Презвитер Владо Недески е новиот свештеник на МПЦ, кој ќе служи во црковната општина Света Петка во Рокдејал во Австралија.
Недески, замина за Австралија со благослов на надлежниот архиереј на Австралиско – сиднејската епархија, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј.
Веста за пристигањето на новиот парохиски свештеник, отецот Владо и неговото семејство во вторникот на 12 декември 2017 година беше причина на Сиднејскиот аеродром да биде свечено пречек од Црковниот одбор на црквата „Света Петка“ и Архимандритот Гаврил.
Македонците од оваа црковна општина добиваат искрена надеж дека со неговото пристигнување конечно ќе се намалат тензиите околу прашањето кој ќе раководи со најголемата црковна општина во Австралија, а се очекува и конечно ставање крај на судскиот спор, кој веќе долги години трае на штета на целата Македонска православна црква – Охридска архиепископија и заедница, а од кој корист имаат единствено само адвокатите, кои ги застапуваат двете страни.
-Со доаѓањето на отец Владо, кој беше и асистент на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, по предметите Литургиско богословие и Хеортологија – ќе продолжи активно литургиско-богослужбениот и духовно-просветниот живот во црковната општина. Австралиско – сиднејската епархија со доаѓањето на презвитерот Владо Недески – се здоби со уште еден свештеник, со што уште една покрај низата досегашни проекти покажа дека се грижи за своите верни чеда. Од име на цела Епархија на отец Владо му посакуваме топло добредојде во Сиднеј и лесно и среќно прилагодување во новата средина, и секако успешна мисија на новата нива Господова во Австралија, велат од Австралиско-сиденјската епархија на МПЦ.

