
Неколкуте последни одлуки на дел од автокефалните помесни православни цркви околу автоекфалноста на МПЦ-ОА, а кои предизвикуваат интерес во јавноста, бидејќи со нив се врши преименување на црквата и на титулата на Архиепископот, се директна последица од Томосот за автокефалност што го издаде СПЦ. Така што и романската и грузиската и бугарската, чешка и словачка, носат одлуки кои, на еден или на друг начин, не отстапуваат од текстот на тој Томос. Звучи шашаво, но реалноста е таа. Тој Томос на СПЦ практично за МПЦ-ОА е референдум за постигање консензус, нешто што е преседан во историјата на Православната црква и е експеримент за воведување на некакво ново црковно правило, за кое не постои официјална одлука, но е желба и го застапува руската црква како модел за доделување на автокефалии во иднина.
Кои се клучните точки од Томосот на СПЦ, а кои нашата црковна јавност, нашите великодостојници не ги читаат, или не сакаат да ги читаат, или пак не дај Боже не знаат да ги прчитаат?
СПЦ својот Томос за автокефалност на МПЦ-ОА го темели на две одлуки донесени во мај 2022 година.
ОСПОРЕНО И МАКЕДОНСКА И ОХРИДСКА
Првата е од 16 мај – одлука на Соборот на СПЦ со која се прифаќа одлуката на Синодот на МПЦ-ОА да го прифати автономниот статус од 1959 година. Редоследот вели дека МПЦ-ОА носи одлука (не е наведено од кој датум и целосниот текст е за јавноста недостапен) со која се согласува да стане автономна црква во состав на СПЦ по правилата од договорот од 1958/59 година и истовремено од СПЦ бара автокефален статус.
Таа одлука подоцна ја прифаќа Соборот на СПЦ (на 16 мај/22) и носи заклучок дека таквиот (автокефален статус) „…реално е можен, легитимен и целисходен, дека Српската Православна Црква го прифаќа…“ Во истата одлука СПЦ заклучува дека „…прашањето за своето официјално име (името на МПЦ-ОА, самата МПЦ-ОА) да го реши во непосреден братски дијалог со гркојазичните и останатите помесни Православни цркви.“
Овде се важени два момента. Првиот. Во 1959 година, кога МПЦ-ОА е автономна црква, се до 1967 година, кога прогласува автокефалност, таа официјално не се именува како „Македонска Православна Црква“, туку како „Православна Црква во Народна Република Македонија“. Тоа е официјалното име под кое таа и ги издава сите црковни документи (иако нардоски се именувала како Македонската Православна Црква).
Во 1967 година, кога е прогласена автокефалноста е променето и официјалното име во „Македонска Православна Црква“, кое е име се до 2009 година, кога МПЦ, го додава и името Охридска Архиепископија, па денеска се именува како МПЦ-ОА. Овој дел го нотира и СПЦ во Томосот, токму како аспект за кој вели дека е потребно решение.
„…и бидејќи со тоа се отклонети сите причини за прекин на литургиското и канонско општење, предизвикан од едностраното прогласување на нивната автокефалност под името „Македонска Православна Црква“ во 1967 година, (со потенцирањето на овој аспект, името, СПЦ суптилно наметнува и квази причина за расколот, односно името „македонска“ веројатно како некој вид на етнофилетизам) воспостави полно евхаристичко општење и канонско единство со споменатата Црква, констатира дека дијалогот за нејзиниот иден, конечен канонски статус, реално е можен, легитимен и целисходен, дека Српската Православна Црква го прифаќа, и дека за него ќе се раководи само и исклучиво од еклисиолошко-канонските начела и на црковно-пастириските потреби…“, пишува во Томосот, а во истата реченица продолжува: „… со братољубива препорака истата прашањето за своето официјално име да го реши во непосреден братски дијалог со гркојазичните и останатите помесни Православни цркви.“ Вториот момент е токму во оваа реченица која е клучниот елемнт во Томосот и е напишана дури двапати во целиот текст на Томосот. Овде во одлуката од Соборот, која е вметната во текстот и на крајот кога се носи заклучокот од Томосот: „… Истовремено Српската Православна Црква топло му препорачува на Неговото Блаженство, Претстојателот и на Светиот Синод на новата сестринска Црква, прашањето за официјалното име да го решава и да го реши по пат на непосреден братски дијалог со гркојазичните и останатите помесни Православи Цркви.“
Едниот аспект е официјалното име на Црквата која треба да добие автокефалност, а тоа име според официјалните именувања се разликува од црквата со автономен статус и црквата со автокефален статус. СПЦ ја прифаќа денешната реалност на самоименувањето на МПЦ-ОА и дури со овој Томос се согласува со тоа, како право на МПЦ-ОА, но канонски потсетува дека тоа не може да биде официјално име на црквата, и затоа посочува самата МПЦ-ОА треба да го реши во дијалог, но внимавајте не само со гркојазичните цркви, со кои МПЦ-ОА има пролем со името (поради територијата Македонија), туку и со останатите помесни православни цркви. Ваквата формулација во Томосот на СПЦ означува целонсо, а не делумно оспорување на името на МПЦ-ОА, иако тој Томос самата СПЦ го иемнува како Томос за автокефалност на МПЦ-ОА. Просто кажано не е спорно само „македонска“ во името, туку и „охридска“.
ДО ЦЕЛОСНА АВТОКЕФАЛНОСТ, МПЦ-ОА Е АВТОНОМНА ЦРКВА
Втората одлука, на која се темели Томосот на СПЦ е исто така одлука на Соборот на СПЦ, но од 20 мај 2022 година и се однесува на молба испратена од Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија од 18 мај(два дена претходно или четири дена по првата одлука на Соборот на СПЦ), со која МПЦ-ОА бара автокефален статус. (и овој текст на оваа одлука на македонските владици не е достапен на јавноста)
СПЦ носи одлука со која заклушува дека: „…истиот се благословува, доледува и признава бараниот канонски статус на автокефална Православна Црква, со тоа што Соборот го задолжува Светиот Архиерејски Синод на Српската Православна Црква да ги разреши неопходните техничко-организациони прашања, после кое Патријархот српски официјално и јавно ќе ја соопшти горната соборска одлука, ќе го потпише соодветниот Томос и ќе го достави на сите сестрински автокефални Цркви на усвојување. Бидејќи Српската Православна Црква не е единствен фактор за автокефалноста, туку тоа е полнотата на Православната Црква, за што е потребна и рецепција (прифаќање (заб. на прев.)) од страна на другите Православни Цркви.“.
Токму во оваа одлука на СПЦ, се чита втората клучна точка, која е наведена во Томосот, кој иако е за автокефалност, практично не значи и автокефалност. СПЦ сама констатира дека нејзиниот Томос нема значење за полноправна автокефалност.
ЗОШТО Е ОВА ВНЕСЕНО ВО ТОМОСОТ И ЗОШТО Е ТОА ВАЖНО?
Како резиме од анализата на текстот на Томосот се важни две работи поврзани со автокефалноста на МПЦ-ОА.
Првата е нејзиното официјално име, не стануива збор за име за внатрешна употреба, туку име официјално заведено во диптихот на православната црква.
И втората статусот на црквата. Автокефален, и начинот како и дали воопшто до него може да се дојде.
Тие две работи се испреплетени, врзливи една со друга. Тие се суштината на Томосот, а во случајов и двете се оспорени, односно оставени отворени за решение.
НАЈДОЛГИОТ ПАТ ДОПРВА ПОЧНУВА
Колку и да не сакаме да се соочиме со реалноста, а колку и да сакаме да веруваме дека во се ова нема црковна политика и интереси, туку е „Божјо чудо“, како што велат некои и е целосно искрено, сепак девет месеци подоцна состојбите кои се случуваат јасно ги откриваат немарите на актерите. Девет месеци подоцна МПЦ-ОА се уште не е црква со официјален општопризнат автокефален статус, но е црква без унифицирано официјално име, а уште помалку признаена како „македонска“. Тоа што дел од владиците кои во МПЦ-ОА го водат процесот сега се обидуваат да ја релативизираат реалноста, откако секоја црква почна да дава ново име на МПЦ-ОА согласно своите интереси, соочени со прашањето „што се случува?“, одговараат дека „ние не можеме да им наложиме на црквите како ќе не нарекуваат, туку како ние ќе им се обраќаме“, е дефанизава и класичен обид за манипулација од изненаденоста од која и тие се затечени. За да ја потврдат својата теза нека набројат барем една автоекфална православна црква на која две, три, пет други црки различно и се обраќаат.
Но, за разлика од нашите владици, архиереите на СПЦ имаат неизмерливо повисок капацитет и на црковна дипломатија и на водење на процесите што во овој случај го користат во свој црковен интерес. Што е логично и легитимно. Токму и затоа направиле таков Томос и таков процес.
Одредбите од Томосот кои се однесуваат на потребата за официјално име на МПЦ-ОА имаат за цел да предизвикаат оспорување на името на црквата кое е наведено како име на црквата на која и се дава автокефалност, особено името „Охридска Архиепископија“, затоа и во Томосот пишува: „…новата сестринска Црква, прашањето за официјалното име да го решава и да го реши по пат на непосреден братски дијалог со гркојазичните и останатите помесни Православи Цркви.“ Сега некој ќе рече дека ова не е така, и ќе аргументира дека ПОА на Јован го носи веќе 20 гоини името на Охридската Архиепископија и дека СПЦ нема проблем со тоа, но заборава дека ПОА на Јован е автономна црква во составот на СПЦ, па така и името Охридска Архиепископија е дел од СПЦ. МПЦ-ОА бара автокефалност, а со тоа и дефакто осамостојување на името Охридска Архиепископија, а со тоа и на нејзината историја. А таа историја е многу важна за денешната Српска црква, бидејќи корените се токму на Охридската Архиепископија од која прозлегува Српската црква. И се тоа пак е поврзано со уште еден дел од Томосот на СПЦ, а се однесува на црковните имоти на кои СПЦ полага право на сопственост и вели дека ги отстапува на управување… Но тоа е друга тема.
Другата црква за која и не треба да се зборува дека има претензии кон името Охридска Архиепископија е Бугарската Патријаршија. Таа практично беше и првата црква што ја отвори процедурата со лицитирање на име кое МПЦ-ОА треба да го има, ако сака да биде автокефална. А тоа на СПЦ и одговара. Таа не е онаа која јавно се противи, но е задоволна што има црква која отворено се противи на ова име и согласно оваа процедура што се води, таа полага право на вето.
Втората работа(автокефалниот статус на МПЦ-ОА) е дирекно поврзана и од нејзе зависи правата работа со името. Со одлуката дека „Српската Православна Црква не е единствен фактор за автокефалноста, туку тоа е полнотата на Православната Црква, за што е потребна и рецепција (прифаќање) од страна на другите Православни Цркви…“, СПЦ практично распишува референдум од кој ќе зависи дали МПЦ-ОА ќе стане целосно призната автокефална црква и под кои услови, односно со кое име.
СПЦ, нејзините владици, овој текст на Томос го структуираат така за да ги зачуваат своите позиции и добри односи и со Цариград и со Москва, а воедно да го испорачаат она што од нив се бараше, а тоа е согласноста за автокефалност на МПЦ-ОА и отворен пат за надминување на деценискиот проблем со кој живееше православто.
Од друга страна пак и да го искомплицраат патот на МПЦ-ОА до автокефалност. Тоа што СПЦ наметнува процес во кој е потребна и рецепција (прифаќање од страна на другите Православни Цркви е практично процес на вето пред кое е исправена МПЦ-ОА. Тоа што одредени владици денеска тој процес го правдаат со одлуките од Шамбези, и погрешно тврдат дека Томос за автокефалност треба да издава Мајката црква, а другите цркви да се согласат со тоа е за жал, или непознавање на реалноста, или обид да се оправда ќоросокакот во кој е втурната МПЦ-ОА.
ШАМБЕЗИ НЕ СПОРИ ДЕКА ТОМОС ИЗДАВА ВСЕЛЕНСКАТА ПАТРИЈАРШИЈА
Одлуките од состанокот на православните цркви во Шамбези, кои се однесуваат на доделувањето на автокефалност, денеска не се на сила, бидејќи се само работна верзија за која никогаш не беше постигнат консензус, па дури и на последната средба (јануари 2016 година) непосредно пред одржувањето на Критскиот собор и од тие причини воопшто таа точка и не се најде на дневниот ред на тој Собор. Ден по средбата во Шамбези, во јануари 2016, кога беше јасно дека нема консензус за ова, рускиот Патријарх Кирил на фејсбук напиша дека постигнале победа со тоа што на Крит нема да се разгледува ниту една автокефалност, ниту ќе се легализира некоја автокефалност.
А, конкретниот заклучок како работен документ, односно постигната заедничка основа по која треба да се дојде до решение, е од четврттата предсоборска конференција во Шамбези одржана во 2009 година, каде договореното подразбираше дека автокефалноста ќе се претставува со Томос на Цариградската Патријаршија, но потшиан не само од мајката црква од која се одделува автокефалната црква, туку и од сите останати автокефални православни цркви. Во 2011 се прави нов обид за конечен договор, но неуспешен. Неуспешен е и тој во 2015 на петтата предсоборска конференција. И секако финалната координација во 2016 завршува е без конкретен договор.
Но, она што е важно, а со кое денеска се манипулира е тоа што никогаш и никаде, на ниту една конференција, ниту на ниту една сребда, не бил донесен никаков заклучок дека Томос за автокефалност издава „мајката црква“ од која се одделува новата автокефална црква и никогаш не било оспрено древното правило дека тој Томос за автокефалност го изадава Вселенската Патријаршија. Базата на договорерно подразбираше само неопходна согласност од “мајката црква“ за идна автокефалност, а кога таква согласнот постои, тогаш не би требало да постои друга причина за оспорување и затоа е базичниот договор церемонијално покрај потписот на Вселенскиот патријарх и на поглаварот на Мајката црква од која се одделува, да стојат и потписите на поглаварите на останатите помесни православни цркви. Но на Томос издаен од Вселенската Патријаршија, а не Томос од „мајката црква“.
Проблемот зошто не се стаса до конесензус за ова прашање е што не беше постигнат договор за финалниот документ, бидејќи Руската Православна Црква инсистираше на формулација потпишуваат и одобруваат и останатите православни цркви, а не формулација сопотпишуваат по одлука на Вселенската Патријарпшија и согласност на Мајката црква.
(Изразувајќи ја согласноста на мајката-црква и сеправославната согласност, вселенскиот патријарх официјално ја прогласува автокефалијата на црквата со издавање Томос. Овој томос го потпишува вселенскиот патријарх, а за тоа преку своите потписи му сосведочуваат и поглаварите на најсветите православни цркви, коишто за тоа се поканети од вселенскиот патријарх) Ова е официјалниот заклучок од седницата во Шамбези во 2009 година околу кој постои начелен консензус, но и како таков овој заклучок не беше на дневен ред на Соборот на Крит.
Од друга страна она што деновиве го објави Романската православна црква како нејзино дообјаснување на нејзината одлука за МПЦ-ОА во која повикува на конечен Томос од Вселенската Патријаршија и кој треба да го прифатат и другите парвославни цркви е практично став и позиција на Романската црква, а никако не и усвоено правило. Впрочем романската црква и во самото соопштение пишува дека тоа е нејзин став и нејзина позиција што ја застапувале и на состаноците во Шамбези и на која стојат и денеска за начинот на кој треба да се доделува, а не на начинот на кон се доделува, автокефалност. Но, таа позиција на романските владици е нивно мислење и нивен став, а не позиција и став на Православната црква.
Но, романската црква тој став го пишува токму заради тоа што во Томосот на СПЦ пишува дека треба сите да се изјаснат за авткефалноста на МПЦ-ОА. И ете романската црква се изјаснува и прави симбиоза и на позициите на Фанар и на позициите на Москва, и затоа романската црква како заклучок вели: „После признавањето на првичниот синодален томос издаден на 5 јуни 2022 од Патријаршијата на Србија, кој ѝ доделува автокефалија на Православната црква во Република Северна Македонија, Светиот Синод на Романската православна црква очекува Вселенската патријаршија да започне (консултации) и издаде конечен томос за автокефалија за да изрази сеправославен консензус по ова прашање на признавање на автокефалијата.“ За воља на вистината, во пракса , (или „ ad voluntatem veritatis in usu “, како што сега е модерно на латински нели да се дава на тежина напишаното), за Романската црква процесот на автокефалност за МПЦ-ОА се уште не завршен и ќе заврши со финален Томос од Фанар, но по согласност од сите.
ИЗГУБЕНИ ВО ПРОЦЕСОТ
Тоа на крајот од денот и ќе се случи, бидејќи и по новите неусвеоени правила во правопславниот свет и по старите вековни нормативи, томсоот за автокефалност е во ингеренции на Всленската Патријашрија, само што МПЦ-ОА ќе биде првиот експеримент за тоа како тоа ќе функционира во иднина. А дотогаш МПЦ-ОА ќе биде на лицитација и за името и за статусот. И оние што денеска Ве убедуваат дека се е завршено со Томосот на СПЦ, утре ќе Ве убедуваат дека тоа што Вселенската Патријаршија ќе треба да издаде Томос е само мала формалност заради нејзе и некои други цркви… Ништо страшно. И нема да преземат одговорност зошто се изгубивме во процесот.
Но, името на Црквата запишнао во тој Томос ќе биде она кое ќе го одлучат другите цркви… а тие веќе одлучија… веројатно Православна Црква на Северна Македонија… А тогаш и СПЦ ќе го прифати новото официјално име… во него ќе ја нема ниту Охридската Архиепископија… Ама, ако русите не признаваат како македонска, што е друго важно, ќе Ви велат истите оние кои сега велат дека се е завршено…
МПЦ-ОА го избра погрешниот пат и самата влезе во ќоросокакот од кој сега тешко ќе може да излезе, а требааше само да го земе Томосот од СПЦ и да го однесе во Фанар како согласност на мајката црква за автокефалност. Да добие легитимен Томос на името Охридска Архиепископија и во Скопје Вартоломеј и Порфириј со сослужување со Стефан да го бетонираат автокефалниот статус.
Жално и трагично е што нашите владици овие работи не ги познаваат. Јас тоа веќе одговорно го тврдам. Прашање е дали воопшто и ги прочитале или анализирале документите на овие сеправославни конфевенции по прашањето за автокефалност, или некој само им сервира што да читаат. Ако ги причитале ќе ги виделе и говорите на учесниците и дискусиите водени во Шамбези, каде српските владици, кои сега ја водат играта се редовни членови на тие состаноци. А ако ги читале ќе знаеле и дека и таму во Шабези, од многу поодамна има православни теолози кои дебатирале со српските владици за автокефалноста на МПЦ-ОА. Како на пример еден владика кој редовно му реплицирал на Бачкиот епископ Иринеј со зборовите „Во Скопје бараат автокефалност, не автонимија, како што Вие овде ни елаборирате…“
Вистинската црковна дипломатија не подразбира партиско-политички памфлети со дневна доза на патриотизам и импровизации, туку акција и креирање стратегија. Шефот на црковната дипломатија не импровизира по телевизии туку патува по православните цркви. Можеле на пример нашите црковни дипломати и да ги најдат овие владици кои во Шамбези поинаку мислеле од СПЦ, не за друго барем да побарале совет што и како да прават…
Ама можеле…
Пишува: Марјан Николовски