Вселенскиот патријарх Вартоломеј изјавил дека Гладоморот во Украина не бил природна катастрофа, туку намерен и систематски напад на човечкиот живот и достоинството, објави официјалниот веб-сајт на Вселенската Патријаршија.
Според Патријархот, дури и во години кога жетвата била обилна, храната била конфискувана, информациите биле лажирани и цели региони биле оставени на (не)милоста на идеолошка политика. Тој навел дека нападот не бил само на физичкиот живот, туку и на внатрешниот живот на еден народ, чија доверба во Бога и меѓусебната преданост биле цел на брутална стратегија.
Вселенската патријаршија ја истакнала потребата за одбележување на настанот како морален императив и како сведоштво за живата совест на човештвото, кое одбива да ги заборави страдањата на еден народ.
Се проценува дека во масовниот глад во Украина (1932–1933) починале 4 милиони луѓе само во Украина, но оваа брутална политика зафатила и други региони на СССР, па затоа бројките достигнуваат и до 7 милиони жртви. На 23 октомври 2008 година, Европскиот парламент усвоил резолуција „Комеморација на Поморот од глад, вештачкиот глад во Украина (1932-1933)“, во која овој акт на раководството на СССР бил оценет како масовно злосторство „против украинскиот народ, и против човештвото“. Подоцна, во декември 2022 година, Европскиот парламент усвоил и нова резолуција (2022/3001(RSP)) во која повторно сбило наведено дека Гладоморот претставува масовно убивање преку глад и се побарало негово признавање како геноцид.

