Почетна Проповеди Таква е силата и величината на покајанието
Таква е силата и величината на покајанието

Таква е силата и величината на покајанието

98
0

Во една од своите беседи, големиот проповедник на словото Божјо, светиот Јован Златоуст, зборувајќи за силата и големината на покајанието, вели: „Некои велат дека кога еден орел ќе остари, се издигнува во непрегледните небесни височини. Таму, се капи во изворот на светлината, постанувајќи повторно млад. Такво е покајанието. Тоа ја подигнува човековата душа во недогледните височини, односно, до Бога. И како во извор на солзи, се очистува нејзината гревовност и староста ја обновува во ново одело на духот”.

Таква е силата и величината на покајанието. Но, доколку има некој што се сомнева во тоа, нека се поучи од животот и делото на св. Марија Египетска, на која $ е посветена оваа недела од Великиот пост., Знаеме дека претходно, оваа подвижничка била голема грешница. Прекрасното тело и убавиот лик ги користела за блудство и со тоа спечалувала големо богатство во овој свет. Така живеејќи, поминала 17 години во разврат и неморал. Но, кога се покајала, поминала 47 години во Јорданската пустина, во пост и молитва. Таму, гладнувала и жеднувала, горела од жешкото сонце и мрзнела во пустинските ноќи. Но, сето тоа го поднела, со цел, да ги искае своите минати години на разврат и неморал. Па така, со своите подвизи и со благодатта Божја којашто била врз неа заради нејзината вера и одлучност, постанала ангелоподобна. Станала како една птица којашто може да лета од еден простор во друг, како да нема тело, а реката Јордан, пак, ја минувала како по суво. Сето тоа зборува колку е силно покајанието и вистинската одлучност човекот да се откаже од гревот, од страстите, од слабостите, и од сè она што нè приврзува кон земното, преодното, трулежното и минливото.

Севкупниот житеен историјат на св. Марија Египетска, можеби на човек, кој нема вера, му изгледа нереално, фантастично и утописки. Но, светата Црква, оваа вистина, ја знае како реалност за позната личност, истакнувајќи ја како пример за наше поткрепување во одлучноста да се справиме со сите наши слабости и да пристапиме кон покајание. Да пристапиме кон покајание доколку и ние сакаме да се удостоиме и да бидеме вистински христијани.

Сите сме повикани да се угледаме на примерот на оваа подвижничка. Да не очајуваме кога ќе направиме гревови и престапи, туку, да се обратиме со покајание кон Господа Христа. Кога ќе видиме некој грешник, да не брзаме да го осудуваме, туку, да се потсетиме на животниот пат на св. Марија Египетска. Ако сме поминале подолг временски период без доволно да размислуваме за спасение на нашата душа, повторно да се потсетиме на оваа Божја угодничка.

Посебно, треба да се потсетиме на оној момент од животот на св. Марија Египетска, кога Божјата благодат се допрела до неа. На моментот кога се запалила првата искра во нејзината помрачена душа. Треба да знаеме дека и до нас допира Божјата благодат, и ние треба да се потрудиме да ја разбереме Божјата милост. Бог на разни начини нè опоменува и чука на портите на нашите срца и души. Он од нас бара да Му ги отвориме, за да може да влезе и да престојува со нас. На едни им дава благосостојба за да ја почувствуваат Божјата милост и благост, па и тие да бидат милостиви и кротки кон останатите. На други им дава болест и страдање, со цел да ги утврди во верата. Но, ние не го слушаме Божјиот глас, или апелот упатен од Бога кон нашата совест. И денеска, Евангелието нè повикува, како во времето на Спасителот, сите да се покаеме. Повикот не го слушнале фарисеите и садукеите, но, го слушнале само цариниците, разбојниците, бедните и обичните луѓе. Па и ние, да не бидеме како фарисеите кои се тешеле, односно, самите себеси да се залажуваме дека не сме како другите луѓе, грешници. Постиме, одиме во црква, се молиме, примаме свештеници во нашите домови, креваме леб и други прописи на Црквата почитуваме. Не сме убиле, не сме краделе, не сме клеветеле, па зошто ни е потребно да се каеме? Токму ваквото размислување, дека нема потреба од каење и за барање милост од Бога, е опасно и погубно за секоја христијанска душа. Секојдневно живеејќи грешиме со мисли и дела, и затоа, потребно е секој еден од нас да се кае за сопствените престапи и грешки, за да не бидеме испреварени во царството небесно од блудниците и разбојниците (Мт. 21, 31). Амин.

Пишува: Митрополит Дебарско-кичевски Тимотеј

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *