Почетна Анализа Српско „Хвала Папи“
Српско „Хвала Папи“

Српско „Хвала Папи“

455
0

Српската православна црква, особено црковниот врв и „црковните дипломати“ во Патријаршијата во Белград, последните месеци имаат исклучително „високо мислење“ и неверојатно „позитивен“ однос кон Ватикан, а особено кон Папата Франциск.

Гробот на Кардиналот Алојзе Степинац, кого Католичката црква сака да го прогласи за Светец
Гробот на Кардиналот Алојзе Степинац, кого Католичката црква сака да го прогласи за Светец

На 16 јануари 2016 година, црковна делегација на СПЦ, на исклучително високо ниво, Патријархот Иринеј и двајцата највлијателни архиереи, Митрополитот Амфилохиј и Бачкиот  епископ Иринеј беа во посета на Ватикан на средба со Папата Франциск. За српските медиуми, тоа беше „тајна“ посета, а откако беше обелоденета во јавноста, СПЦ соопшти дека во нејзе немало ништо тајно.

Но, без разлика на карактерот на посетата, таа сама по себе има исклучителна важност, ако се знае негативниот ставот на најголемиот број архиереи на СПЦ кон Римокатоличката црква. Дел од нив, најтврдото – радикално крило, а и крилото на т.н. „антиекуменисти“, меѓу кои се и лично Иринеј Буловиќ и Амфилохије Радовиќ, инаку дел од делегацијата при посетата на Ватикан.

Токму затоа оваа посета има значајно место во „новите“ односи на реалција Белград-Ватикан.

„ИЗНЕВЕРЕНИ“ КАТОЛИЦИ

Alojze stepinacВо основата на оваа „зближувачка“ комуникација, сепак, лежи иницијатива на СПЦ, но и добра волја на Папата Франциск. СПЦ веќе извесно време се обидува да издејствува спречување на процесот на канонизација на Кардиналот од Втората светска војна, Алојзе Степинац, што го почна Католичката црква во Ватикан.

На изненадување на сите, особено на католичката јавност во Загреб, која природно е поблиска до Ватикан, поради припадноста на истата католичка вероисповед, но особено на изненадување на српската јавност, Папата Франциск во овој случај застана на страната на Православната СПЦ, наспроти својата Католичка црква во Загреб.

Веста дека Папата Франциск ја стопирал канонизацијата за светец на хрватскиот кардинал од Втората светска војна, Алојзе Степинац, ја „дигна на нозе“ хрватската јавност, особено тамошната Римокатоличка црква.

Причината, во првичната информација дека процесот на канонизација е стопиран, беше непознат. Но, набргу хрватските медиуми открија дека Папата Франциск, всушност се допишувал со писма со Патријархот Иринеј. Она што беше дополнителен шок е дека Франциск веднаш ги прифатил ставовите на СПЦ и причините што Иринеј ги навел, а поради кои смета дека Степинац не требе да биде прогласен за светец.

По „поглаварската писмена преписка“ на релација Ватикан-Белград, следуваше и средбата на СПЦ со Папата.

Митрополитот црногорско-приморски, Амфилохије по средбата изјави дека Папата има разбирање за ставот на СПЦ дека ликот и делотот на Кардиналот Алијзе Степинац за српскиот народ не се добра препорака за светец.

ЗЛОСТОРНИК ИЛИ СВЕТЕЦ?

Разбирањето на Папата за српските позиции го направи неизвесен процесот за канонизација на Степинац, особено што на предлог на Франциск ќе се формира мешовита хрватско-српска комисија, од чиј заклучок ќе зависи и „блажената иднина“ на Степинац.

-Папата Франциск нема да ја донесе одлуката за канонизација на Степинац се додека заедничката комисија на двете цркви не ја преиспита неговата улога во Втората светска војна, изјави Амфилохије за српските медиуми, заблагодарувајќи му се лично на Франциск за овој потег.

stepinac pocТаа заедничка меѓуцрковна комисија ќе треба да ги разјасни спорните позиции по најмалку четири точки меѓу Белград и Загреб.

Првата е околу историската заслуга на тогашниот загребачки надбискуп, Алојзе Степинац за време на Втората светска војна. Хрватите сметаат дека тој е национален херој и идеолог на хрватската државност.  Србите, пак, дека тој е злосторник зашто активно учествувал во создавањето на НДХ, (независна држава Хрватска), како дел од Фашистичка Германија.

Втората точка е неговата црковна активност. Србите го оценуваат како политизатор на црквата, зашто целата Црква ја поставил во улога на Анте Павелиќ, а не на Бог. Хрватите, пак, дека тој бил неприкосновен посветеник на Бог.

Третата точка, можеби е и најпроблематична. За СПЦ тој е геноциден злосторник, бидејќи бил иницијатор за прекрстување на 244 илјади православни Срби во католички верници. Храватите, пак, сметаат дека на тој начин тој ги спасил од сигурна смрт од Фашистите во Хрватска.

Четрвтата точка на раздор е неговата улога во концентрационите логори. За Србите, Степинац бил директно одговорен за геноцидот врз Србите,  Евреите и Ромите во логорот во Јасеновац, додека, пак, Хрватите тврдат дека тоа воошто не е вистина, туку напротив сметаат дека токму Кардиналот Степинац ги спасувал и Србите и Евреите и Ромите во Хрватска за време на Втората светска војна.

НАЦИОНАЛНИОТ И ПОЛИТИЧКИ ГРЕВ НА СТЕПИНАЦ

Со оглед на дијаметралните разлики за суштинските прашања поврзани со самиот лик и дело на Степинац, тогаш неизвесно е уште колку години ќе поминат, за да може на 10-ти февруари, Каточката црква во Загреб да почне да го слави „Светецот Степинац“. Желбата тоа да биде овој 10-ти февруари, за Хрватска ќе остане само надеж за некоја друга година.

За Алојзе Степинац има многу контроверзии во историјата. Можеби, тој ниту е толку озлогласен злосторник, како што на него гледа СПЦ, но најверојантно не е ниту „безгрешниот светец“, како што се обидува да го претстави Хрватската католичка црква.

Степинац со Анте Павелиќ, 1941 година
Степинац со Анте Павелиќ, 1941 година

Роден е на 8 мај 1898 година во Брезариќ, Загребачка Жупанија. Починал на 10 февруари 1960 година. Бил надбискуп и Кардинал во Загреб за време на Втората светска војна. Југословенските комунистички власти, по падот на Фашизмот, во 1946 година го осудиле за соработка со Усташите, по што остатокот од животот го поминал во затвор и во куќен притвор.

Неспорна е неговата улога во поддршката на усташкиот режим и цврстата определба за создавње на независна хрватска држава. Но, во историјата е запаметен и како човек кој се спротивставувал на многу одлуки на тогашните усташки власти. Голем отпор демонстрирал и по војната против режимот на Тито.

Степинац е исклучително влиајтелен во Католичката црква во тој период. Токму таа влијателност се обиделе и да ја искористат комунистичките власти, обидувајќи се да кокетираат со Степинац на тој начин што неговата соработка со устачките власти сакале да ја искомпензираат со идејата на Тито за создавање „Независна Хрватска Католичка црква“ надвор од Ватикан. Тоа било идеја што Кардељ ја заговарал во почеток на 1946 година. Но, неуспехот на таа идеја, значела и реализација на обвиненијата против Степинац за соработка со устажкиот режим.

Тито го сметал за голем националист. Хрватите велат лично барал да биде осуден
Тито го сметал за голем националист. Хрватите велат лично барал да биде осуден

Во октомври 1946 година е осуден на 16 години затвор. По силниот меѓународен притисок, но и по притисокот од хравсткото општество пуштен е од затвор и преместен во куќен притвор. Папата Пие XII во 1952 година го прогласува за Кардинал. Папата Јован Павле II на 3 октомври 1998 година го прогласи за маченик и изврши негова беатификација.

Степинац во НДХ гледал национална и католичка држава на Хрватите. Според хрватските историчари тој искрено верувал во идејата за независност на Хрватска, а поддршката на усташкиот и фашистичкиот режим ја сметал како начин да се дојде до таквата независност. Првите денови на создавањето на НДХ, Степинац бил на сите важни настани. Во чест на „независната католичка Хрватска“, како што ја нарекувал државата го посветил и Првиот Велигден во 1941 година. Тоа е еден од највпечатливите негови политички говори.

Веднаш потоа почнуваат деновите на функционирање за кои денес, српската и хрватската историја имаат различни толкувања. Хрватите тврдат дека тој и лично и со писма го предупредувал Анте Павелиќ да не врши прогон и злосторство врз Србите иако во тие писма, сепак Степинац изразувал согласнот дека Србите во Хрватска вршеле злосторства. Србите пак, велат дека овие заложби и писма до Павелиќ биле само декларативни, затоа што Степинац никогаш и никаде јавно не зборувал, ниту пак го осудил прогонот на Евреите, Ромите и Србите од Хрватска.

Тоа како клучен факт го предочил и Патријархот Ирниеј во едно од писмата до Папата Франциск, посочувајќи дека не го спори моментот дека хрватскиот Кардинал спасил и неколкумина Срби и Евреи, но сепак тој никогаш не го осудил фашистичкиот режим, верувајќи во неговата идеологија.

Судењето на Кардиналот Степинац
Судењето на Кардиналот Степинац

Идејата за прогласување на Кардиналот Алојзе Степинац за светец потекнува веднаш по создавањето на Хрватската држава во 1990 година. Католичката црква, која за цело време го негуваше култот кон Степинац, свој сојузник пронајде во „Хрватската демократска заедница“ на тогашниот Хрватски претседател, Фрањо Туѓман. Тогаш почнува наголемо да се слави неговоот дело како „жртва“ на комунистичкот режим. Кардиналот Фрањо Кухариќ на 10 февруари држи и миса во чест на смртта на Спетинац.

Целиот случај „Степинац“ потоа добива и политички димензии. Хрватскиот парламент во 1992 година носи одлука со која ја поништува судската пресуда за Степинац од 1946 година, оценувајќи ја како монтиран процес на тогашните комунистички власти.

Телото на Степинац е ексхумирано на 21 јуни 1993 година, а следниот ден била направена обдукција. Заклучокот од обдукција е дека во телото го немало срцето.  Иако официјално никогаш и никој не потврдил дека Комунистите го труеле и дека му го извадиле срцето, сепак „маченичката“ смрт на Степинац добива широко опфатни димензии во хрватското општество.

Крајно десно. Степинац на погребот на Претседателот на Соборот на НДХ 1944
Крајно десно. Степинац на погребот на Претседателот на Соборот на НДХ 1944

И кога, Хрватска очекуваше дека по чекорот на Папата Јован Павле II, за негова беатификација, ќе дојде и финалето за прогласување на светец, Папата Франциск одлучи да го успори, или пак целосно да го закочи овој процес.

По одлуката на Ватикан да не ја признае независноста на Косово, ова е втора голема причина СПЦ да каже „Хвала Папи“.

Марјан Николовски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *