Целосно информативно промашување на македонските медиуми за посетата на Папата во Турција – примарната дестинација е Никеја, а не Ердоган

Date:

Share post:

Посетата на Папата Лав XIV во Турција деновиве во македонските медиуми беше пренесена речиси исклучиво низ политички наратив, сведена на средбата со претседателот Ердоган и наводните дипломатски импликации.

Таквиот пристап е сериозно отсуство на уредувачко чувство, и покажува целосно погрешно разбирање на поводот, едноставно промашување на суштината на информацијата. Особено загрижува фактот што токму во Македонија веста беше пренесена најпогрешно и најповршно од сите медиумски простори во регионот — дали поради незнаење, брзина или нешто друго, останува отворено прашање. Главниот повод за посетата е обележувањето на 1700 години од Првиот вселенски собор во Никеја, еден од најважните моменти во историјата на христијанството. Во 325 година таму бил формулиран Символот на верата — основниот догматски текст што ги поврзува и православната и католичката традиција.

 Сите современи политички елементи се минорни во споредба со оваа историско-црковна рамка. Во оваа смисла, средбата со Ердоган е само попатна, формална и неизбежна во протоколарниот контекст на една државна посета, но никако централна. Таа е рамка, не содржина. Содржината е на друго место. Токму затоа клучниот момент на визитата е братската средба меѓу Папата и Вселенскиот патријарх Вартоломеј. Ова е централниот еклисиолошки настан: заедничкото чествување на Никеја и отворено изразената желба за напредок во односите меѓу двете Цркви. Никаде во македонските извештаи не беше истакнато дека токму оваа средба ја носи суштината на посетата: враќањето кон заедничките корени и продлабочувањето на дијалогот.

Оваа иницијатива добива уште поголема значајност преку последниот гест на Папата: акцентирањето на оригиналниот Никејски символ на верата, без католичката додавка Филиокве.Всушност, онака како што било оригиналното исповедание на христијанската вера, кога било формулирано од отците во 325 година. Тоа не е формална одлука, туку јасен теолошки сигнал за готовност да се движи напред во чувствителните прашања што историски ги разделуваат двете традиции. И токму затоа оваа изјава има тежина во контекст на средбата со Вселенскиот Патријарх — тежина која медиумите целосно ја занемарија.

Сепак, токму овие суштински елементи — Никеја, братската средба, гестот за Филиокве — речиси и да не се појавија во домашното медиумско покривање. Наместо историски и црковен контекст, јавноста доби површни политички спинови кои ја редуцираат визитата на протоколарен состанок.

Реалноста е јасна: Папата не доаѓа во Турција заради политички агенди, туку заради Никеја и заради продлабочување на односите со Православната црква. Сè друго е периферија.

Во време кога точноста и одговорноста се основни новинарски принципи, ваквото игнорирање на фактите претставува недозволиво информативно промашување. Посетата не може да се сведе на политички шаблони и на живеење само и единствено во контекстот на политиката и политичарите; таа бара историска свест и еклисиолошка чувствителност. Посетата на Папата, пред сè, е духовен повраток кон Никеја — и братска средба што испраќа порака на почит, дијалог и надеж за напредок.

Тоа е пораката што македонските медиуми беа должни да ја пренесат.

Т.А.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here