Почетна Проповеди Светилникот на Православието
Светилникот на Православието

Светилникот на Православието

343
0

Во текот на Велигденскиот пост, Црквата определила прославување и празнување на големи настани и значајни личности. Оваа втора недела е посветена на една значајна личност, на големиот чудотворец и светилник на Православието – светиот Григориј Палама, архиепископот Солунски, кој живеел и творел во 14 век. Светата црква нема доволно зборови да го опише неговиот свет живот и неговото богоугодно дело и огромните заслуги, кои ги направил за Црквата Божја. Неговиот познат тропар е прекрасна химна и преку него ние уште повеќе слушаме за тоа за каков светител ние денес си спомнуваме. Светиот Григориј не само што е чудотворец и светилник на Православието, тој е и: тврдина и учител на црквата, непобедлив богослов над богословите, пофалба на солунјаните, благодатен поборник и молитвеник пред Бога за нашите прегрешенија.

Големиот подвижник и татко на исихастите се родил во 1296 година во Константинопол во благочестиво семејство, во непосредна блискост со дворот на царот Андроник. Останал без татко на седум годишна возраст. Откако завршил византиско образование, преку кое се стекнал со голема мудрост, успеал да ги убеди својата мајка и своите двајца браќа и две сестри да заминат заедно со него во манастир. Најпрвин отишол на Света Гора во Големата Лавра, а еден период бил и пустиножител во скитот Глосна. Откако започнале нападите од Турците, многумина монаси го напуштиле Атос засолнувајќи се на разни места. Меѓу нив бил и свети Григориј заедно со уште неколку монаси. Тие се засолнале во околината на Солун, предавајќи се сосема на молитвата. Кога наполнил 30 години, Палама примил свештенички чин и нешто подоцна повторно заминал на Атос, во ќелијата на свети Сава. Таму се предал на исихастичкиот подвиг, на умната молитва и долги години поминал во строг пост, молитви, молчание и созрцание, па соединувајќи се со Бога и духовно хранејки се со Него успеал да се освети и да ги победи еретичките учења.

Во средината на 14 век на Света Гора се појавиле погрешни учења, кои ги ширел некој монах Варлаам од Италија, поточно од Калабрија. Во тие мигови силно во одбрана на вистинската вера застанал свети Григориј, кој успеал да го побие еретичкото учење на Варлаам, кој во секој исихастички и молитвен акт согледувал месалијанизам, па го отфрлал православното учење за несоздадената светлина и не ја допуштал можноста за достигнување на тоа озарување, како плод на молитвата, постот и другите духовни подвизи на самоодрекувањето. Конечно на Соборот во 1341 година во Константинопол овој свет син на Божествената светлина – Григориј го разобличил споменатиот еретик и заштитувајќи го православното учење за несоздадената светлина – му докажал дека философијата и интелектуалноста не се единствениот пат да се стигне до најголемата цел во човековиот живот – просветлувањето со Таворската светлина.

Иако учењето на Варлаам било осудено како ерес и самиот тој бил предаден на анатема, споровите меѓу паламитите и варлаамитите не завршиле. Така ученикот на Варлаам, монахот Акиндин од Прилеп настапил со редица трактати во кои ги прогласувал светителот Григориј и Атонските монаси за виновници за црковниот проблем. Светителот напишал подробно побивање на измислиците од Акиндин. Но, без оглед на тоа, Патријархот Јован XIV Каленас го одделил светителот од Црквата (1344) и сосема неправедно го осудил на затвор кој траел три години. Потоа светителот Григориј Палама бил ослободен и воведен во чин архиепископ Солунски. По неколку години, пак доживеел заробеништво, а во 1359 година мирно се преставил при Бога. Во 1368 година со одлука на Синодот на Константинопол бил канонизиран за светител.

Православното учење за особената сила на посниот подвиг во достигнувањето на Царството Божјо се открива во учењето на светиот Григориј Палама за благодатната сила којашто слегува одозгора и го озарува целиот човек, откривајќи му ги најтаинствените доживувања на неговиот дух. Токму затоа и поради огромната почит кон него, еднодушно било одлучено оваа втора недела биде посветена во негов спомен и ние да се потсетиме на него и да се поучиме од неговиот богоугоден живот и дело.

Освен од животот на свети Григориј Палама, ние треба да се поучиме и од денешното евангелие од кое треба да извлечеме спасоносни поуки. Преку денешното евангелие, кое зборува за чудото со фатениот во Капернаум, Господ Исус Христос ни укажува на цврстата врска помеѓу душата и телото, на телесните слабости што ги предизвикува гревот, односно кои се предизвикани од нашата негрижа кон духовниот живот. Од Христовото чудо, кое го направил врз парализираниот, откако му ги простил неговите гревови со зборовите „Синко, ти се опростуваат гревовите твои!“ (Марко 2,5) – треба да ги извлечеме следните поуки. Прво, да обратиме сериозно внимание на своето лично духовно здравје. Периодот на Велигденскиот пост е одлично време, кое треба да го искористиме за негување на нашето духовно здравје. Да ја надминеме мрзливоста и негрижата и преку постот, молитвата и исповедта, да се покаеме и да се очистиме од гревовите. Второ – да земеме пример од роднините на евангелскиот фатен, кои не го жалеле својот труд на раце да го однесат тој што страдал кај Христа, исполнети со вера дека само Он ќе го спаси. И ние да имаме таква вера и да го сведочиме Христа, кај нашите ближни и да ги донесеме во Светата Црква, во прегратките Христови, каде примајќи Го Неговото тело и крв ќе се излечат. Но, и сите ние имаме потреба од помошници со силна вера кои ќе се застапат пред Христа, за Он да нè спаси. Таков наш помошник ни е свети Григориј Палама, кој целиот свој живот го поминал во пост и молитва. Неговите беседи ни се од исклучителна помош во напредокот на нашиот духовен живот. Во една од нив запишал: Постот и молитвата водат кон праведност. Тоа се крилата кои ја издигнуваат душата до светост. Овие зборови тој ги потврдил со неговиот испоснички живот, кој треба да ни е образец за поддржување на деновите преку Велигденскиот пост. Затоа и ние – тоа што го слушаме во храмот и од неговите дела, но и тоа што го знаеме – да го исполниме!

Возљубени, Во оваа седмица да продолжиме да чекориме во дните на постот, по патот на смирението и во скрушеност по молитвите на свети Григориј Палама да Му се обратиме на Бога, Лекарот на душите и телата, и нас како на фатениот да ни ги прости гревовите, да ни ја излекува духовната парализа, благодатно да нè просветли и телесно да нè излекува, за да потполно здрави во денот на Воскресението можеме да Го славиме, велејќи „Никогаш вакво чудо не сме виделе!” (Марко 2, 12). Амин!

Пишува: Митрополит Тетовско-гостиварски Јосиф

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *