
Кога се зборува за муслиманскиот празник Бајрам, најчесто луѓето, без разлика дали се муслимани или пак припадници на друга религија, ги асоцира на слатки и баклави, како нешто без што не може да се замисли прославувањето на празникот Бајрам, но и другите слатки производи, од кои некои со текот на времето исчезнале, додека пак, некои, како јатма бомбоните – старите селски бомбони, како што народски се нарекуваат, сè уште му пркосат на времето и можат да се најдат на богатата бајрамска трпеза.
За слаткарската семејна традиција и за вкусот на бомбоните кои инаку се традицонален бајрамски симбол, за 2Агенцијата Анадолија“ зборува Љатиф Шерифи од Скопје, кој вели дека пет децении работи во дуќанот во Старата скопска чашија, кој постои од 1947 година.
„Овие бомбони не содржат многу ароми и адитиви. Ова се стари бомбони, датираат од пред 200-300 години. Едно време не можеше да се купат, ги немаше, додека сега пак ги има, постарите знаат за нив, затоа бараат да ги пробаат”, вели Шерифи.
Открива дека правењето на таканаречените селски бомбони е стара традиција во неговото семејство, која се пренесува од колено на колено.
„Ние ги правиме бомбоните, татко ми научи од дедо ми, а јас пак од мојот татко”, вели тој.
Говорејќи за начинот на подготвување на бомбоните, слаткарџијата вели дека тие се подготвуваат потешко од останатите.
„Подготвувањето е потешко. Сè се прави како смола, во калап ги сечеме, а потоа се сушат. Откако ќе отстојат, природно омекнуваат и потоа се вкусни за јадење”, раскажува овој долгогодишен мајстор за слатки, додавајќи дека бомбоните се прават од шеќер и гликоза, притоа истакнувајќи дека не може да ги открие и другите состојки од кои се прават бомбоните.
Уште од минатото, Шерифи вели дека овие бомбони биле симбол за Бајрам, биле неизоставен дел од бајрамската трпеза и им се делеле на децата. Овие бомбони сега, кај постарите будат носталгија кон старите Бајрами, додека кај младите пак, будат радост и љубопитност, како тие постојат и ден денес.
„Сега, за бомбоните нема интерес како што тоа беше некогаш, но луѓето купуваат. Интересни се, гледаат шарени бомбони, а покрај тоа тие се вкусни и имаат арома. Инаку, ги викаат јатма бомбони, збор од турско потекло, а белите бомбони ги викаат пењир бомбони”, раскажува Шерифи.
Зборувајќи за намената на бомбоните, освен што се своевиден симбол за Бајрам, објаснува дека тие се користеле и за свадби.
„Порано свадбите без овие бомбони и леблебии не се правеле”, додава Шерифи.
/А.А.