Почетна Коментар Светителите на бизнисот
Светителите на бизнисот

Светителите на бизнисот

283
0

И јас спаѓам меѓу оние луѓе што не се чувствуваат рамнодушно кога при влегувањето во некоја новоизградена црква меѓу фреските на светителите ќе ја видите и онаа на бизнисменот што ја изградил црквата како нејзиниот ктитор. Таквите слики секогаш отскокнуваат од другите мотиви и личности што го прославиле христијанството – со впечатливоста на световноста со која овие ликови се насликани, во обични граѓански костуми, со наредено цело семејство, со немала површина која им е отстапена на црковните сводови…

Нормално, веднаш се поставува прашањето: Што тие бараат тука? Заслужуваат ли тие да им се поклонуваме како на светителите? Го дозволуваат ли ова црковните канони? Сквернавење ли е ова на верата…? Гледам дека такви дилеми и реакции деновиве се појавија во јавноста поврзани за фреските на кои е насликан познатиот македонски бизнисмен Ванчо Чифлиганец со целото негово семејство во новоизградениот храм посветен на свети Јован Kрстител во скопската општина Аеродром, а кој е негова донација.

Реакциите, главно, се негативни. Имаше една во која дури и архиепископот г. г. Стефан е нападнат дека го вградил тотемизмот во МПЦ. Навистина, што е проблематично и што е дозволиво, а што не кога е во прашање сликањето на бизнисмените и други личности на црковните сводови? Историски гледано, голем дел од црквите е граден од страна на ктитори, лица што целосно ја финансирале градбата која често е мошне скапа. Се разбира, голем дел се дело и на заедничкото собирање средства од страна на народот, односно на анонимни донатори. Всушност, и парите што своевремено ги обезбедувале средновековните ктитори, кои ги подигнале храмовите со кои сега се гордееме, биле собрани од народот. На кој начин царевите, кралевите, кнезовите, деспотите, собирале пари од народот во тој период може само да претпоставиме, нели… Сепак, нивните фрески, на тие световни личности за кои е прашање колку во секојдневниот живот се однесувале христијански, ги наоѓаме на црковните сводови.

Во црквите во Србија има најмалку петнаесетина портрети на нивниот световен крал Милутин, на цар Душан, дури околу триесетина… И тоа ни е нормално. Зошто? Оти поминало многу време? Оти сме заборавиле кои биле и како владееле? Оти такво било времето тогаш…? Веројатно причините лежат и во тоа. Она што е важно да се каже е тоа дека уште од тогашните времиња, а таква е ситуацијата и во другите православни цркви – од најголемата Руска, па до други, црквата како институција дозволува ликовите на ктиторите што ги финансирале своите задужбини да се најдат меѓу ликовите на светителите.

Зошто и од кои причини црковните достоинственици тогаш тоа го дозволиле лесно може да се претпостави. Во Србија, на пример, има веќе неколку цркви со насликани донатори – од поранешниот министер за одбрана Братислав Гашиќ, па до други бизнисмени. И самиот владика Амфилохие се насликал на новиот храм во Подгорица заедно со други световни личности… Лично, сметам дека тоа не требало да се случи бидејќи можеле да се најдат многу други начини за искажување благодарност и спомен кон оние луѓе што ги дале своите не мали пари за градење некоја нова црква. Сепак, се дозволи тоа што се дозволи и тоа сега само се пренесе како традиција на оние што во денешно време имаат доволно пари да можат да ја платат изградбата на некоја црква. И се прави она што се прави.

Ванчо Чифлиганец не е ниту прв, а сигурно нема да биде ниту последен бизнисмен што посакал да биде насликан на црковните фрески како ктитор. Јасно, се раководи со она обична, овоземска, човечка желба неговиот чин да остане запаметен за идните поколенија, за оние што ќе доаѓаат во храмот и по неколку векови од сега, се раководи, како што и самиот кажа, со благодарноста до Бога за она што досега го направил. Такви фрески веќе си направија и други македонски бизнисмени – Ристо Гуштеров, на пример, во храмот што го финансира во својот роден Радовиш, а многубројни се и други бизнисмени што последниве години даваат пари за изградба на нови цркви во земјава. Но, на тапет сега се најде Чифлиганец. Веројатно и поради начинот на кој е претставен на црковните сводови. И јас мислам дека таа фреска и онаа со другите членови на неговото семејство можеше да биде поскромна, поумерена кога веќе се најде меѓу ликовите на светителите. Вака се добива впечаток на неумереност, на јавното потенцирање на сопствената донација, на дарот што го направил. А знаеме добро што проповеда изворното христијанство за дарувањето. Изгледа како да се прави самореклама од инаку вредниот гест на човекот што сакал да им се оддолжи на својата црква и на народот. Затоа, сигурен сум, и дошле реакциите. Инаку, зошто луѓето сега би реагирале за ктиторството на Чифлиганец или на Гуштеров, кое е забележано на фреските, а не реагирале, на пример, кога тие почнале да ги градат црквите и кога ја плаќале нивната изградба?

Македонските бизнисмени треба да знаат дека очите на јавноста и тоа како се вперени во нив кога објавуваат дека ќе дадат големи пари за изградба на некоја црква. Не треба многу да се објаснува дека во основа на тоа е прашањето како тие ги заработиле парите што ги имаат, поврзано за се она што се случувало досега, со транзицијата, со бизнис-врските со политиката и слично… Поради сето тоа, таквите гестови меѓу народот често се сфаќаат и како барање за простување на гревовите, кои можеби ги направиле во една таква контроверзна врска каква што е христијанското верување и водење успешен бизнис. Но, такви убедувања секогаш ќе постојат, а ктиторите ќе ја имаат задачата во секојдневниот живот да докажат дека таквите мислења немаат основа. Впрочем, и самата црква вели дека и со така скапи донации не може да се искупат направените гревови.

BrankoЗначи, она што го прават како ктиторство треба да биде во духот на христијанската скромност, на љубовта кон верата, а не во саморекламирањето кое предизвикува токму спротивни реакции кај луѓето што редовно ги слушаат црковните проповеди во тој правец. Таквите проповеди не е лошо црковните достоинственици да им ги кажуваат и на потенцијалните донатори, кои очигледно како уште да сметаат дека некој одозгора не гледа добро и не знае што и како правиме во земскиот живот. На тој начин само по себе ќе се дојде и ќе најде вистинска мерка за тоа како треба да остави трага за идните поколенија за тоа кој што направил за црквата и за народот.

Пишува: Бранко Ѓорѓевски – ДНЕВНИК

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *