Вселенскиот патријарх Вартоломеј телефонски разговарал со Антиохискиот Патријарх Јован за последните состојби во Сирија по падот на режимот на Башар Ал Асад.
-Во братскиот разговор, Патријархот Вартоломеј ја изрази од името на Вселенската Патријаршија и лично од свое име, длабоката загриженост за состојбата на јерархијата, свештенството и верниците на Антиохиската Патријаршија, и ја потврди апсолутната поддршка и молитвата за нивна безбедност и стабилност. Вселенската патријаршија упатува апел до сите надлежни политички лидери да го почитуваат животот и интегритетот на луѓето, како и историските христијански споменици во Сирија и целокупното културно наследство на земјата. По повод претстојниот празник на Рождеството Христово, Кнезот на мирот, Светата Христова Голема Црква се моли Господовиот мир, кој ги надминува сите умови, да владее во земјата, во поширокиот регион и во целиот свет, за луѓето и народите да живеат во безбедност и благосостојба, стои во соопштението.

