Вселенскиот патријарх Вартоломеј и папата Лав XIV изразија подготвеност да продолжат решително да одат по патот на дијалогот со цел да се воспостави целосна заедница меѓу православната и католичката црква, особено во делот на чествувањето на Велигден.
Во заедничката декларација потпишана во Фанар двајцата нагласуваат дека, без да ги негираат тешкотиите што сè уште го попречуваат обновувањето на целосната заедница меѓу сите христијани и кои мора да се решат преку теолошки дијалог, дека е потребно сите Христијани заеднички да го прославуваат Велигден.
-Убедени сме дека ова одбележување може да инспирира нови и храбри чекори по патот кон единството. Меѓу своите одлуки, Првиот Никејски собор ги утврди и критериумите за определување на датумот на Велигден, заеднички за сите христијани. Благодарни сме на Божјата промисла што годинава целиот христијански свет го празнуваше Велигден на ист ден. Наша заедничка желба е да продолжи процесот на проучување на можноста за заедничко празнување на Празникот над празниците секоја година. Се надеваме и се молиме сите христијани, ‘со сета мудрост и духовна разумност’ (Кол. 1,9), да се заложат за постигнување заедничко празнување на славното Воскресение на Господ Исус Христос, стои во декларацијата.
Патријархот Вартоломеј и папата Лав во декларацијата се потсетува и дека оваа година се навршуваат уште една годишнина – 60 години од заедничката декларација на Вселенскиот патријарх Атенагора и папата Павле VI, со која се укина меѓусебната анатема меѓу Цариградската и Римската црква од 1054 година.
Вселенскиот патријарх и папата ја изразуваат својата поддршка за работата на Меѓународната заедничка комисија за теолошки дијалог меѓу Римокатоличката и Православната црква. Тие ги охрабруваат сите верници на Православната и Римокатоличката црква, а особено свештенството и теолозите, да работат на множење на плодовите што ги донесоа дијалогот и братските контакти меѓу двата правци во христијанството.
