Во текот на обемни реставраторски работи во историскиот храм „Света Софија“ во Истанбул, биле објавени фотографии на кои се гледа тежок камион-кран, ставен на заштитни панели директно врз оригиналниот под на овој духовен споменик.
Сликите покажуваат дека возилото е паркирано во просторот под куполата и близу главната церемонијална врата(Императорската) на објектот. По објавувањето на тие фотографии, во јавноста се покренале прашања дали подот на овој повеќеслоен, мермерен и археолошки чувствителен простор е соодветно заштитен.
Министерството за култура и туризам на Турција подоцна објавило официјално соопштение, во кое се наведува дека пред да влезат возила, извршени се статички пресметки, георадарски скенирања и испитувања на носивоста на подлогата. Наведено е дека подот може да издржи до 25 тони по квадратен метар, а за дополнителна заштита е поставена заштитна платформа која поддржува до 30 тони по квадратен метар. Иако најтежокото возило е проценето на околу 45 тони, министертсвото тврди дека преку системот на распоредување на товарот, притисокот на историскиот под изнесува само околу 6 тони по квадратен метар.
Реставраторите и експертите, сепак, предупредиле дека системот на заштита видлив на фотографиите изгледа едноставно — плитки панели без јасно интерлоцирани структури — што може да не овозможува рамномерно распоредување на товарот и може да доведе до локализирани деформации или пренос на вибрации кон подземните слоеви, мозаиците и мермерните плочи.
Историскиот објект „Света Софија“, со потекло од 6-виот век, се наоѓа на списокот на светско наследство, а реставрацијата има за цел да го зајакне куполниот простор особено поради ризикот од земјотреси.
