дека сме негови последователи, стануваме христијани – велат теолозите.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *