Почетна Анализа Трансплантацијата и религијата
Трансплантацијата и религијата

Трансплантацијата и религијата

520
0

Живеењето  според  духовните принципи на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, треба да биде првично начело на секој христијанин. Но ние овoземните, грешни души премногу внимание обрнуваме на телесното, материјалното, она кое што нè отклонува од духовното и често, преку стрaстите, нè води кон погибел.

Здравјето кај човекот е една од највисоките вредности и кај мајката Црква, како патеводител на човековиот живот. Наглиот развој на медицината придонесе човекот преку пресадување на здрав орган врз неговото тело, на местото на проблематичниот потрошен орган, да може да го продолжи животот без посериозни проблеми. Ова се изведува преку трансплатацијата, која своето потекло го наоѓа во биоетиката. Луѓето во минатото, сè до последната капка надеж се бореле за својот живот, а како последно го користеле овој процес, додека сегашниот човек, тоа го прави на почетокот, веднаш кога ќе се утврди дека сето тоа е потребно, тогаш кога тој сеуште е силен и подготвен без проблеми да ги претрпи тие хирушки интервенции.

Биоетиката претставува самостојна научна дисциплина која се занимава со моралните прашања, чиј корен се наоѓа во праксата на биомедицината. Доаѓа од зборовите „bios“ – „живот“ и „ethos“ -„етика“, односно „етика на животот“. Оваа наука се појавува во 60-тите и 70-тите години на минатиот век во Соединетите Американски Држави и набрзо се распространува низ целиот свет. Меѓу другото, важно е да се напомене дека во комисијата која ги разгледувала проблемите околу оваа наука, биле вклучени и теолози.

Зборот трансплатација доаѓа од зборот „transplantare“, што значи „пресадува“. Денес тоа е успешна метода на лечење на органи кај оние пациенти кај кои дошло до затајување на функциите на истите. За некои од органите како што се срцето, црниот дроб и белите дробови, единствениот пат за нивна повторна функција, ако веќе престанале да функционираат, е овој, преку трансплатација.

Постојат неколку видови на трансплатација и тоа: автотрансплантант, пресадување во кое донаторот е и примател, односно од еден дел во телото, да се пресади во друг; алотрансплантант, пресадување од еден во друг организам, кои генетски се различни; изотрансплантант, пресадување на орган, во кој донаторот и примателот се генетски изедначени; и ксенотрансплантат е пресадување во кое донаторот и примателот припаѓаат на различни видови.

Од органите во човековото тело може да се пресадуваат: срце, бубрези, панкреас, црн дроб, бели дробови, црева и желудник.

transpla-3Историски гледано, трансплантацијата може да ја поделиме на два дела, односно на два периоди, и тоа: отстранување на органите по хирушки пат, кој е прв период, и вториот период: отстранување на органите кои ја прекинале нивната функција, по хирушки пат и пресадување на нови, здрави органи на нивно место.

Развojот на здравството и овозможувањето трансплантацијата да е сè почесто достапна за луѓето, овозможило оваа појава да се користи и за хумани цели, односно спасување на животот на друго лице. Сето тое е поддржано и со закон, кој покрај ова, налага и други безбедносни мерки, кои ќе овозможат преносот на органи да се изврши во најбезбедни услови, при што покрај ограничувањето на донаторот колку да донира, одговорност презема и здравствената институција и нејзиниот персонал. Со законот се предвидува и правна пресумпција, според која се предвидува понатамошна употреба на органите на починатиот донатор, доколку тој во текот на својот живот не се изјаснил дека не дава соогласност неговите органи да се пресадуваат. Исто така, ова може да го спречи и неговото семејство, доколку не го одобрува целиот овој процес.

Во никој случај органите на еден човек не треба да станат дела на комерцијални трансакции. Купопродажбата на органи е забранета со законот за трансплантација. Но за жал сведоци сме дека во денешно време, преку неморалните постапки на несовесни лица, овој закон тајно се прекршува, па со тоа што ќе се спаси еден човечки живот, се уништува друг. Со тоа се губи значењето и смислата на хуманоста, преточена во материјалното, односно во злото. Во Република Македонија законот за трансплантација е донесен во 2011 година.

Православниот свет ја прифаќа трансплантацијата, но не во целост онаква како што е законски поставена. Двете најголеми Божји заповеди гласат:

  1. Возљуби го Господа, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и сиот свој разум
  2. Возљуби го својот ближен како себе си.

Бог е љубов. Донирањето на органи треба да биде со чиста мисла, да се спаси животот на ближниот, поткрепена со многу братска љубов, љубов нелицемерна, искрена. Таква жртва на љубов треба да принесува секој православен христијанин, како што Христос од љубов кон светот и луѓето и заради нивно спасение слезе на Земјата, се овоплоти и стана човек, за да можеме ние преку Неговата искупителна мисија да се спасиме и да влеземе во Царството небеско, за вечен живот. Давањето и примањето на органи треба да биде во духовна врска. Дарувајќи орган за телесно спасение на ближниот си ги отвараме вратите за наше духовно спасение. За ова Спасителот, Господ Исус Христос рекол: Кога сте го направиле ова на еден од моите најмили, и Мене сте ми го направиле. Не треба да нè обзема мислата на лукавиот дека целиот труд кој го вложил дарителот, ќе биде злоупотребен и органот ќе се користи за неморални работи. Треба нашата мисла да биде наклонета кон позитивно размислување, кон хуманата страна на нашето добронамерно дело.

Но, што ќе се случува со телата кои имаат дарувано органи, при второто Христово доаѓање, кое Црквата го проповеда? За ова одговор дава светиот апостол Павле кој вели: Безумниче, тоа што го сееш нема да оживее ако не умре. А кога сееш, не го сееш телото кое ќе стане, туку голо зрно, било пченично, било некое друго. После смртта на човекот, плотта се распаѓа во земјата, а всушност во плотта се и оние органи, врз кои се извршил тој процес на пренесување. Плотта е материјал и е заеничка за сите, а она што ќе воскресне за време на Второто Христово доаѓање е телото, кое е индивидуа, кое е образ на секој човек посебно. Со тоа се заклучува дека трансплантацијата не е никаков проблем по прашањето на сеопштото воскресение на мртвите. При сеопштото воскресение на мртвите, според многу свети отци, телата ќе воскреснат во својата првобитна состојба, т.е. во онаа состојба во која биле создадени. Всушност, сè што во телото на некој човек можеби фали или е заменето со друг орган (трансплантација), сето тоа ќе биде, ако можеме така да се изразиме, вратено на свое место.

transplaТука треба да се согледаат и тагата и болката на ближните на пациентот кој со помош на медицински помагала успева да го продолжи остатокот од неговиот живот. Без разлика каков и да е, и како тој живот се одвива, ние не сме тие што ќе одлучиме за неговата иднина. Исто е и за клиничката смрт, која за медицината е обратен процес од умирање, а за христијанството претставува привремено одделување на душата од телото.

Често, голема улога за да се даде дозвола за трансплантација имаат и најблиските членови во семејството. Доколку тие во текот на животот на донаторот од него добиле дозвола да ги даруваат органите по неговата смрт, тие го изнесуваат неговиот став, но доколку таа тема не била разговарана претходно, семејството е тоа кое одлучува што понатаму. Многу е жално што постојат и такви семејства, кои поради нивната незавидна материјална состојба и маките во нивниот живот, посегнуваат кон донаторските сметки, онаму каде што богатите можат да си дозволат откуп на органите, за потоа од нив да прават свој профит. Еден вид лихварство, не со пари, но со органи. Колку грешни сме ние луѓето на земјата!

За транспалантацијата постои речиси ист став во Православната и во Римокатоличката црква, во исламот и во јудеизмот. Условите кои тие ги наложиле за да се овозможи процесот биле следниве:

  1. И примателот и давателот пристапуваат слободно и доброволно;
  2. Давателот е надахнат и потикнат исклучиво од љубов кон ближниот, за кого добиената помош значи спасување на живот; недопустлива е било каква манипулација, принуда, тргување со органи, искористување на човечкото сиромаштво за купување на органи од здрави луѓе, па и деца; забрането е и клонирање, со цел производство и складирање на резервни органи;

III. Со пресадувањето не смее да биде загрозен животот на донаторот, а и неговата здравствена состојба не смее, притоа, да се оштети до таа мера, за тој да постане само нова жртва, наместо оној на кого искрено се сака да му се помогне;

  1. Трансплантацијата не смее да биде таква, да го менува, смалува или загрозува биолошкиот или духовниот идентитет на примателот, односно неговиот идентитет како личност;

Всушност, од сè досега кажано, целиот проблем за трансплантацијата е вкоренет во одлуката на донаторот – човекот кој непринуден ги дава своите органи на реципиентот, кој има потреба од истите, за да го продолжи неговиот понатамошен живот. Несовршениот закон за трансплантација во кој можат да се пронајдат дупки, остава можности за негова злоупотреба. Токму затоа и Православната црква во целост не се согласува со овој закон. Медицината која доживува преголем напредок исто така знае да излезе од моралните норми и често знае преку трансплантацијата да извршува експерименти, на сметка на некој од човековите животи. Сепак, најважна треба да биде нашата совест, која треба да нè насочи кон Христовиот пат, пат на аскетско подвижништво и жртвување на нашиот живот на сметка на дарување на живот на ближниот.

Подготвил: Тони Кузманоски-Дипломиран теолог

/Преспанско-пелагонсика епархија

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *