Почетна Анализа Стравот од вирусот не ја засенува љубовта
Стравот од вирусот не ја засенува љубовта

Стравот од вирусот не ја засенува љубовта

71
0

СКЛУЧЕНИ БРАКОВИ ВО ВРЕМЕ НА КОРОНАВИРУС

И додека коронавирусoт ги запре сите процеси во земјава и во светот, постојат луѓе на кои љубовта и желбата да бидат заедно им се поважна од стравот, но и од потребата најважниот момент во нивниот живот да го споделат со многу луѓе. Иако вообичаените масовни собири и свадбени веселби сега изостануваат, сепак љубовта е посилна од сѐ, па многумина и во вакви услови се решаваат да го изговорат судбоносното „да“.
Така, во Македонија во март годинава, 950 двојки склучиле граѓански брак, запазувајќи ги процедурите за физичка дистанца, без присуство на гости, блиски роднини, па дури и фотографи и сниматели.

Сепак, најголем број закажани термини за склучување брак овој месец се откажани и се презакажани за одржување во август, септември и октомври годинава.
Статистиката во Управата за водење матични книги покажува дека во март годинава само во Скопје биле склучени помалку од 100 брака, што е намалување за 70 отсто во споредба со лани овој период, кога биле склучени 700 граѓански брака. Лани во март во целата земја биле склучени 1.144 брака, а годинава околу 950.
Оттаму велат дека заради запазување на сите мерки за заштита од коронавирусот, граѓанските бракови во Скопје не се склучуваат во свечените сали, како што беа објектите на „Порта Македонија“ и на Музејот за револуционерната борба, туку во административната зграда на управата, во присуство на идните брачни партнери, нивните двајца сведоци и матичарот.

Закажувањата, пак, се одвиваат онлајн, преку веб-страницата на управата.
– Минатиот месец немаше масовно откажување на закажаните термини, сѐ додека не беше прогласена вонредна состојба во земјава. Откажувањето драстично се забележа кон крајот на март и овој месец. Презакажуваме термини за август, септември и октомври. Во многу случаи закажувањето е неизвесно поради сѐ уште недефинираната состојба за работа на рестораните, каде што потоа традиционално се прославува склучениот брак – посочуваат од Управата за водење матични книги во земјава.
Оттаму очекуваат во април да бидат склучени нови бракови, но сметаат дека тоа ќе бидат само оние што веќе не можат да го презакажат терминот.
Лани во април биле склучени 1.166 брака на целата територија на земјава, а во Скопје биле склучени 700 брака.

Од Македонската православна црква-Охридска архиепископија велат дека поради велигденскиот пост во март немале најавени венчавки, но по Велигден, сите закажани венчавки веќе се одложени за следните месеци.
И од скопското муфтиство при Исламската верска заедница велат дека минатиот и овој месец е намалена венчавката во џамија за 20 отсто. Оние, пак, што ги венчаваат, тоа го прават според препораките за заштита од ширење на коронавирусот, односно во присуство на минимум гости.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *