Почетна Коментар Светителот на нашето време
Светителот на нашето време

Светителот на нашето време

948
2

Отец Гаврил од Лесновскиот манастир беше голема утеха за малубројните вистински христијански заедници (христијани со свој духовен отец, со правило за духовен подвиг, кои редовно се исповедаа и се причестуваа), кои во негово време (1971 – 1990), во Р. Македонија беа распрснати како мали оази на спас во пустината на атеизмот и христијанскиот номинализам. Гледајќи од денешна перспектива – после четврт век од неговото блажено упокојување, ако продолжиме да живееме како во последно време – политички и национално поделени, а без покајание, истото нѐ чека сите заедно и во иднина, само во друга околина. Фала на Бог за сѐ!

Бог во секое време им испраќа на Своите луѓе утеха, како што и нам ни беше отец Гаврил во тоа време. Секое време си носи свои потешкотии при исполнувањето на Христовите заповеди и при ширењето на словото на вистината, но и свои олеснувања. Не би навлегувал во споредба на тогашните и сегашните услови, но едно е сигурно – Преданието на вистинската вера и на вистинските дела е едно и исто, и тогаш и сега. Ова двоедно Предание, на лично-соборно ниво, се сведува на умно-срдечната молитва – „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, а на соборно-лично ниво се сведува на живо учество во Евхаристијата на Црквата.

Вистински носител и сведок на ова Предание беше и отец Гаврил. Нас, сигурно, посебно нѐ интересира неговото учење за умно-срдечната молитва – клучот на вратата за суштински влез во севкупното Предание на Црквата. Тој го сведочеше и пренесуваше својот подвиг на молитвата во срцето, и на дело и со збор.

Ако случајно го сретнев на улица во Скопје, на пример, кога доаѓаше за сеноќните бденија што ги организиравме еднаш месечно во црквата „Света Петка“, морав да му пријдам и да му се обратам по име, затоа што одеше со наведната глава и никого не забележуваше по патот – посветен на молитвата. Од него првпат дознав за умно-срдечната молитва („Господи Исусе Христе, помилуј ме“). При првата посета на Лесновскиот манастир, ми рече: „Постојано кажувај си ја во себе или наглас молитвата ’Господи Исусе Христе, помилуј ме‘, и ништо друго не мисли“. Овие зборови може да ги слушнеме само од човек со опит, затоа што според логиката на овој свет не е возможно човек постојано да се моли, а притоа на ништо друго да не мисли.

Денес и ние според своите сили го пренесуваме истото Божјо Предание – Богочовекот Исус Христос. Им објаснуваме на нашите монаси дека местото на срцето во кое умот се симнува да ја твори молитвата е, всушност, последното место на Светото Евангелие – да им бидеме слуги на сите. Дека за разлика од епископот на Црквата, кој треба да биде слуга на многу луѓе, за нив е доволно да им станат слуги само на братството или сестринството на манастирот, што не е многубројно. И дека штом станеме слуга на сите во манастирот, односно штом седнеме на последното место, тогаш срцето само се отвора за умно-срдечната молитва и нам засекогаш ни станува познато местото на срцето. Потоа, молитвениот подвиг зависи само од нас.

Светиот отец наш Гаврил истовремено ни беше и пример и поттик. Тој  е и благовесникот на возобновувањето на монаштвото во нашата Црква, МПЦ – ОА. Впрочем, тоа го покажува неговото име, добиено според Ангелот благовесник.

Ако сакаме и се потрудиме, Црквата Божја и денес може да донесе светителски плодови како светиот отец наш Гаврил Велички; и фала Му на Бог, уште носи. Нашата Црква денес го обзнанува отец Гаврил како светител. Нашите храмови уште од пред седумнаесет години се украсени со неговите фрески и икони. Неговото житие и црковна служба се напишани. Ние што го познававме, уште во тоа време го почитувавме како светител; и никакви додатни докази и потврди од никој друг за тој факт не ни се потребни.

Преподобен отец Гаврил, моли Го Бог за нас!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Коментар(2)

  1. Едно прашанје на кое се надевам некој знај да одговори:Ако по Светото писмо Евангелието на Матеј и самиот Исус Христос рекол: Никако не смеете да викате татко некој човек на земјата (отец) ниту пак учител и сл. вие имате Татко во Рајот еден за секогаш.!?

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *