Почетна Проповеди Тајната на Свети Јован Претеча
Тајната на Свети Јован Претеча

Тајната на Свети Јован Претеча

98
0

Совршувајќи го ова евхаристиско собрание, проникнато од несоздадените енергии на Пресвета Троица, со благослов на надлежниот епархиски архиереј, Митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј, Ви се обраќам со намера да проговорам за личноста на свети Јован Крстител.

Вообичаено е на роденденот да се зборува за славеникот, и токму овде, од ова место, од почетокот на основањето на оваа свештена обител, па до денес, искажани се најубавите слова за оваа личност. Затоа не ми е лесно да најдам една јадровита мисла за него. Сепак, мислам дека он е великата тајна на заветот, дури и на луѓето од неговото време, кога зборуваат за него, им се измолкнува од секаква профилна категоризација.

Кој е он? Кого сте дошле да видите во пустината? Пророк ли е, или повеќе од пророк? Илија ли е? (Матеј 11, 4-14, Лука 7, 24-30) Дури и начинот на кој иконографски се прикажува е необичен. Се изобразува со крилја. Овие крилја за мене се некој облик на посредување, некаква чудесна мистагогија меѓу двата завета, стариот и новиот. Он е некој вонреден, во смисла на некој што не се вклопува во вообичаените обрасци и категории. Он е сета сила на пустината, и кога зборуваме за него, можеби треба да се потсетиме на зборовите од ангелот кажани на Захариј: Еве, од сега ти ќе онемиш (Лука 1, 20). Еден харизматичен духовник од Запад во овие зборови препознава исихастички монашки императив.

Свети Јован Крстител го доживувам како чудесен плод на јудејската пустина, кој, иако анахорет, кога е потребно, смело е присутен во градот. Ангажирано сведочи и го упатува својот збор на моќниците во светот. Он е виталност на јуродивоста, снажност на Стариот Завет, исушена од подвиг кожа на старозаветните пророци, нивен камшик, несекојдневна „стравичност“ пред светот, еден отклон од вообичаеното, некој што е моделиран по непредвидливот пророчки терк на Илија, Еремија, Елисеја. Како таков, он е очите на целиот Стар Завет што на Јордан ја гледа „тајната, скриена од векови и родови“ (Колос. 1, 26). Свети Јован Претеча Го слуша Отецот, Го допира Синот, Го гледа Духот во вид на гулаб.

Он е несоборлив поглед на стариот Израил во даденото ветување на Новиот Ерусалим. Он е човек којшто се најде меѓу двата завети, како во некој процеп, се „отвора карпата за него во пустината“. Он е Божјата утеха на луѓето што го носеле, и сега го носат товарот на срамната неплодност, блага посета на оние што престанале да се надеваат. Он го почнува својот живот како знак на надеж на безнадежните, како знак на плодното трпеливо чекање, како знак на надминување на законите на природата, како знак на изобилно излевање на Божјата добрина, онаму каде што веќе нема ништо, онаму каде што неплодната старост ги оставила урнатините на животот. Он е изобилна плодност на пустината, благоухан крин во вистинска смисла, непресушна харизма на скриеност, анонимност и повлеченост, пораз на логиката на овој свет, кој живее во антиград, кој самува со Бога, кој, во кенотична испразнетост е поклоник на Света Троица. Он е оган на пустината, прегорен човек Божји. Погледнете го на иконостасот, тој е на иста возраст со Христа, но кога го изобразуваат нашите зографи секогаш изгледа постаро. Тој е оној што се допрел до Бога, што живее во огнот на Синај и сиот прегорел, а не изгорел, и излегол од тој невештествен оган како некој „друг“, „инаков“, подготвен да го крсти Христос во Јордан. Избран да биде совршител на тајната на крштението, разгласител (глас) на покајанието, да биде испратен сведок меѓу луѓето.

Он е тој што е ангажиран од десницата Божја да зборува против неправдата, оној што ја говори вистината, не зад грб, туку во лице и во очи пред моќниците на овој свет. Он е храбар, мажествен, неустрашлив и гине заради својата непоколебливост. Он е образец на невиност, целомудреност, недопрен, сочуван, кој го разобличува блудот на Ирода и на развратната Иродијада.

Он е мистик и мистагог, некој што го гледа Бога и што им помага на луѓето да го доживеат Бога. Он е најголемиот роден од жена (Матеј 11, 11, Лука 7, 28), замислете, тоа за него го вели Христос.

Он е нераскинливо поврзан со Богородица. Секогаш кога ги изговараме зборовите: „Благословена си ти меѓу жените и благословен е плодот на твојата утроба“, да се сетиме дека во овие зборови е сета радост на свети Јован Крстител, неговиот екстатичен скок и игра во мајчината утроба. Он е вечен учесник на тој благослов, сотајник на таа тајна уште од утробата.

Он е глас на дејствителната плодотворна девственост. Он е мартир, сведок и маченик, и, на крајот, он е чудотворец до ден денешен.

Плод на неговото чудотворство во Македонија е постоењето на овој свештен манастир, и тоа од времето на неговото основање, од првиот ктитор, Јован Бигорски и Охридски, па сè до последниот возобновител, отец Партениј Бигорски.

Во оваа прилика дозволете да се потсетиме на зборовите на обновителот на светогорското монаштво, старец Јосиф Спилеот, кога првпат го гледа старец Ефрем, како момче што доаѓа на Света Гора, и му вели „Вчера ме посети Претечата и ми рече: Доаѓа едно јагне, прибери го!“ Се сеќаваш, отец Партениј, во нашата рана младост, и ние поитавме на Атос за да се напиеме од живата вода на светоотечкото предание, и да се наситиме од животворното слово на благодатниот старец на Григоријат, игуменот Георгиј Капсанис, кој татковски нè прифати.

Почетокот на деведесеттите години од минатиот век, во светогорската келија Панагија, над Григоријатскиот манастир, и двајцата копнеевме и се молевме празните македонски манастири да се наполнат со монаси и монахињи. Три декади подоцна од тој наш разговор, еве неизгасливо горат кандилата во нашите манастири, се служи литургија во нив, а монашките фиданки пуштија корен, раззеленија, расцветаа и почнаа да даваат плод што смирено го принесуваат пред Бога и верниот народ. Ти, отец Партениј, сè што виде на Света Гора, од отечкиот благообразен поредок на живот, од ламба, полиелеј, етос, типик, неимарство, благолепие… сè пренесе во Бигорски. Та денес, бигорскиот духовен светилник не ни свети само нам, овде, в куќи, и не само во регионот, туку целата православна екумена знае за него. Ова за мене е чудото на Претечата. Бескрајно му благодарам и му се поклонувам за овој дар.

Свети Јоване Крстителе, моли го Бога за нас, за архиереите, за свештенослужителите, за монаштвото, за Црквата, за верниот народ, и за тоа што поскоро да се најдеме во семејството на помесните православни цркви, таму каде што ни е местото.

/Климент Хераклејски, игумен зрзески

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *