Во центарот на Кичево e ставен во употреба првиот млекомат за свежо млеко во Македонија. Жителите на Кичево и околината ќе си точат свежо кравјо млеко произведено од Земјоделската задруга „Крнино“ дел од Манастирот „Св. Богородица Пречиста“, составен дел на Бигорската Обител
Млекоматот е обезбеден со средства од Европската Унија преку проектот АгроСмарт, спроведуван од МРФП – Македонската развојна фондација за претпријатија, Хемера и ЦЕП Можности.
„Млекото што се нуди преку млекоматот е свежо, со зачувани природни хранливи својства, без додатоци и конзерванси и во контролирани хигиенски и температурни услови, а освен млеко, потрошувачите имаат можност да си купат и сирење“, кажа Станоја Станојовски од Манастирот Света Богородица Пречиста, која е дел од Земјоделската задруга Крнино.
Дел од промоцијата беше и посета на фармата со крави во близина на манастирот Света Богородица Пречиста, каде е инсталирана линија за молзење крави и млекарата за производство на млечни производи.
Бигорската Обител со години успешно ја развива манастиркста економија, а средствата што ги остварува ги вложува во развој на манастирските капацитети и социјалната мисија што ја остварува оваа Обител.

