Почетна Вера В недела Гаврил Лесновски и официјално ќе биде прогласен за светец
В недела Гаврил Лесновски и официјално ќе биде прогласен за светец

В недела Гаврил Лесновски и официјално ќе биде прогласен за светец

5.54K
2

Гаврил Светогорец, епископ Велички, од Манастирот во Лесново на 28 мај 2017 година (недела) ќе биде прогласен за светец во штипската црква „Свети Никола“, каде ќе бидат изложени неговите мошти и иконата со неговиот лик. Канонизацијата е  дел од јубилејот 50 години од возобновувањето на автокефалноста, што МПЦ го одбележува оваа година.

Тоа ќе биде четврто во низата прогласувања на светци, што МПЦ го прави во својата понова историја. Пред еден месец во манастирот Свети Јован Претеча во демирхисарското село Слепче, за светец беше канонизиран Св. Кипријан Слепченски. Пред четири години МПЦ ги прогласи, за светци Евнувиј, Пајсиј и Аверакиј, под заеднички натпис „Пречистански преподобномаченици“ во манастирот „Света Пречиста Богородица“ во близина на Кичево. Потоа, во Битола беа прогласени за светци 40-те битолски преподобномаченици, убиени од османлиите кога ја зазеле Битола.

Гаврил Светогорец, епископ Велички почина на 12 јануари 1990 година во својата келија во Манастоирот во Лесново. За епископ Велички е хиротонисан само пет месеци преходно на 28 август 1989 година. За архимандрит е избран 30 јуни 1981 година.

ЕПИСКОПОТ КОЈ ЈА ПРЕДВИДЕ СВОЈАТА СМРТ

Епископот Велички е едно од најпреподобните имиња од поновата историја на Македонската Православна Црква. Живеел аскетски живот во буквална смисла на зборот, а ја предвидел и сопствената смрт. Има и неколку чуда за кои сведоштвата од луѓето на кои им се имаат случено ги собираше монашкото братство од Лесновскиот манастир.

Гаврил голем дел од животот го поминал и во пештерските келии во близина на манастирот во Лесново, каде аксетски живеел и неговиот истоименик пред 1000 години, Свети Гаврил Лесновски. Денес тие се дел од туристичка атракција што ја посетуваат сите кои ќе дојдат во Манастирот.

„Меѓу чудата кои се прераскажуваат е и она за едно дете, по име Ѓорѓи, од некое струмичко село. Бидејќи не можело да зборува, неговите родители честопати го носеле кај отец Гаврил да се моли за него. Еднаш, кога го однеле кај него за време на вечерната служба, тој го однел детето во храмот и му прочитал молитви. Наредниот ден отец Гаврил служел Света Литургија и за целото време се молел за детето. Откако тоа се причестило и откако завршила Литургијата, детето ги подигнало рацете нагоре и рекло: „Мамо!“ Сите присутни во храмот се израдувале и зачудиле, и му оддале слава на Бога, Кој прави чуда преку своите служители.

За друго чудо за кое се зборува е она за семејството кое со трчање во паника дошло кај Отец Гаврил. Имале несреќа со автомобил што удрил во нивниот син. Тогаш отец Гаврил влегол во храмот, веднаш започнал да се моли и доста време не излегол. Кога излегол им рекол: „Одете, детето ќе биде дома здраво и живо. И немојте да работите во недела. Внимавајте на неделата и богослужбата, им одговорил отецот.“

За многумина било изненадување, но Гаврил точно ја предвидел сопствената смрт. И самиот си отслужил 40 заупокоени Литургии. Се упокојува мирно, со молитва со своето сакано Евангелие на гради и со бројаницата во рака.

Велат дека денот пред смртта, самиот и се си подготвил за својот погреб. Сведочи и ливчето на кое напишал „Јадењето подгответе го без масло“. Гаврил пред смртта ги собрал своите духовни чеда од Лесново и им рекол: „чеда мои, досега бев со вас, и сега веќе одам во Горниот Јерусалим и пак ќе бидам со вас и ќе ве чекам во Небесниот Јерусалим.“

По неговата смрт, многумина велат дека им се јавувал во сон, а на едно негово духовно чедо на кое нагло почнал да му слабее видот, јавувајќи му се на сон го излекувал.

„Во житјата за Отец Гаврил е запишано и следното:
„Долго време немало дожд во Лесново и селаните дошле да го молат отец Гаврил да се помоли на Бога да им испрати дожд. „Дојдете ајде сите да се молиме Бога…“ и среде молитва, за чудо и радост на сите започнало да врне дожд. Селаните започнале да му благодарат за молитвите, а отец Гаврил им се обратил скромно со зборовите: „Никогаш не ги препишувајте чудата на себе… Не сум тоа јас… “
Манастирот е чудотворен и свет, а и тие што доаѓаат добиваат исцеление!“

МАКЕДОНЕЦОТ КОЈ ЈА ВИДЕ БОГОРОДИЦА

Епископот Велички Гаврил е роден како Мијалче Парнаџиев на 10 март 1926 година во Штип. Неговото занаетчиско семејство го чинат татко му Методиј и мајка му Гора. Втората светска војна ја поминува како учесник во НОВ. Потоа работи во народната одбрана на тогашна Македонија, како граничен секретар во Царево Село, денешно Делчево, а потоа во Кавадарци и на крај на граничната линика Кајмачкалан.

Забелешката „одел в црква“ го чинело лишување од можноста да напредува во тогашната општествена политичка активност. Дипломира во 1955 година и работи како професор по уметност и историја на уметноста во гимназијата и Учителската школа во Штип. Бил еден од најспособните педагози во Македонија.

Во 1963 година го остава светот и светската служба и заминува со сиот свој живот да му служи единствено на Бога. Каде ако не на Света Гора. Се раскажува дека кога стигнал дошол на брегот на Белото море и прво што сакал да направи е да се измие . Тогаш здогледал жена која умилно го гледала. По некое време жената, како што дошла, така и заминала. Велат дека неговата мисла велела дека тоа била Богородица , бидејки пристапот на жени на Света Гора е строго забранет. Тоа го охрабрло во неговиот понатамошен подвиг.

На Света Гора имал одредени проблеми, бидејќи одбивал да се пишува поинаку од Македонец. Бил замонашен во манастирот Свети Павле со монашко име, отец Гаврил.

Во Македонија се враќа 1971 година, а Лесново станува центар околу кој постојано се движат луѓе и станува духовен отец на многумина во тоа време.

Неговата преподобност била почитувана и надвор од Македонската Црква. Пред да дојде од Света Гора, Србите сакале да го направат Владика во СПЦ, имал блиски врски со отец Емилијан Симонопетарски, кој тоа време бил игумен на Метеорите и сакал да го задржи отец Гаврил како игумен на еден од манстирите. Го барале и подоцна.

Но, одлучува да остане во МПЦ, каде во 1981 година Синодот го избира за архимандрит. На 28 август на празникот на успение на Пресвета Богородица во 1989 година е хиротонисан за Епископ со тиулата Велички. Неговиот избор за епископ се случува во еден внатрешен турбулентен период на МПЦ. Многумина денес велат дека од многуте жртви што Гаврил ги имал, најтешко му паднала онаа последната.

 

Коментар(2)

  1. Zosto vo stip,pa toj cel zivot bil vo lesnovo.ova e pak nekoja ujdurma na verskite apasi od lesnovskiot manastir.

  2. Не треси глупости Тања, светителот е роден и живеел во Штип, а и градот е попристапен за верниците.

Напиши одговор на Андреј Cancel reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *