Почетна Анализа Т.н. „бадниково“ гранче не е христијански обичај
Т.н. „бадниково“ гранче не е христијански обичај

Т.н. „бадниково“ гранче не е христијански обичај

304
0

Во народната традиција, празнувањето на христијанските празници е секогаш проследено со разни обичаи и обреди, нешто што е сосема вообичаено и природно. Сите тие второстепени нешта донекаде придонесуваат на празниците да им се даде поголемо значење и да се привлече човечкото внимание. Меѓутоа, важно е да се напомене дека Христијаните во никој случај не треба да ја напуштат или запостават суштината на самиот празник, или споменот на светецот кој се чествува, за сметка на тие попатни народни обичаи, ниту, пак, на нив да им придаваат некакво посебно значење, особено не теолошко. Но, за жал, гледаме дека во нашето општество и поконкретно во медиумите, се случува токму спротивното. Наместо да се искористи можноста за повнимателно изложување на суштинското значење на одреден празник, преголемо внимание им се посветува токму на тие етнолошки, фолклорни и во најголем дел неопагански моменти, така што сосема се занемарува и потиснува христијанскиот карактер на празнувањето.

Бидејќи се наоѓаме во периодот на Божикните празнувања, како пример за горе посоченото ќе го наведеме т.н. „бадниково“ гранче. Колку само „преданија“, толкувања и правила можат да се слушнат и прочитаат за него по нашите медиуми и портали?! Работата оди дотаму што на ова бездушно Божјо создание му се припишуваат разни божествени моќи и магиски елементи, што претставува, всушност, класично идолопоклонство! Идолопоклоничкиот пристап кон бадниковото гранче се забележува, за жал, и кај многу Христијани. Затоа, сметаме за потребно да објасниме дека тука не станува збор на некаков суштински христијански обичај, туку за реанимација на едно старо паганско верување. Имено, според етнолозите, фолклористите и историчарите на религиите, сечењето и палењето на бадниковите гранчиња влече корени уште од предхристијанското доба на старите Словени. Така, според српскиот научник Веселин Чајкановиќ, во многубожечката старословенска религија некои дрва биле сметани како пребивалишта на духови и божества, а други како божества сами по себе. Дабовото дрво припаѓало на вторава група и тоа било третирано како личност. Нему му биле принесувани вотивни дарови, молитви и жртви како: грав, вино и мед ((Београд 1973): „Култ дрвета и биљака код старих Срба“. Мит и религија у Срба: изабране студије). Германскиот митолог и фолклорист Вилхелм Манхард сметал дека дабовата гранка означувала инкарнација на духот на вегетацијата. Жртвите што му се принесувале на дрвото требало да обезбедат плодородие на полињата, здравје и радост во семејството. Неговото горење ги симболизирало сончевите зраци и требало да ја обезбеди виталната моќ на сонцето за годината што претстоела (Наведено кај: Miles, Clement A. (2008): “The Yule Log”. Christmas in Ritual and Tradition). Обредните гранки најчесто биле сечени од даб – најпочитуваното дрво кај старите Словени, поврзано со врховниот бог Перун.

Со христијанизацијата на Словените, најголем дел од паганските обичаи биле искоренети, или, во видоизменета форма задржани, но веќе со поинакво значење, поврзано, секако, со Христијанството. Значи, иако без првобитното значење и распространетост, мал дел од тие обичаи продолжил и понатаму да се практикува. Таков е примерот и со бадниковото гранче, кое како обичај делумно преживеало меѓу Србите, без некоја особена распространетост. Но, пред Првата светска војна, во времето на Кралството Србија, од поедини семејства овој пагански обред се пренесува и во воените касарни, за војниците кои за време на Божик служат воен рок, да можат  барем некако да ја почувствуваат празничната атмосфера. Подоцна, во времето на Кралството на СХС/Југославија, оваа пракса била и законски регулирана, со детални одредби за божикното украсување на воените касарни. Сечењето на бадниково дрво се одвивало во околината на гарнизонот, под команда на посебно избран офицер, со претставници на сите воени единици, а потоа гранките се носеле во дворецот на кралот, па во офицерскиот дом, кај најстариот командант итн. Во оваа свечена поворка, со придружба на коњица и музичари, било дозволено да учествуваат и обични цивили, па на тој начин, овој обичај од војската се префрлува и кај народот. Во текот на  триесеттите години на дваесеттиот век, обредот со бадниковите гранки станува дел од протоколот на кралскиот дворец, а оттаму и на градските плоштади, како дел од јавното славење на Божик. Така, постепено овој остаток од незнабожечкото време на старите Словени, од национал-романтичарски побуди, добил карактер на народно српско празнување, во кое била вклучена и Црквата, со тоа што бадниковите гранки требало да бидат благословени од свештеник (Весна Вучинић-Нешковић (Београд 2009): Јавна прослава Божића).

Во Македонија обредот со палењето на дабовите гранки за Божик никогаш не бил присутен и народно прифатен. Но, со распадот на Југословенската федерација, кога државната телевизија одделува простор и за религиски збиднувања, под влијание на Српската црква овој ритуал се наметнува и во нашата престолнина, во Соборниот храм во Скопје. Оттаму, преку медиумите, во нашата јавност на овој сосема незначаен и туѓ идололатриски обичај му се придаде непотребно големо значење, а за жал, се пренесе и во други храмови кај нас.

Сметаме дека ни е должност да апелираме до Христијаните, воочи празникот на светлото Рождество Христово, да не се занимаваат непотребно со вакви сосема безначајни и туѓи за нашата почва неопагански и идолопоклонички обичаи, туку да се сосредоточат на убавината и возвишената порака од доаѓањето во плот на беспочетното Слово Божјо; очистени преку постот и светата тајна покајание и исповед, да појдат во храмовите за Божикната ноќ и да станат учесници на Царската трпеза, каде како храна е принесено Христовото тело и како питие – Неговата чесна крв, та вкусувајќи од нив, да станат причесници на ангелската радост и славословие во Рождественската ноќ над Витлеем.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *