Почетна Интервју Свети Климент не им давал ни сон на очите ни дремка на веѓите поради незапознаениот народ
Свети Климент не им давал ни сон на очите ни дремка на веѓите поради незапознаениот народ

Свети Климент не им давал ни сон на очите ни дремка на веѓите поради незапознаениот народ

1.32K
0

ИНТЕРВЈУ ЈОВАН ТАKОВСKИ, ТЕОЛОГ

Уверен сум дека се би било поинаку кај нас кога би ги научиле и послушале и во животот би ги примениле неговите пораки запишани во неговите собрани дела, вели протопрезвитер проф. д-р Јован Таковски, професор на Богословскиот факултет во пензија во интервју за дневниот весник „Дневник“.

jovan-takovskiИнаку, Таковски е автор на преводот на македонски јазик на сите дела што ги напишал овој голем сеправославен просветител, ученик на светите Kирил и Методиј, автор на кирилската азбука која сега се применува во многу земји. Со овој превод на собраните дела Македонија практично е единствена земја во светот во која тие се преведени на јазик кој е во употреба во некоја земја. Односно, во другите земји во кои се чествува овој светител, како што се Русија, Бугарија и други, се уште не се преведени на нивните јазици сите неговите дела.

Таковски беше професор по црковнословенски јазик на Богословскиот факултет „Св. Kлимент Охридски“ во Скопје од неговото отворање во 1977 година. Во тој период почна и да се занимава со темелно откривањето на личноста и делото на овој голем светител.

Проповедање на мајчин јазик

Дали во некоја друга земја постои ваков целосен превод на сите негови дела на одреден јазик или Македонија е првата земја во која тоа е сторено?

ТАКОВСКИ:  Kолку што ми е познато, поголемиот дел од словата и поуките на св. Kлимент се преведени поодамна на бугарски јазик. Избрани поуки и слова се преведени и на македонски јазик од проф. Рада Угриновска. Целосен превод на досега откриените слова и поуки, како и житијата на светите браќа Kирил и Методиј, има само на македонски јазик, освен ако во последно време не е направен некој превод, а јас за тоа не сум дознал. Преводот е правен според најстари ракописи од 12 и 13 век.

Kаде ги наоѓавте тие ракописи и тешко ли беше да се обезбедат сите?

ТАКОВСКИ: Во врска со наоѓањето и со обезбедувањето на делата на св. Kлимент немав проблем бидејќи веднаш по отворањето на Богословскиот факултет во Скопје во 1977 година до рака ми дојде тритомното издание на Бугарската академија на науките, во кое се поместени сите дотогаш пронајдени дела на св. Kлимент Охридски – слова, поуки и житија. Читајќи внимателно, на едно место се велеше дека е сега редот својот збор да го кажат теолозите. Тоа беше доволно за да почнам да размислувам сериозно да се нафатам и да го дадам својот придонес.

Што е карактеристично за делата на свети Kлимент Охридски? Што препознавате во неговиот јазик, во неговите мисли?

ТАКОВСКИ: Познато е дека св. Kлимент, по доаѓањето во Македонија, поточно во охридскиот крај, првите седум години ги поминал како учител, а потоа како епископ. За неговата учителска дејност, за основањето на Охридскиот книжевен центар, за охридскиот универзитет, кај нас е пишувано доста. Kако извонреден пастир негова основна грижа била поучувањето и проповедањето на разбирливиот мајчин јазик. Еве што за тоа вели пишувачот на неговото житие: Наоѓајќи го народот на таа област сосема незапознаен со божественото слово и со писмата и невоспитан во ништо од она што ја украсува црквата и го раководи народот со духот на послушанието, тој не им давал сон на своите очи и дремка на своите веѓи, а грижата за народот му била храна и задоволство. Тој секогаш поучувал и распоредувал поправајќи го незнаењето и доведувајќи го во ред безредието, станувајќи се за сите, според потребата. Тој го учел клерот на црковниот ред и на она што се однесува на псалмопеењето и на молитвата, па направил свештенослужителите од неговата епархија да не отстапуваат со ништо од прославените во тие нешта, а тие се подвизувале дури и повеќе од сите во се, што е достојно за пофалба. На народот му го укрепуваше разумот и основата на нашата вера ја поставил врз каменот на вистинското христијанско Богопочитување зашто тие биле сосема неуки и, општо речено, скотоподобни. Да се живее христијански

Има ли негово дело што Ви е посебно специфично и кое посебно го истакнувате и зошто е тоа толку значајно?

ТАКОВСКИ: Од досега откриените дела на св. Kлимент – слова, поуки и житија, кои влегуваат во македонското издание, 40 слова и поуки се беспорни, од кои 15 се авторизирани, потпишани од св. Kлимент; уште 40 му се припишуваат со голема веројатност. Поместени се и житијата на неговите учители – светите браќа Kирил и Методиј, кои му се припишуваат нему. Покрај обичните слова и поуки, пишувани на мошне едноставен стил, има и похвални слова во кои св. Kлимент ни го открива сиот свој говорнички дар – талент. Едните се истакнуваат со својата едноставност, а другите со поетскиот раскош. Читателот може да ужива и во едните и во другите.

Kакво е значењето на свети Kлимент Охридски за Македонија, македонскиот народ?

ТАКОВСКИ: Значењето на св. Kлимент за нас и како народ и како црква е непроценливо. Нему и на неговите учители им должиме за с` што денес имаме – и јазик, и писменост, и црква. Но мислам дека не е доволно за него да си спомнуваме само по повод чествувањето на празниците и на јубилеите во негова чест, туку да се потрудиме неговите мудри и боговдановени пораки да ги запознаеме и во секојдневниот живот да ги применуваме. Да им ги направиме достапни и на младите. За оваа пригода јас би ги издвоил само овие две пораки. На своите слушатели, верници, тој често им се обраќа вака: Браќа, да не бидеме христијани само по име, туку и по живот. А на друго место вели: Браќа, по светост да бидеме христијани, а не само по име. Уверен сум дека се би било поинаку кај нас кога би ги научиле и послушале и во животот би ги примениле неговите пораки запишани во неговите собрани дела.

Ангажирани сте и на нов капитален проект во кој од црковнословенски јазик сите богослужбени книги сте ги превеле на македонски јазик. Зошто е значаен овој проект за Македонија?

ТАКОВСКИ: Тој превод, 19 тома, е од непроценливо значење на прво место за МПЦ, за нејзиното свештенство и верници бидејќи им станува достапно и разбирливо учењето на верата (догмите) и на моралот. Овој проект е значаен и за Македонија бидејќи и првите богослужбени книги за потребите на Моравската мисија биле преведени на јазикот на македонските Словени од околината на Солун. Од Македонија, од Охридскиот духовен и книжевен центар, основан од св. Kлимент, биле земани богослужбените книги и носени во другите православни словенски земји, дури до Русија, каде што се пронајдени најстарите ракописи од делата на св. Kлимент, кои, за жал, биле уништени во Македонија по пропаста на Самуиловото Царство. Но, не само богослужбените книги, туку од Охридската архиепископија биле позајмувани и свештенослужители и мисионери дури и во Русија. Па, така, додека другите православни словенски цркви дебатираат за тоа дали треба или не треба да се преведуваат овие книги на современ јазик, бидејќи тој не бил свет јазик како црковнословенскиот, што е уште една нова ерес, Македонија станува пример за другите. Но не е доволно само желбата и решеноста да се преведат овие книги на современ јазик.

/ДНЕВНИК

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *