Почетна Коментар Светите Отци за трите степени на духовниот развој
Светите Отци за трите степени на духовниот развој

Светите Отци за трите степени на духовниот развој

549
5

Многу е битно да знаеме дека постои одреден Божествен ред и хармонија во духовниот живот, посебно што светоотечкото Предание тоа недвосмислено и прецизно ни го открива. Ако ова свето Предание го игнорираме, тогаш нашиот душевен живот може да биде само имитација или импровизација на некаков духовен живот каков што ние самите си го замислуваме, односно некој вид религиозна невроза или религиозно растројство на личноста. Нормално, треба да внимаваме, на крај, да не испаднеме и богоборци.

Светите Отци на Црквата, во својот духовен подвиг забележале три нивоа или стадиуми, или степени на духовниот развој, предавајќи ни ги како свој духовен опит: чистење на срцето од страстите, просветлување на умот иобожение (боговподобување). Можат да се сретнат и други називи за овие степени.

Во теологијата на свети Максим Исповедник овие три степени се претставени како: практична философија, природно созерцание и мистично богословие.

Кај свети Исак Сирин трите степени ги пронаоѓаме именувани како: покајание, чистота и совршенство.

Во своите списи свети Дионисиј Ареопагит ги опишува трите степени на духовниот живот како: очистување,просветлување и совршенство.

Свети Никита Ститат вели дека постојат три степени во напредувањето кон совршенството: почетна состојба на очистување, преодна состојба на просветлување, мистична состојба на совршенство. Итн., итн., слично и кај други Свети Отци.

Но, ова учење за трите степени го среќаваме и посредно објаснето. Овојпат, на пример, ќе видиме како Отците го поврзуваат со свештеничките чинови. Обрнете внимание и на сличната терминологија што ја користат при објаснувањето.

Свети Максим Исповедник ги поврзува трите стадиуми на духовниот живот со трите степени на свештенството. Тој пишува:

„Делото на ѓаконот го врши оној што го вежба својот ум за свештени подвизи и ги изгонува од себе страсните помисли, а делото на презвитерот – оној што го просветлува својот ум во познание на создадените битија и со тоа го уништува лажнонареченото знаење; додека, пак, делото на Епископот го има оној што го восовршува својот ум со светиот мир на познанието на обожуваната и Пресвета Троица.“

Свети Никодим Светогорец дообјаснува: „Богоносниот Максим смета дека задачата на ѓаконот е, по пат на морален напор, да ги очисти другите од нивните страсти и лошите помисли; задачата на презвитерот е да ги просветли другите со природно созерцание на внатрешните принципи (логоси) на сè постоечко; и, на крај, задачата на Епископот е да ги восоврши другите во светлината на внатрешните принципи (логоси) на богословието [возење трактор е симпатично, но ќе се согласиме дека воопшто не е Епископски идеал]“.

Свети Дионисиј Ареопагит истото го вели вака: „Епископите (епископскиот чин) во потполност ја поседуваат моќта на просветлувањето… Нивната задача [внимавајте точно што е  епископскиот идеал] не е само да просветлуваат, туку и да восовршуваат. Презвитерите се просветлени и просветлуваат, додека ѓаконите очистуваат и знаат да расудуваат.“

naumСветите Отци степените на духовниот развој ги одредуваат според видот на молитвата. Оние кои се молат само со уста и со разум, се на првиот степен – чистење на срцето, оние на кои им е откриено местото на духовното срце и аскетски се молат со умот внатре во него, се на вториот степен – просветлување на умот. Обожените ја имаат непрестајната (благодатна) умно-срдечна молитва, но за оваа тема во следната беседа.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, и прими нѐ и помилуј нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Коментар(5)

  1. Владико со сета почит ама…(ВОЗЕЊЕТО ТРАКТОР Е СМИРЕНИЕ НА ЕПИСКОПОТ И ЦЕЛЕЊЕ КОН ТОА) а ВОЗЕЊЈЕТО НА СКАПИ КОЛИ НА пр. КРАЈСЛЕР ИЛИ АУДИ ИЛИ ЈАХТА ИЛИ НЕЗНАМ СЕГА ШО ВИЗИТЕ А ТОА Е СПОРЕД ВАС ВОСОВРШУВАЊЕ НА ДРУГИТЕ …. ТЕЖОК ИСИХАЗАМ ПРОПОВЕДАТЕ …. Барем не спомнувајте дека некој си владика возел трактор… Прошѕевајте

  2. Кој има уши слуша.. Другите ревнуваат. Помоли се за нас владико свети +

  3. До Ревнител: Си видел владика да вози? Си се запрашал зошто држењето на воланот не е примарна окупација за еден епископ? Или зошто на пример, таткото ги пушта децата по пиво?

  4. Убаво напиша владиката дека возењето трактор не е епископски идеал, иако е симпатично, па еве и да прифатиме дека некој епископ го прави за смирение. Секој на свој начин се смирува, но најголем начин на смирување е да си ја извршува човек задачата што од Бога ја добил. Така што, ако дотичниот епископ има напишано некоја книги (Митрополитот Наум има 12 и две се во подготовка), ако редовно проповеда и пишува беседи и ја пучува својата паства, ако го развил од ништо монаштвото во својата Епархија и пошироко и црковниот живот воопшто, тогаш ок – нека вози и трактор, не е проблем. Но, ова второво треба да се истакне, а не само возењето трактор, за да се има комплетна слика за човекот и за епископскиот идеал. Инаку Митрополитот Наум, моментално го возат (он никогаш не вози автомобили) во постар модел од Мерцедес Ес класа – но добро сочуван и со мала километража и во најнов модел на Гранд Чироки, но тие возила нити се купени со црковни пари, нити се во сопственост на Епархијата, ниту било кој друг автомобил во која го возеле до сега бил Епархијски, од како јас го знам. Владиката е богат со пријатели и кој било вид на возило тие му го набавуваат, а исто, било кој модел на возило што тие го имаат и он може да го користи. Исто така има и јахта на располагање, но ја користел само еднаш – колку да не ги одбие пријателите. Еднаш е сликан како вози моторен чамец (не јахта) и толку. Митрополитот Наум, не зема плата од Црквата за својот труд, не е здравствено и пензиско осигуран од Црквата, но на располагање му се повеќето приватни болници во Р. Македонија. Последната операција што ја имаше во кралската болница во Брисел, во март годинава, исто му беше платена од пријател. Сите пари со кои располага се помош од неговите пријатели. Сите цркви и манастири што се изградени во неговата Епархија се исто донации од пријатели, без денар од самата Епархија. Ако нешто друго ве интересира од неговиот приватен живот, слободно прашајте. Поздрав!

    1. Здраво Марија. Христос посреди нас! Многу ми е мака што порано ова не сум погледнал, гледам информацииве си ги пишала 2016. Не знам дали ќе добиеш извесување дека сум ти пишал молба коментар, но се надевам дека кога тогаш ќе погледнеш пак кај коментариве од оваа статија.
      Гледам дека знаеш доста работи од приватниот живот на дедото Наум. Мене многу ме инстересираат работи од животите на свештенослужителите, заради да знам какви луѓе ја раководат МПЦ ОА! Иако не сум дел од стадото на дедово Наум Струмички (мојот духовник е друг, во случајов игумен на манастир на МПЦ ОА) и не ме засега лично тоа каков свештенослужител е било кој достоинственик на МПЦ ОА, освен мојот духовник, затоа што сум информиран дека демонот токму за духовникот се обидува да ни креира најгрда слика во животот) претпоставувам со цел да се уништи нашата доверба во него, па штом отиде довербата-отиде и послушноста, а штом отиде послушноста-отиде спасението!
      Колку поголем духовен напредок има човек достигнато-толку е поголем мојот интерес за неговиот сѐвкупен подвиг во верата воедно и односот кон сите други луѓе, а најмногу раководењето на стадото кое му е доверено!
      Во случајов за дедото Наум, (ме интересира сѐ што знаеш, иако е незгодно да се рече во толкава мера информации). Ако може, сум слушнал дека, претходен челник на МПЦ ОА, кој меѓу верниците важел за жив светец на денешницата, избрал двајца монаси од Света Гора, еден од нив дедово Наум, другиот не знам, а не знам со која цел ги повикал тие монаси да се приклучат кон Светиот Синод на МПЦ ОА, само би претпоставил-заради дополнително духовно зајакнување.
      Значи ме интересира сѐ, од самиот почеток на верските подвизи на дедото Наум. (Некаде имаше статија за сите владици од Синодот на МПЦ ОА, меѓу другото, мислам дека имаше за световниот живот на дедово, уште пред да се замонаши.) Не знам дали се подвизувал во некој Скит на Света Гора, а за Скитските монаси вели дека карактеристичен е вториот степен на духовен раст-просветлување на умот! Уште повеќе, кога дедово ги опишува внатрешните духовни состојби на христијанинот при вториот и при третиот степен на духовен раст, не можам да се изначудам, во смисла-од каде му се информациите, бидејки ако човек не се повика не извор на информации, тогаш пишува од личен опит! Уште повеќе, на социјалните мрежи некој има коментирано дека посведочил многу чуда со силата на верата на дедово!!!
      Ако е многу да се пишува овде, да ти пишам мој маил да ми пишеш таму, те молам!
      П.С. Се извинувам за должината на поракава.
      П. С. 2Марија, со нетрпение очекувам одговор, затоа што инаку нема баш од каде да се информирам, особено за такви детали, па без разлика колку и да ме интересира!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *