Почетна Верски буквар Улогата на религијата, образованието и воспитанието во трансформацијата на општеството
Улогата на религијата, образованието и воспитанието во трансформацијата на општеството

Улогата на религијата, образованието и воспитанието во трансформацијата на општеството

2.71K
0

Говориме за конкретно време и место – за сегашните образовни и воспитни состојби во Република Македонија. Излеговме од еден систем, а не знаевме во каков влегуваме. Социјал-комунистичкиот систем на лажни вредности го заменивме со систем на безвредности, односно, останавме без систем на вредности. А, што е уште полошо, ние не ги разбираме добро демократските вредности и не ги применуваме правилно.

Демократијата, пак, која значи владеење на народот, не претставува сама по себе апсолутно добро, туку таа постанува добро доколку е исполнета со таква содржина. Значи, и  таа зависи од луѓето, и ќе биде посовршена и подобра, ако се тие подобри и посовршени. Дури и  во најдобрите демократии, лошите луѓе, кои не се насочени кон верско-моралното добро, можат да дејствуваат ретроградно и злосторнички. Според тоа, за општеството се многу важни духовниот, верскиот и моралниот фактор. Но, кај нас, тие се исклучени, како во комунистичкиот, така и во поновиов период.

УЛОГАТА НА РЕЛИГИЈАТА ВО ТРАНСФОРМАЦИЈАТА НА ОПШТЕСТВОТО

Етимолошкото значење на религијата, изведено од латинскиот израз religio значи врска, сврзување на човекот со Бога, а светот без Бога им робува на деструкциите и на лажните политички слободи, злоупотребувајќи ја демократијата.

Религијата, верата во Бога, со сето свое духовно богатство, може многу да влијае врз изградувањето и подобрувањето на луѓето, до нивно усовршување и обожување. Господ Исус Христос рекол: „Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен“ (Матеј 5,48; сп. Ефес. 4,13). Кон совршенство сме повикани и со зборови и со пример, бидејќи „ Бог постана човек, за човекот да се обожи“, вели свети Атанасиј Велики. Само на тој начин ќе се оствари и Платоновата Држава, и Августиновата Божја држава (civitate Dei).

Тогаш ќе владее слободата и правдата во сите општествени констелации. Во овој процес на усовршување, преобразување и обожување на човекот, верата нема некаква непосредна политичка цел, туку мисионерско-евангелизаторска и сотириолошка. Нејзина цел е обичниот демос да се издигне и возвиши до теодемос. На тој начин се изградува човекот по вертикала, преку богољубието и по хоризонтала, низ човекољубието –љубовта кон луѓето.

Во што е богатството на верата и нејзиниот значаен придонес во општеството? Во отфрлање на деформациите во него. Тие, пак, се фундирани врз гревот, а верата го учи човекот како да го победи гревот, преку подвизите и добродетелите. Затоа, светиот апостол Павле вели: „Облечете се во сето оружје Божјо, за да се одржите против ѓаволското лукавство; оти нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против небесните духови на злобата“(Ефес. 6,11-12).

Против „кнезот на воздухот, односно на духот, кој сега дејствува во синовите на неверието“ (Ефес. 2,2). Духот на злото, го развива гревот во овој век, мамејќи ги луѓето преку формата на живеење во демократска и антрополошка самослобода. А, слободата без љубов или празната сеслобода е најголемото ропство. Затоа, мудриот Достоевски рекол дека „најтешко ќе му биде на човештвото и на човекот кога ќе се смета дека е се слободно и се  е допуштено“.

“Најопасна е слободата и најстрашен е човекот, ако се потполно напуштени врските со Бога и со доброто. Тогаш „слободниот“ човек се појавува во телесноста и во злото. А „делата на телото се познати. Тие се: прељубодејство, блудство, нечистотија, бесрамност“ (Гал. 5,19).”

Вистинската слобода, пак, е ослободувањето од егоистичкото робување и од робувањето на гревот, а служење на Бога и на луѓето. Човекот, пак, без Бога е лесно подложлив на гревот. Затоа велиме дека верата може многу да влијае во трансформирањето на општеството кон подобра, дури идеална демократија на земјава. Таа ги ги поставува високите демократски правила за човекот. Луѓето ги учи дека се органи на едно тело –  на заедницата (Црква или држава), па тие – и како единки, а и како групи, треба добро да се однесуваат и да содејствуваат, служејќи си едни на други. (1. Петр. 4,10).

Ете, во тоа е активната улога на верата, како фактор и добар градител на личноста, на заедницата, на нацијата, државата, културата – и сето тоа како народ Божји којшто постојано патува кон совршеното и вечното, кон Бога и кон царството небесно.

Верата и Црквата повикуваат на постојано служење: служење на Бога и служење на луѓето. Дури и Бог кога дојде на земјава, дојде за да им служи на луѓето. Христос вели: „А кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга“ (Марко 10,43). Евангелското повикување да му служиме на другиот е противтежа на световната борба за одржување на власт, или тежнеењето власта да се приграби по секоја цена. Ако, пак, власта биде разбрана како служење со љубов, за доброто на народот и на татковината, тогаш таа е тешка и одговорна, па дури и спасоносна, и лишена од злоупотреби.

Религиозното разбирање на демократијата не е само како социолошко-политичка, туку, пред се, како духовно-етичка вредност, во која основна задача е служењето од љубов и пожртвуваност, за доброто на сите. Оттаму е и значајната улога на верата, на религиите, кои, и според својата природа и според својата дејност, го остваруваат измирувањето меѓу Бога и луѓето, и на луѓето меѓ усебе. Тие се духовни и трајни вредности и пред Бога и пред човештвото.

Во тој дух, верата и Црквата имаат улога на профилактичка дејност во современото културно развивање на новите процеси и реформи. Во спротивно, ако се исклучи улогата на верата, тогаш кај луѓето може да се развие нетолеранцијата кон другите и кон поинаквите, да се  отфрла неистомисленоста  и да се создава одбојност кон мултикултурноста, а да се развива радикализмот.

Верата е потребна и како сврзувачка алка меѓу старото и новото време. Таа е добра основа за  промовирање на новиот културен модел на реевангелизација и афирмација на вредносниот систем.

ОБРАЗОВАНИЕТО И НЕГОВИОТ ПРИДОНЕС ВО ТРАНСФОРМАЦИЈАТА НА ОПШТЕСТВОТО

Етимолошкото значење на изразот образование, во словенските јазици, доаѓа од зборот образ, лик, икона. Значи, образованието треба да го оформи образот и ликот на човекот, и тоа според неговиот првообраз, та човекот да постане икона Божја. Тоа треба да води кон богоуподобување и усовршување на човекот, а Бог е крајната мерка на човечкиот развој. Без таа мерка, пак, човекот бесцелно би талкал по светот.

“Во Македонија, како и во другите посткомунистички земји од Источна Европа, се случи вакуум во духовен и морален поглед. Овој е  празен период – време без систем на вредности. Паднаа сите дотогашни општествени норми и се случи деморализација на општеството. Ете, затоа е потребна духовна, верска енергија, како одговор на кризата. Таа ќе биде не само лек против сите девијации, туку и добра програма за решавање на модерните дилеми при трансформацијата на општеството.”

Ние, пак, го плаќаме данокот од полувековното атеизирање. Овде уште живее духот на атеизацијата, и на противцрковноста и противверата. Политиката и нејзиното погрешно практикување кај нас, направи да пропуштиме многу од современите културни текови. Овде, се уште не може да се сфати дека транзицијата не ја исклучува традицијата. Традиционалното, пак, не треба да се отфрла како нешто непотребно, нешто што се случувало некогаш и одамна поминало, туку дека тоа нам ни е потребно и денес, бидејќи сите европски народи грижливо ги чуваат и ги негуваат своите традиции, културни наследства, верски и духовни богатства, и заедно со нив и помогнати од нив, напредуваат кон подобра иднина.

Нам ни е потребен нов образовен систем, осовременување на наставата и  пишување нови учебници. Треба да се отфрли досегашното претставување на погрешна слика за светот. Да се отфрлат квазивредностите, а да се инплементираат вистинските вредности. Треба да се отвори нова страница на  мултикултурализам, каде што секој ќе си го зачува својот идентитет, дури и најмалите малцинства. Сите ќе ги истакнат своите вредности и ќе се развива современата култура на дијалог.

“Со веронауката ќе му помогнеме на образовниот систем да им даде на децата одговор на многу од духовните потреби и на современите предизвици и прашања. Преку неа се нуди духовниот израз и се создава клима во која нема да бидат спротивставени сакралното и профаното. Таа ќе овозможи сестран развој на ученикот и правилно разбирање на општочовечките и религиозните вредности.”

Така образованиот и воспитан ученик ќе може правилно да го изгради личниот, верскиот и општествениот идентитет. А ние имаме многу талентиран народ. Имаме сокриен голем потенцијал во нашата младина, која може да создаде многу подобра иднина и за својата земја и за пошироката заедница, но, за жал, недоследноста, лошиот однос кон верата и кон духовните вредности, доведе до потполна изгубеност и дезориентираност. Нашата држава мора да направи духовна рехабилитација во образовниот систем и во системот на граѓанските вредности. Тоа најдобро и најтемелно се остварува преку образовниот систем. А без системот на вредности, се е релативно, бесцелно и безвредно, затоа и учениците се помалку сакаат да учат, а се повеќе политички да се ангажираат.

Ваквата измешаност и изместеност на филозофијата на животот и вредноста на човекот и неговото достоинство, треба да се надмине и што побрзо да се излезе од оваа криза во културата на животот, та да преминеме во ново, трансформирано општество со вредности и одлики на доброто.

Верата и веронауката се важни елементи во градењето на новата духовна состојба во нашево општество и нив не треба да ги исклучуваме. Значајно е нивното учество и голем е нивниот придонес.

ВОСПИТАНИЕТО И НЕГОВИОТ ПРИДОНЕС ВО ТРАНСФОРМАЦИЈАТА НА ОПШТЕСТВОТО

Воспитанието е сосема запоставено, односно, тоа и не постои како дел од системот за изградување на современата личност на човекот. Тоа, пак, значи крајна негрижа за нашата иднина. Безвоспитаноста или невоспитаноста е многу опасна и таа претставува гладување. Ова произлегува и од етимолошкото значење на зборотвоспитание на црковнословенски јазик, сложенка од изразите: вос (все = целосно) и питати (питание = храни, хранење). Оној којшто е без воспитание останува без храна – ненахранет и умира од глад – духовна.

Невоспитаноста создава ненормален однос на човекот кон човекот, кон Бога и кон сите вредности. На тој начин ненормалното постанува нормално, а нормалното далечност. Се брише авторитетот, пристојноста, доброто однесување, и во приватниот и во општествениот живот. Човекот постанува расипан и развратен. Таквите примери стануваат се понагласени меѓу возрасните, а тоа го гледаат и прифаќаат и децата и, доколку поинаку не се воспитаат, тогаш и тие постануваат такви.

“Детето уште од мало, ако се навикнува да бара нешто и тоа постојано да му се исполнува, тогаш, тоа и кога ќе порасне ќе ги има истите навики од детството – ќе сака постојано исполнување на желбите. Добровоспитаните, пак, ги победуваат искушенијата и се определуваат за вистинското, а не за лажното; за трајното, а не за безвредното и за вечното, а не за временото.”

Навистина полесно е да се прифати гревот, отколку да се победи искушението, но прифаќањето е попуштање по линија на помал отпор, а победата значи подвиг (Матеј 7,13-14).

Во системот за образование неопходно е и воспитанието. Децата треба да бидат научени и воспитани. Треба правилно да се насочува нивното однесување, живеење и изградување на моралниот лик. Ова е отсутно кај нас, и тоа може да се надомести преку верското образование и воспитание. Децата треба да се научат и да се воспитуваат како да се однесуваат, како да зборуваат, што да слушаат и што да употребуваат, што да гледаат, каде и со кого да патуваат по патот на зивотот – кон спасението.

Хегел рекол дека „религиозноста започнува со свесност дека има нешто повеќе од човекот“. А нашиот народ вели дека човекот без вера е човек без мера. За оној што го нема Бога, за него и човекот е ништо. А само оној што Го има Бога за идеал, тој може да го оствари човекот во себе. Ако е така образован и воспитан човекот, тогаш тој ќе Го има Бога за највисока вредност и ќе знае дека секоја друга вредност има значење само кога е споредена со најголемата духовна вредност.  Возвишена и непогрешлива е ваквата мерка на вредностите.

Без Бога нема да имаме вистинска мерка и за вредноста на нашите постапки. Човекот не може да прави ништо добро, ако не верува во највозвишеното добро – во Бога. Секој од нас светот го гледа според системот на вредностите, и затоа како некој човек го гледа светот не зависи од светот, туку од неговиот дух и од вредностите што ги усвоил. Моралните вредности се духовното богатство на верата и на верското образование и воспитание. Преку нив може најдобро да се објасни и да се сфати дека е важно да бидеме морални.

Затоа, Николај Берџаев вели: „Оној, којшто верува во Бога, тој верува и во доброто во човекот“. Така постануваме добри еден за друг, а свети Јован Богослов, во Евангелието запишал: „Секој што прави добро од Бога е “ (3. Јов. 1,11).

“Македонија е мултинационална и мултиконфесионална земја и во нејзината посветла иднина многу ќе придонесе духовната вредност на верата, образованието и воспитанието, преку нивното учество во развојот на духот на љубовта, солидарноста, разбирањето и зближувањето. Овие духовни вредности се симбол и основа за зближување и покрај разликите. Верата и веронауката се здрава основа за единство во разликите.”

Ете, според нашата човечката слабост, ние повеќе сме склони да го гледаме различното кај другиот, отколку сличното со него. А, зошто да го гледаме она што н# разделува, наместо она што не зближува? Има многу нешта што ни се заеднички, но најпрво се гледаат различностите кај луѓето. Ова е нашата слабост и болест на духот. Тоа е отсуство на љубовта, а љубовта е вистинската кохезионата сила којашто ги зближува луѓето.

Најпосле, и покрај сите различности, ние имаме доволно заеднички нешта за да пројавуваме љубов еден кон друг, секогаш и секаде. Нашите постапки нека бидат постојано во склад со златното евангелско правило: „Се она што сакате да ви го прават луѓето, правете им го и вие“ (Матеј 7,12), и според пораката на светиот апостол Павле: „До колку тоа зависи од вас бидете во мир со сите луѓе“ (Рим. 12,18).

Проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *