Почетна Анализа Стегањето на клештата Русија-Турција го загрозува опстанокот на Вселенската Патријаршија
Стегањето на клештата Русија-Турција го загрозува опстанокот на Вселенската Патријаршија

Стегањето на клештата Русија-Турција го загрозува опстанокот на Вселенската Патријаршија

1.42K
4

Aykan Erdemir и John Lechner
Вашингтон
26 февруари 2021

Време е Западот да ѝ понуди цврста поддршка на Патријаршијата со седиште во Истанбул – во моментот притеснета од Анкара и Москва, којашто од обете е сметана за закана во  нивните нелиберални проекти.

Вселенскиот Патријарх и Архиепископ на Константинопол, Вартоломеј I, е духовниот водач на околу 300 милиони православни христијани. Тој е „прв меѓу еднаквите“, меѓу претстојателите на сите самоуправни Православни Цркви во светот.

Сепак, благодарение на инструментализацијата на Руската православна црква од страна на Владимир Путин за проширување на неговите геополитички амбиции, Вселенската Патријаршија во Истанбул сè повеќе се заплеткува во мрежите на Кремљ.

Бидејќи Руската Црква ја има далеку најголемата православна заедница во светот, и повеќето православни христијани живеат во земјите на поранешната Железна Завеса, Вартоломеј, не сакајќи, се најде во позиција на соперник на руската влада.

Она што е потешко да се разбере е зошто Реџеп Таип Ердоган, Претседателот на Турција, земја членка на НАТО, смета дека му е во интерес да се приклучи на Путиновиот притисок врз Вселенската Патријаршија.

Сепак, еден подлабок поглед покажува дека и Путин и Ердоган ја сметаат Вселенската Патријаршија за своевидно ширење на западното влијание што ги загрозува нивните политички амбиции соодветно.

Украина како катализатор на гневот на Москва

На 5 јануари 2019 година, Вартоломеј потпиша томос што ѝ доделува автокефалија, или црковна независност, на Православната Црква во Украина, којашто потпаднала под јурисдикција на Московскиот Патријархат во 1686 година.

Желбата на Украинската Црква за духовна независност го одразува личниот обид на Владата во Киев да побегне од Московската орбита, на што Путин одговори со започнување на инвазија и прокси-војна што однесе околу 13.000 животи и истера 1.5 милиони Украинци од нивните домови.

Сепак, кога во октомври 2018 година Вселенскиот Патријарх ја објави својата намера да ја признае независноста на Украинската Црква, неговата изјава предизвика силни бранови среде православниот свет; Патријархот Кирил Московски прекина општење со Вселенската Патријаршија, а Путин дури изјави дека таквата одлука би можела „да доведе до крвопролевање“.

Руската држава и Црква не се согласуваат во сè – режимската валоризација на „Советските достигнувања“ за време на Сталин, е еден пример за тоа. Но тие имаат оформено некаков вид на договорен брак од заеднички интерес. Додека руската влада ги заштитува „традиционални вредности“, како на пример, противење на ЛГБТИ групите и на феминизмот – Црквата ги поддржува руските геополитички амбиции. Еден столб на оваа философска спојка е концептот од 15 век за Москва како „Трет Рим“, според кој, по падот на Константинопол во рацете на Отоманите во 1453 година, Москва станала негов духовен, а исто така и политички наследник.

Идејата за Москва како Трет Рим го надополнува уште поважниот концепт на руската надворешна политика: державность, или „статус на голема сила“ – со други зборови, признание дека Русија ужива почит во светската политика. Идентитетот на Русија како „православна сила“ се чува во позадина, но излегува на видело кога ќе се поклопат геополитичките аспирации и црковните интереси, како во Украина.

Доделувањето на автокефалија на Украинската Црква од страна на Вартоломеј Ι ја осигура таквата конвергенција. Тоа ги засили напорите на Киев за политичка независност, лишувајќи ја Руската православна црква од една третина од парохиите на Московската Патријаршија, вкупно околу 12.000, коишто се во Украина. Двете институции почувствуваа дека е неопходно да дејствуваат.

Во продолжение на одлуката на Вартоломеј Ι, руските хакери наречени „Фенси Мечка“ започнаа да го напаѓаат Вартоломеј и неговите најголеми помошници. Групата веќе ја имаше нападнато Демократската партија на САД, како и некои членови на американското разузнавање. Во октомври 2018 година, американските обвинители ги обвинија властите на руското воено разузнавање за употреба на „Фенси Мечка“ како параван за нивните сопствени криминални активности.

Како дел од кампањата за дезинформации, Москва, исто така, пропагираше заговори поврзани со мотивите на Вартоломеј Ι. Руски новинари тврдеа дека Вселенскиот Патријарх е застапник за американските и за интересите на НАТО. Оваа година, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, додаде нафта на огнот, изјавувајќи за медиумите дека мисијата на Вартоломеј Ι, „очигледно подготвена од Американците… е да го поништи влијанието на Православието во модерниот свет“.

Зошто Ердоган се придружува на руската кампања

Додека геополитичката важност на Украина во очите на Москва е јасна, збунува тоа што  провладините медиуми на НАТО-членката Турција ја шират руската владина дезинформативна кампања, за да ја поткопаат Вселенската Патријаршија.

Анкара има големи придобивки во смисла на „мека сила“ од присуството на Вселенската Патријаршија на турско тло и од зголемувањето на авторитетот на Вартоломеј Ι на глобална сцена. Меѓутоа, исто како што Путин исповеда духовни претензии на Москва како православна сила, Ердоган ја гледа Турција како сунитска муслиманска сила – а обајцата гледаат во Вартоломеј Ι инструмент за ширење на западното влијание и според тоа – закана за нивните нелиберални проекти соодветно. Како резултат на тоа, обидите на Москва и Анкара да ја срушат Вселенската Патријаршија вклучуваат дезинформации, заговори и хакирање.

Руската и турската дезинформативна кампања се поддржуваат една со друга. Еден месец по неуспешниот обид за пуч во Турција, во јули 2016 година, гласноговорникот на Ердоган, дневникот Aksam објави текст во кој ги обвинува: ЦИА, Фетулах Ѓулен, турскиот имам кој престојува во САД и кого Анкара го обвини за организирање на државниот удар; како и  Вартоломеј Ι, за заговор со цел соборување на Ердоган. Тие тврдат дека причината за ова е неодамнешното зближување на Турција со Русија.

Доказ за Aksam беше еден напис објавен во московскиот, про-кремљски Oriental Review, кој од своја страна, како доказ го наведува лажното писмо на поранешниот американски амбасадор. За еден аутсајдер, обвинувањата се смешни; зошто духовниот водач на православното христијанство би соработувал со ЦИА и со исламистите за соборување на Ердоган?

Ваквите заговори, сепак, имаат привлечност во Турција, за што сведочи еден напис од минатата година во Gercek Hayat, магазин публикуван од близок човек на Ердоган, кој го прикажа Вартоломеј како член на тајна терористичка мрежа што ги вклучува Ѓулен, ЦИА, британската МИ6, израелската Мосад и масоните.

За многу Турци, ваквите написи се убедливи, бидејќи „заканите“ од Вартоломеј и од странските разузнавачки агенции логички се влеваат во длабоките, историски дискурсни струи, што течат веднаш под површината на религиозната и малцинската политика во земјата.

Долга фиксација на петти колони

Заговорите околу христијанските малцинства кои дејствуваат како „петта колона“, ги обединуваат Турците од целиот политички спектар, вклучувајќи и многумина кои се секуларни. Нашироко се верува дека христијанските мисионери – од кои, кон крајот на векот, многумина биле Американци – го поттикнале распадот на Отоманската империја. Религиозните малцинства во Турција станаа мета на слични обвинувања по обидот за воен удар во 2016 година. Пасторот од Северна Каролина, Ендрју Брунсон, стана јавна фаца на ваквите конспиративни инсинуации и помина две години во турски затвор, под лажни обвиненија за заговор за преврат, воена шпионажа и тероризам.

Присуството на Вселенскиот Патријарх во Истанбул е, исто така, непријатна реликвија на мултирелигиозното минато на Турција, и затоа е предмет на репресија. Државно оркестрираниот погром насочен кон грчкото  православно малцинство во Истанбул во 1955 година, продолжува да и нанесува срам на Турција, која допрва треба да се соочи со своето проблематично минато. Девет години подоцна, во услови на ескалација на тензиите во Кипар, Турција депортираше десетици илјади преостанати етнички Грци од Истанбул, што уште повеќе ја десеткуваше заедницата. Во 1971 година, турската влада ја затвори Семинаријата во Халки, каде што се воспитуваа новите генерации православни свештеници. Заканите со смрт против Вартоломеј се чести.

Во меѓувреме, Анкара продолжува да покажува сила над Вселенската Патријаршија. Турскиот закон предвидува дека само турски државјанин може да биде Архиепископ на Константинопол и владата не го признава вселенскиот статус на Патријархот. Со оглед на намаленото грчко православно население во Турција, кое сега брои помалку од 2.000, Црквата влече кандидати од целиот свет, кои потоа добиваат државјанство само по „милоста“ на Анкара. Оваа дискреција ѝ овозможува на Анкара да влијае врз одлуките за избор на Патријарх.

Токсичната реторика насочена кон Вселенската Патријаршија не е изобилство само на исламистичкиот печат; неонационалистичките изданија, исто така, ги интензивираат тврдењата за заговори за „петтата колона“. Типичен пример од дневниот весник Aydinlik вели дека Патријархот е „агент и на Америка и на американската грчка дијаспора. Не само за религиозни прашања, туку и за геополитиката во Источен Медитеран… тој дури и нема потреба повеќе да го крие тоа“.

Така, Вартоломеј се најде во ситуација на непосакуван инструмент на два идеолошки проекти: едниот да ја обедини Руската православна црква, поделена меѓу Москва и Киев, и другиот, да се подели и да владее во поларизираната политика на Турција.

Неуспехот на Западот да ја сфати религијата сериозно

Седиштето на Вселенската Патријаршија, Фанар, е изненадувачки скромна зграда, сместена во еден агол на Истанбул. А сепак, според некои Руси и Турци, оваа непретенциозна институција се обидува да стане следниот Ватикан.

Кога американскиот државен секретар Мајк Помпео го посети Вартоломеј Ι во декември 2020 година, младинска група блиска на Ердоган го обвини Вашингтон за „обид за создавање на Ватикан и папа од христијанската црква во Фанар“. Пред помалку од еден месец, Патријархот Кирил го обвини својот соперник во Истанбул за консолидирање на власта според „папски“ модел.

Во јануарско интервју за грчкиот весник To Vima, Вартоломеј негираше дека имал „папски претензии“. Тој се спротивстави на руските обвинувања, изјавувајќи дека не може да дозволи „федерализација на Православната Црква“.

Црковните дебати на кои сме сведоци денес, не се ништо ново. Тие одразуваат 18 векови на тензија помеѓу црковната политика и геополитичките реалности во кои, повеќе од два века, контурите на различните православни патријаршии имаа тенденција постепено да се усогласуваат со границите на националните држави.

Западните лидери го сфаќаат секуларизмот толку здраво за готово, што не ја ценат целосно улогата што може да ја имаат црквите во политиката на моќ, а тоа ја намалува нивната способност да се спротивстават на потезите на Путин и Ердоган.

Овој неуспех да се препознае незавидната положба на Вартоломеј Ι, што оди подалеку од црковниот конфликт, ја одразува неможноста на трансатлантскиот сојуз сериозно да ја сфати улогата на религиозниот наратив во авторитарните режими, оставајќи ги ранливите малцинства на нивна милост.

Западните лидери подобро би им послужеле на секуларните агенди за демократија, човековите права и личните слободи, доколку ѝ понудат посилна поддршка на Вселенската Патријаршија, фатена во руските и турските мрежи.

Aykan Erdemir е поранешен член на турскиот парламент и е висок директор на програмата за Турција пти Фондацијата за одбрана на демократијата.

John Lechner е поранешен финансиски аналитичар и сега е дипломиран студент на Факултетот за надворешни работи на Универзитетот Џорџтаун. Тој пишува за политиките и јазиците на поранешниот Советски Сојуз, Турција и Африка.

/balkaninsight.com/

Коментар(4)

  1. Prvin komentiraj I pravi analizi zosto vekovnata crkva ja skrnavite kako dzamija. Malku ligi imate vo Istanbul. Ce dojde denot koga pak ce bide crkva.

  2. Sto tolku se uplasivte? Ako vi e Hristos cel i zivot i vistina nemase da proektirate vakvi nevistini. Navistina e na Ukraina ima krvoprolevanje. Ne bese Putin onoj koj go sozdade toa nego vasiot milenik “Patrijarhot” Vartolomej.
    Da navistina Gospod da ne socuva od demokratite a vie prodolzite da sirite propagandi i nevistini. Samo se prasuvam kako ke zastane pred Boga, Vartolomej? Posle toa so Ukraina… Gospod da ni bide na pomos site!

  3. Vartolomej nema pravo da dava samoinicijativno na nikogo tomos, odnosno da nekoja crkva ja proglasuva avtokefalna. Toj dava tomos, so koj se proglasuva egna crkva za avtokefalna koja se odvojuva od svoja majka crlva ali samo na predlog i vo soglasnost od majka crkva. Toj nema pravo na raskolnici da dava tomos so koj gi proglasuvs za avtokefalni. Prvo raskol mora fa se zaceli, da se raskolnici vratat vo krilo na majka crkva pa da od majka baraat soglasnost za avtokefalnost, a ne od carigtadskiot patrijarh, oti toj nee rimski papa.

  4. Dobrivoje makedonskata crkva ne treba da bara od nikogo avtokefalnost najmalce od srpskata posto srpskata se odvoj od makedonskata i posle srpskata kako juda so pari plati da i nashteti ma nejzinata majka crkva da ja ukinat nespraveflivo

Напиши одговор на Dobrivoje Cancel reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *