Почетна Коментар Свети Апостол Тома и ние
Свети Апостол Тома и ние

Свети Апостол Тома и ние

63
0

Објаснето е одамна дека барањето на светиот апостол Тома да ги допре раните на воскреснатиот Богочовек Исус Христос не е неверие, туку природно и спасоносно барање на човекот да Го познае Бог од опит, а не од прераскажување на другите (види: Јован 20, 19–31). Другите нека си прераскажуваат за Бог колку што сакаат, за нас е од суштинско значење да Го познаеме Бог од опит.

Затоа што, интелектуалното знаење за Бог не ни носи сигурно спасение, а камоли совршенство, туку може да донесе гордост, поделби и пропаст, додека пак, знаењето на умот (разумот) што произлегува од опит на заедницата со Бог, во нашето срце, ни носи смирение и единство, во Светата Евхаристија на Црквата.

Клучните поенти на евангелското четиво од Неделата на светиот апостол Тома се следните:

Прво, Евангелието не е напишано за да ја испитуваме верата на светиот Апостол Тома – тоа не е во наша власт, туку да ја испитаме и провериме нашата сопствена вера преку неговиот пример, и да се покаеме – што е во наша власт.

Второ, Христовите зборови: „и не биди неверен, но верен!“ (Јован 20, 27), може да се споредат со разликата меѓу аскетската и благодатната вера – во која Господ сите нѐ повикува. Аскетската вера се сведува на тоа да се принудуваме да веруваме дека Бог постои („Верувам, Господи, помогни му на моето неверие“ – Марко 9, 24), а благодатната вера е кога од опит на заедница со Него имаме знаење и познание за Него („Господ мој и Бог мој!“ – Јован 20, 28), како и препознавање и пророкување на идните случувања. Исто така, пред сѐ, за нас кажани – не за Апостолот.

Трето, зборовите: „Тома, ти поверува, зашто Ме виде; блажени се оние кои не виделе, а поверувале!“ (Јован 20, 29), значат, едноставно, дека оние што не Го виделе Бог од опит, а кои, сепак, ќе претрпат докрај – обидувајќи се да изградат синовски однос со Бог (оние со аскетска вера), ќе се спасат – и затоа се блажени, а дека Апостол Тома е свет.

Кој е тој опит за кој постојано говориме и овде и порано, а кој го опишуваме како знаење на умот (разумот), што произлегува од опит на заедницата со Бог, во нашето срце? Тоа е опитот во умно-срдечната молитва. Без овој опит нема благодатна вера, нема просветлување на умот и нема постојано преобразување на човекот до обожение.

Основен копнеж на секоја христијанска душа треба да биде достигнувањето на дарот на умно-срдечната молитва. Тука не постои разлика меѓу мирјани и монаси, свештеници и лаици. Без овој копнеж, потврден на дело, нема православен духовен живот.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, помилуј нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *