Почетна Анализа Свештениците – тајното оружје на војската
Свештениците – тајното оружје на војската

Свештениците – тајното оружје на војската

269
0

Американската Канцеларија за странски воени студии во своите подолгорочни истражувања и опсервации забележува дека официјална Москва веќе извесно време во рамките на својата армија инсистира на религиозен амбиент како силно обединувачки и мотивирачки фактор на своите вооружени сили.

Иако во рускиот устав е јасно истакнато дека „ниедна идеологија не може да се воспостави како државна или задолжителна“, официјален Кремљ веќе подолго време, според американската Канцеларија за странски воени студии, протежира „обединувачки религиозен амбиент“. Во таквиот контекст, истражувањата го издвојуваат фактот дека „религијата одамна игра голема улога во рускиот армиски живот, најпрвин преку православната црква во царските времиња, а потоа, на секуларен начин, преку комунизмот во времето на Советскиот Сојуз“.

– Во времето на доцната империјална Русија, кога почнуваа да се формираат гарнизони, секој пешадиски полк имаше тенденција да изгради сопствена црква, но никако синагога или џамија – истакнува историчарот од Универзитетот во Тексас, Роџер Рис. Тој има пишувано низа написи и книги за царска Русија и за советските вооружени сили.

Имено, она што е најново е дека руската армија планира да изгради воена црква со која ќе ги зацврсти спиритуалните вредности на своите вооружени сили. Според генерал-полковникот Андреј Картаполов, заменик-министер за одбрана и началник на новоформираната армиска Управа за воено-политичко образование на војниците, наскоро ќе почне изградбата на главна црква на вооружените сили, а локацијата ќе биде Паркот на патриотите надвор од Москва.
– Новата црква ќе биде уште еден пример за народното единство околу идејата за патриотизам, љубов и посветеност кон нашата татковина – изјави Картаполов за руските новинари.

Генералот Картаполов е убеден дека современиот руски војник не може да се оформи целосно без влијанието на возвишената духовност. Зборувајќи за идеологијата, генералот и заменик-министер во МО, истакна дека таа ќе се базира врз историското минато на татковината и народот, како и врз историските и културните традиции.

Рускиот весник ,„Независен“ истакнува дека црквата, наречена од некои „Храмот војничко платно“ – ќе биде во духот на воинственоста. Ѕидовите на воената црква се во боите на стандардниот руски ракетен и тенковски систем. Во внатрешноста, ѕидовите се украсени со слики од историските битки и текстови од Светото писмо. Проектираната висина на црквата изнесува 95 метри, а наменета е за 6.000 луѓе.

Американската Канцеларија за странски воени студии во своите опсервации забележува дека сега во Русија, православната црква ја користи секоја можност да се претстави себеси како национална религија и да се слее со државата, како што било во времето на царевите, така што овој вид дејствување одржува континуитет, кој беше само привремено прекинат за време на СССР. Се разбира, советскиот режим не градеше цркви за армијата, но сепак ја изгради московската „Куќа на Црвената армија“ во форма на ѕвезда, креирана за потребите на ЦА и за нејзините војници. На некој начин, таа има слична намена како зградата на ОВС (Обединета воена служба – непрофитна организација задолжена за културно-забавниот живот на американските војници), така што намерата на Путин да посвети едно посебно здание за потребите на војниците на руската армија и нивниот морал го има цел токму истото тоа.

И покрај фактот што идејата за воена црква за некого би била невкусна, Русија не е уникатна во поврзувањето на војската и религијата. Многу армии, вклучувајќи ги и оние на САД и на Израел, во своите редови имаат свештени лица што носат униформа и имаат воен чин. Капелите се нешто вообичаено во воените бази, а на војниците им се доделува слободно време, а понекогаш и се притиснати да присуствуваат на верски служби.

Иако руската воена црква ѝ дава предност на православната вероисповед, таа не е уникатна во своите начини на притисок: војниците во американската војска што се од нехристијанска вероисповед се пожалија на верска дискриминација, особено од страна на христијанските фундаменталисти.

Навистина е интересно колку малку се менуваат нештата. Без разлика дали се работи за одамнешните царски регрути, оние на Црвената армија или современите вооружени сили на високостручните и најопремените и најподготвени армии, како што е на САД или Израел, кога треба да се убедат војниците да се борат, се чини дека нивното духовно зајакнување е едноставно неизбежно.

/Нова Македонија

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *