Почетна Анализа Теолозите од Институтот на Свети Сергеј: идолопоклонството кон нацијата е камшик
Теолозите од Институтот на Свети Сергеј: идолопоклонството кон нацијата е камшик

Теолозите од Институтот на Свети Сергеј: идолопоклонството кон нацијата е камшик

399
0

Предавачите од православниот теолошки институт во Париз, на 4 ноември објавија теолошко толкување за војната, самоодбраната и граѓанската заштита, водени од желба да внесат појаснување во сознанието на луѓето. Тие го сметаат тоа за свој долг, со оглед на тоа дека во условите на Руско-украинската војна се злоупотребува вистината, како резултат на што луѓето се збунуваат и престануваат јасно да ја разликуваат вистината од лагата. Причина за оваа изјава се тврдењата кои прозвучија од амвонот на РПЦ, изедначувајќи ја нацијата со верата во Бога, со сите богословски последици кои произлегуваат од тоа поистоветување, имено: свештената војна, смртта на војникот како саможртва која ги искупува неговите гревови; култот кон нацијата како христијанска добродетел и слично. За првпат тие идеи ги објави Московскиот патријарх Кирил, како обид да ја оправда смртта на десетици илјади руски војници кои загинаа во Украина во последните месеци, и да ја мотивира руската младина да учествува во војната на Русија во Украина.

Во продолжение го наведуваме целосниот текст на изјавата од предавачите во „Свети Сергеј“:

„Човекот не е создаден за да го убива човекот, туку да го направи жив така што во Христа да може да го достигне вечниот живот, којшто е негово призвание. Војната која не само што убива луѓе, туку води и до суровост, бидејќи убива не само војници, туку и невини цивили, земени за заложници, е една од најстрашните беди што ги познава човештвото. Како таква, таа никогаш не може да биде справедлива или света. Кога една држава навлегува во друга таа е агресор. Секоја земја има право да се заштитува од агресија. Нејзините граѓани дури се и должни да го прават тоа. Во тој контекст, моралната и духовната власт е потполно легитимна кога ги поттикнува граѓаните да го исполнуваат својот долг за одбрана на земјата. Таа престанува да биде таква кога ќе започне да објаснува дека бидејќи одбраната на земјата е жртва, тој којшто ќе го даде својот живот во одбрана на својата земја, ќе види прошка на гревовите преку таа жртва. Православието никогаш не ја примало средновековната доктрина за полни или делумни ‘индулгенции’, давани од Латинската црква на Христијаните, кои се согласиле да појдат и земат учество во Крстоносните војни.

Војникот не е Христос и заштитата на земната Татковина не е исто како и спасувањето на светот.

Исус Христос го даде Својот живот за спасение на светот. Колку и да е пофално, дарувањето на животот на еден војник во заштита на неговата татковина, не е спасение на светот. Тука не може да се зборува за прошка на гревовите: само мртвиот и воскреснатиот Христос ги зеде гревовите на светот. Подобно на војната, идолопоклонството кон нацијата е камшик кој заслепува, сведувајќи ја религијата на ниво на нација, а истовремено претворајќи ја нацијата во религија. Христос дојде за да ни напомне дека човекот произлегува не од народот туку од Бога.

Секоја година народите во светот го почитуваат споменот на оние кои го дале својот живот во заштита на својата татковина. Колку и да е херојски, тој дар не е свет и нема причина да веруваме дека оние кои ќе го дадат ќе добијат прошка на гревовите. Бог е Оној Кој ги проштева гревовите, а не хероизмот, па колку и да е забележителен тој.

За нас е богословски недопустливо да сметаме дека човекот, којшто од верност кон своите патриотски задолженија загинал на бојното поле, при исполнување на воените обврски, извршил акт рамен на жртвопринесување, којшто би го ослободил од секакви гревови, вклучително и од гревот на евентуалното убивање на непријателот. Прошката на гревовите не е механичка компензација помеѓу ‘гревовите и заслугите’; тоа е тајна која му припаѓа единствено на милосрдието на Бога Творецот.

Сакаме да потсетиме дека во XX век Патријархот Полиевкт, духовен татко на светата рамноапостолна Олга, го отфрли барањето ан Императорот, Никифор Фока, да ги прогласи за маченици христијанските војни, загинати на бојното поле. Всушност, дури и при самоодбрана или војна, секое убиство е грев, како што сведочи правилото 13 на свети Василиј (тие што убивале во војна ‘немаат чисти раце’). Ете зошто во XI век двајцата свети страстотерпци, кнезовите Борис и Глеб, покровители на Руската и Украинската Црква, претпочитаа да умрат по примерот на Христос, наместо да пролеат крв, за да ја заштитат државата од нападите на нивниот братучед Свјатополк.

Советот на предавачите на Инсистутот на Свети Сергеј нема намера да дава политичка оценка на ужасната војна којашто се води, тоа не е негова задача. Но, го смета за свој долг тоа да го постави сфаќањето за самоодбрана и граѓанската активност на вистинското место во православната перспектива: граѓанската активност треба да служи на Бога, а не Бог да служи на граѓанската активност“.

Текстот е усвоен преку гласање од Советот на предавачите на 4 ноември 2022 л. Г., во присуство на 19 теолози од професорскиот состав.

Теолошкиот Институт на Свети Сергеј во првата половина на XX век, се претвори во вистински светски центар на православното богословие, заради истакнатите руски емигранти кои работат таму: Отец Сергеј Булгаков, отец Василиј Зенковски, отец Георгиј Флоровски, проф. Антон Карташов, арх. Кипријан Керн, игумен Касијан Безобразов и многу други кои до ден денес се основоположници на православното богословско образование

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *