Почетна Коментар Став од некој си таму Б.М. за еден став на некоја си таму М.Н.
Став од некој си таму Б.М. за еден став на некоја си таму М.Н.

Став од некој си таму Б.М. за еден став на некоја си таму М.Н.

440
0

М.Н.: Прво, на сите што ми честитаат религиозен празник – јас сум атеист, не верувам во ниту еден бог и не ја прифаќам религијата како мој вредносен концепт. Јас верувам во човекот како мислечко битие и го прифаќам концептот за човековите права како концепт кој ги врамува моите поостапки.

Б.М.: На сите што ми честитаат религиозен празник им благодарам од сесрце. Јас сум верник и верувам во Бог, поимајќи Го како Отец, Седржител, Творец, Спасител, Надеж, Добро, Љубов итн., итн…. А Го поимам вака не затоа што така сум си разбрал, туку затоа што Тој така ми се покажува. Не верувам во атеизам, зашто тоа значи, кога ќе се разложат зборовите – неверник, значи безличие и апатија, значи некој кој не верува во ништо, дури ни во напредокот, ни во успехот, меѓу другото и на своите деца, не верува дека утре ќе заврне дожд, не верува на зборовите на пријателот… а не верувам ни во антитеизмот, зашто за мене е одраз на недоволна едуцираност, на празнотија на духот, на себичност, надменост, суетност, себецентричност. Концептот на Евангелието и Преданието на православната вера, ги прифаќам како мој начин на живеење и однесување. Концепт кој доброволно ме обврзува да не правам лошо, но и да правам добро. Концептот на човековите права, претставени и украдени од современиот човекоцентризам, ги отфрлам, зашто е осакатен – го става на прво место човекот како самодоволен, лишувајќи го од потребната заедница со Бога. Затоа што човечкиот живот го смета како цел сам по себе, и затоа ги мотивира човечките желби, страсти, потреби – како единствено нужни. Затоа што овој концепт, се претстави како нешто револуционерно, мамејќи го современиот човек и сокривајќи ја вистината дека во Евангелието, впрочем во домостроителниот концепт Божји, е содржан списокот на човековите права. Ќе го посочам сублиматот на истиот: Сè ми е допуштено! Но не ми е сè од полза (1. Кор. 6, 12) или Каква полза е за човекот ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? (Мт. 16, 26). Многу се зборува за права, но никако не и за обврски.

М.Н.: Ги сакам традиционалните обреди затоа што се тие дел од моето културно наследство, затоа што мирисаат на бабите и дедовците, затоа што ме поврзуваат со генерациите пред мене и го прават ова денес дел од она вчера. Го сакам палењето на огновите кои го повикуваат да се врати сонцето, и лепчињата со парички кои треба да донесат среќа и песните и игрите со кои се слави животот во најмртвото време од годината.

Б.М.: Ги сакам обредите, оние непаганските и што произлегуваат од преданието на Црквата и имаат суштина, затоа што се дел од светотаинскиот живот во Црквата, а потоа се дел и од моето културно наследство. Да и јас ги сакам зашто мирисаат на моите дедовци и баби, но и јас ќе треба правилно да ги поддржувам, практикувам и ценам, за и на моите внуци да им мирисаат. Зашто тоа не е мртво предание, опстојува ако се живее. Ете затоа им го пренесувам на моите најмали блиски, зашто тоа е законот на преданието, се пренесува од колено на колено, за, впрочем, и на внуците на моите внуци да им мириса традицијата. Не го сакам палењето на огновите, зашто е израз на паганство, а паганството е израз на сетилност, т.е. ропство и глорификација на сетилното: пијанство, прејадување, забава за телесноста, недоличност, многу празни разговори… Особено не ги сакам зашто би го повикале сонцето, зашто тоа е чист пагански пристап, односно молба, мотивирана од стравот, на човекот, најсовршеното создание, кон друго создание – сонцето, за да се појави. А нели бевте атеист? А верувате и се надевате дека сонцето ќе се појави, мотивирано од вашиот оган. Мизерно за достоинството и боголикоста на човекот. Мизерно како и тоа да веруваме (а сте атеист!) дека паричката ќе ни донесе среќа. Еден метален предмет? А дали и разбираме што е среќа? Но за тоа во друга прилика.

М.Н.: Ја почитувам религијата како однос кон духовното во себе, како релација со највисок етички симбол кој му бил (и очигледно уште му е потребен) на човекот со цел да го почитува вредносниот кодекс кој овозможува заедничко живеење. Религијата ја разбирам како многу нематеријален аспект на животот, многу приватен, личен однос кој бара мир и тишина и контемплација и себеиспитување и преиспитување на сопствените постапки во контекст на прифатените вредности.

Б.М.: Да, кога ќе се види, може ова и важи за религијата, но не важи за верата. Различно е религија и вера. Ако ова е концептот и за верата, тогаш е многу ограничувачки, дури тоа воопшто не е и нејзината суштина. Впрочем, ме збунувате како атеист со овој пристап. Духовното во нас – од каде е тоа? Етичкиот симбол, вредносниот кодекс – од каде се, поточно од Кој се и зошто ни се? А и ова: многу приватен, а ни овозможува заедничко живеење? Значи се согласуваме дека концептот на верските принципи ќе помогне во заедничкото живеење. Тогаш зошто се буните што родителите допуштиле своите деца да се воспитуваат на овој концепт? А и таа чудесна нелогичност – како јас, јас кој верувам и живеам по својата вера, можам да ја чувам верата во приватното, исклучиво таму, и да не ја изразам во општото? Ако сум научил да се смирувам, да љубам, да помагам и добродетелствувам, да се молам – тоа не треба ли да го живеам, да го искажам и надвор од личното и приватното?

М.Н.: Марширањето по улиците и пеењето хвалоспеви на бога нема врска со ниту една од овие работи. Инволвирањето на децата во ругло на религиски фанатизам е одвратно. Тоа не само што не го почитувам туку едноставно ми се гади.

Б.М.: Марширањето по улиците и пеењето хвалоспеви на Бога и те како има врска со овие работи. Велиме традиција – поврзана со Божик, кога Бог во тело се роди заради нашето спасение, и ние не треба да Го славиме. Внатрешното чувство и потреба да Го славам Бога, може да го имам во себе, во домот, во храмот, но кога ќе излезам на улица, треба да глумам, да го поттиснувам дека го немам. Нели е тоа загрозување на моите права? Па јас не инсинуирам некому нешто. Од што се плаши некој друг човек на улицата, со поинакви вредности, ако јас пеам за Бога, ги фалам милоста и љубовта Божја? Се плаши ли поради својата совест? Не знам, негово е. Можам само да му посведочам на таквиот и да се помолам, но не и да му наметнам.
Верски фанатизам, според лексиконот, е политички израз, не верски. Означува страсна преданост кон своите уверувања. Во ова нема ништо лошо – некој страсно да е предаден на своите уверувања. Во енциклопедиите се посочува обликот на фанатизам на кој вие мислите – кога означува насилно наметнување на моите уверувања на други, односно приморување на други, за што фанатикот е подготвен и да понесе сопствена жртва или да жртвува други. И мене ми се гади од таквиот верски фанатизам. Но каде, златна, го видовте тоа, па да ви се гади? Децата, заедно со родителите, пеат „Вечниот Бог слезе… Светлина на светот му засветли и тие во мракот ги осветли… Сите на Христа да Му пееме, Он заради нас се воплоти… О, Дево, Мајко, Владичице, спаси ги христијаните… Свет, Свет, Свет си и Пресвет Господи“. Многу фанатични и воинствени стихови!?
Ве разбирам дека ви се гади, но признајте – затоа што толку деца се собраа, зашто како антитеист не ви е мило. Па бидете мажи (во смисла храбри, да не ме обвините за дискриминација) и признајте. Страв ви е дека искреноста ќе ве разобличи? Па немојте да бидете милитантни, немојте да браните штрајкови, шарени револуции, паради, каде што има и деца, а да се гадите од изразување на верските чувства во бадникови поворки, каде што има и деца. Па немојте да им браните, да ги омаловажувате, родителите дека не знаат да одлучат за своите деца.
А за гадењето – ако не е блажено, ако е од телесна болест, тогаш се посетува лекар и се пие лекови.
Ако е, пак, духовно, не можам да ви дадам совет, бидејќи сте антитеист, но можам да се молам за вас. Не ми е гајле дали вие сакате, јас сакам.

Христос се роди!

/Фејсбук статус Презвитер Бобан Митевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *