Архиепископот Стефан вечерва ќе гостува во интервју на Телевизија Храм, телевизијата на Српската Православна Црква.
Интервјуто е снимено минатио викенд во Скопје, а денеска беше најавено како вест на интернет страницата на ТВ. Храм. Но она што во веста предизвика внимание е титупата на Архиепископот. Телевизијата на СПЦ го најави како „Архиепископ скопски и македонски“. Со истата титула веста беше споделена и на страниците од социјалните мрежи на ТВ Храм, што во Македонија предизвика и политички реакции. Петар Богојевски, лидерот на Македонски Концепт на фејсбук остро реагираше прашувајќи „ИМА ЛИ КОЈ да им каже на овие од СПЦ, Стефан е Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, а не “скопски”?
Но, откако дел од медиумите побарале реакција од Кабинетот на Архиепископот Стефан, извесно време подоцна ТВ Храм ја промени веста впишувајќи ја точната титула на Архиепископот. Интервенцијата била направена по реакција на Кабинетот на поглаварот, а образложнието што го добиле е дека станува збор за ненамерна грешка.
Сепак, малку чудно е да се верува дека вработените во ТВ Храм би можеле да направат лапус, ако се знае дека таму се луѓе од црквата на кои им се познати фактичките состојби, но добро го знаат значењето на именувањето на титулите на владиците.
Во тој контекст треба да се напомене дека СПЦ не би требало да има проблем со целосната титула на Архиепископот Стефан, особено што таа е запишана и во Томосот што СПЦ го издаде. Но, од друга страна СПЦ и Патријархот Порфириј, честопати тоа во пракса не го почитуваат. „Охридски Стефан“, без „македониски“ стана редовна формулација што Патријархот Порфириј ја користи за време на Богослужните.
Инаку ова е второ интервју на Архиепископот Стефан за српски медиуми откако лани МПЦ-ОА прво беше вратена во канонско единство од Всленската патријаршија, а подоцна СПЦ издаде и Томос. Поглаварот на МПЦ-ОА во овој период даде и интервју за грчки медиуми, но досега на оваа тема нема дадено интервју за македонски медиум и за домашната македонска јавност.

Со оглед дека СПЦ издаде томос со кој од своја страна ја признава автокефалноста на МПЦ-ОА, должна е да ги почитува името на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и да ги именува Нејзините архиереи како што ги именува Македонската Православна Црква (можеби тоа и го прави, никогаш докрај не се потпираме на новинарските сведоштва), без оглед на вакуум просторот кој го создава очекувањето на консензусот на Помесните Православни Цркви по ова прашање (според новосоздадениот меѓуцрковен критериум прифатен од дел од Помесните Цркви или според старата традиција на првенство на Константинополскиот Патријарх прифатлив за другиот дел од Помесните Православни Цркви). Тоа е, се разбира во духот на братската љубов, во духот на апостолското Предание (кое впрочем исто така сведочи за борба за превласт во поглед на јурисдикциите /за сфаќањето на апостолската мисија и меѓу самите апостоли/ во земјите и областите на стариот свет итн. и е далеку од суштината на Првосвештеничката мистична дејствителност/ улога во Домостројот на спасението на кој било од нив и на народите меѓу кои дејствуваат како столбови на Православието). Балансот, ако има потреба од баланс, е во рацете на Господ. Не може да биде ниту флерт ниту неправедно настојување. ‘Автокефалност’ и етимолошки подразбира дека една Помесна Црква има Своја Глава (Свој Поглавар), Свое Име и Своја Полнота, Која ниту Таа ниту кој било друг има власт да ја поткопува и нагризува. Сепак, сопките и небрежноста на другите не можат да бидат никаков проблем за животот на таквата Црква. Изворот на Нејзината љубов и сила е Господ, Кој е неодземливо и неизменливо Праведен, Милостив, Вистинољубив, Премудар и Дарежлив кон Неа и кон сите коишто искрено Го љубат и трпеливо го очекуваат Неговото Второ Доаѓање на земјата, подготвувајќи се за својата лична и соборна средба со Него уште во овој свет, живеејќи го Неговото Крстовоскресение во длабочините на своето битие како Негови живи икони во неповторливото секојдневие секој на своето место и со своите дарови. Што значи да И’ се даде Име на една Помесна Црква Којашто не со децении туку во разни историски околности и со векови го живеела Својот христијански подвиг во тишина, самотност и страдања така како што се нарекувала Себеси? Постои ли жив богослов денес, (ама жив, а не некаков послушник на мртвото слово!) кој ја сфатил суштината на името на Помесната Црква? Кој е тој којшто ги разликува мистичните дарови на поединечните градови на територијата на Македонија во случајов и кој знае какви плодови би И’ донело приклучувањето на името на кој било град кон националното име во целосната еклисиолошка дефиниција на Нејзиниот идентитет? Зашто името секогаш додава својства. Не залудно уште во Рајот, по настанокот на светот, Господ му дал власт на Адам да ги именува созданијата. Тоа е еден од основните Божествени дарови што му ги дал. Името на Помесната Црква не е политичко прашање или некаква правна (канонска) проблематика. Пеќката Патријаршија на пример, како поим ги означува границите на местото на раната, на борбата и “компромисот” со друг народ, со остатокот од светот кој му се противи на српството како такво. Без оглед што Косово со векови има такви длабоки духовни корени и црковни ризници (исто како Охрид!). Не е така со Русија и со Москва. Кога би имале Петроградска Патријаршија, тоа би било сосем друго прашање. Значи, каде е разликата во откровението, не во политичките карти? Што ги натера Русите да ја заменат својата Прва Столица (Киев) за Москва? Политиката ли? Не верувам! Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан е една тврдина во своето име: Охрид е нашата гордост, нашиот некогашен и денешен балкански Ерусалим, но и нашата рана: местото каде исламот му забоде меч на Македонскиот Православен народ – јуридички! Охрид е и нашиот Египет во кој фараонот на овој свет побара да му се поклониме и да им подаруваме на неговите вазали права, привилегии, можности да грабаат и угнетуваат под сеедно какви маски. Да не зборуваме за Преспа! Ние имаме Преспански договор толку значаен за Римокатолиците (внимавајте, не само за Грците!), што еден монсињор во туѓина, навидум сличен на проѕорлив восхитлив исихаст, Ве прашува: “Што сте денес Вие: Македонец или Северномакедонец?”, а според Вашиот исконски одговор дека сте Македонец со предци коишто со векови биле Македонци и минале низ страшна Голгота, а меѓу другото и не можете во шестата деценија од животот одеднаш да се чувствувате како Северномакедонец, веднаш Ве квалификува како човек кој нема никаква врска со Црквата, не може да биде христијанин, и според неговата еклисиологија всушност е еретик. Искушенијата се очекуваност за христијаните, но братската љубов е нешто друго. За неа кажал доволно Св. Апостол Павле на многу места, овде е можеби најзначајно да се посочи само тринаесеттата глава од Првото Послание до Коринтјаните. Сите ние копнееме по христијанско (или барем православно) сеединство, но тоа совршенство е недостижно ако не постои во срцата на секој од нас, кои се нарекуваме со Името Господово. Среќа што Господ одамна го устроил овој свет како една сеопфатна Црква на за нас непојмливо совршен и благо речено фантастичен начин и Неговата таинствена перихореза наголемо ги надминува сите наши слабости.