Почетна Анализа Српски Курир: Соборот ќе ја признае одлуката на Вселенската патријаршија – Што потоа, каде не смее да згреши МПЦ-ОА?
Српски Курир: Соборот ќе ја признае одлуката на Вселенската патријаршија – Што потоа, каде не смее да згреши МПЦ-ОА?

Српски Курир: Соборот ќе ја признае одлуката на Вселенската патријаршија – Што потоа, каде не смее да згреши МПЦ-ОА?

970
1

Српски Курир, вечерва објави ексклузивна вест, повикувајќи се на извори од Патријаршијата во Белград како ќе изгледа одлуката на Соборот на СПЦ во однос на МПЦ-ОА, притоа обидувајќи се да создаде привидна слика, наспроти реалноста. Поистоветувајќи ги признавањата на канонскиот статус од Вселенската патријаршија и признавањето на канонскиот статус од СПЦ како идентични за МПЦ-ОА. Но, тие во себе имаат две огромни разлики. Првата е редоследноста, а втората е административниот статуд на црквата.

МПЦ-ОА признаена прво од СПЦ како канонска, добива решен канонски статус, но дефакто добива и решен административен статус но како автономија, бидејќи се враќа таму од каде што и се одвоила.

МПЦ-ОА признаена прво од Вселенската патријаршија добива решен канонски статус, но останува во неформална автокефалност со нерешен административен статус, бидејќи не произлегува од неа.

Но да одиме по ред.

Српски курир меѓу другото објави:  “Соборот на СПЦ треба официјално да ја потврди одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј за признавање на автономната Охридска архиепископија наместо досега непризнатата т.н. Македонската Православна Црква (МПЦ).“ Во објаснувањето за српската јавност Курир наведува дека  Српската црква сакала да го направи тоа сама, но намерно била спречена од вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој сакал да испадне дека оваа одлука за канонско признавање на свештенството е донесена исклучиво благодарение на него.

-И точно е дека хиерархијата на СПЦ, на чело со патријархот Порфириј, била подготвена да договори црковна заедница со расколниците, за што директно и индиректно се зборувало во неколку наврати во претходниот период, па дури и на почетокот на мај, кога тие се сретнаа во Ниш – патријархот Порфириј и архиепископот Стефан , придружувани од архиереите на двете цркви – пишува „Курир“.

Според Курир признавањето ќе значи и дека ќе има сериозни кадровски промени во рамките на Православната Охридска Архиепископија (ПОА, потенцирајќи дека „сега ПОА практично ќе ја преземе сегашната расколничка хиерархија во Северна Македонија на чело со претходниот расколнички архиепископ Стефан и ќе се вика Охридска архиепископија. А поранешниот архиепископ на ПОА, Јован (Вранишковски), меѓу другото ќе се пензионира и поради тешката здравствена состојба“. За другите тројца владици на ПОА, Марко, Давид и Јоаким, кои биле најблиски соработници на Вранишковски, „Курур“ пишува дека ќе добијат управа на еден од манастирите во Македонија,  ќе го задржат епископскиот чин или ќе добијат епархии во рамките на Охридска архиепископија.

– Планот на СПЦ беше да го признае единството со расколниците во Северна Македонија на крајот на овогодинешната седница на Собранието и заедно да ја отслужат првата света архиерејска литургија што ќе означи помирување и обновување на единството – пишува „Курир“.

ДВЕ ДОБРИ И ДВЕ ЛОШИ ВЕСТИ

Ако  се земе предвид блискоста на медиумот до власта, ако се анализира речникот употребен во текстот, ако се доловат речениците наменети за српската јавност како да се продаде веста, а СПЦ да не биде поразената, се ова укажува на тоа дека информациите би требало да имаат висок степен на веродостојност. Но, сепак се треба да се почека до крајот на денот, до крајот на Соборот.

Кои се добрите, а кои се лошите вести во оваа вест.

Првата добра вест е што СПЦ можеби решила да не го опструира процесот и остава простор МПЦ-ОА да дојде до посакуваната автокефалност. Втората добра вест е што СПЦ практично ќе ја признае одлуката на Вселенската патријаршија и ќе биде втората православна црква која ќе се согласи дека МПЦ-ОА не е расколничка црква, туку црква со исправен канонски статус. Тоа би требало да ги поттикне и другите цркви, но и да ја стиши Руската црква.

Првата лоша вест е што и на овој начин СПЦ се обидува во јавноста да ја продаде приказната дека МПЦ-ОА станува сега автономна црква и дека практично тоа што Вранишковски беше до сега, од сега ќе биде Архиепископот Стефан.

Втората лоша вест е што ова сценарио открива дека СПЦ и немала баш искрени намери, а на македонските владици кои биле изминатиов период на средби со српските владици им се подготвувала класична замка и стапица преку која тие дефакто ќе станеле автономна црква и ќе го признаеле Нишкиот документ од пред 20 години.

Од овој текст е сосема јасно колку била важна одлуката на Вселенскиот патријарх од 9 мај оваа годиниа, со која практично ја спаси МПЦ-ОА од идејата на СПЦ да ја врати МПЦ-ОА во прегратките на СПЦ, без за тоа јавноста и да воопшто биде запознаена. Практично СПЦ знаела што ќе следува и се обидела да ја претрка Вселенската патријаршија, а не обратно како што вечерва соопштуваат српските медиуми.

ШТО ПРАКТИЧНО МОЖЕЛО ДА СЕ СЛУЧИ?

Сценариото на СПЦ предвидувало дека се ова ќе се реши, без воопшто МПЦ-ОА и да носи некакви одлуки во своите највисоки тела. Едноставно, СПЦ ќе ја соопштела одлуката од Соборот за признавање на канонскот единство на МПЦ и веќе следниот ден македонските владици ќе требало на крајот од Соборот да отслужат заедничка литургија. Ако тоа бил планот, тогаш таквото служењето на таа заедничка литургија, практично ќе знаечено враќање на МПЦ-ОА во канонскот единство со СПЦ врз база на Нишкиот договор од 2002 година. Односно, замена на ПОА со МПЦ-ОА. На тој начин ќе му се ускратеше правото на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј да го искористи канонскиот пат на апелација и практично црковното прашање на МПЦ-ОА од позиција на сеправославен проблем, за чие решение е задолжен Вселенскиот патријарх, ќе се сведеше на внатрешно црковно прашање на СПЦ. Со доруги зборови СПЦ ќе успееше да триумфира токму на 100 годишнината од прославата за Томосот за обединетата српска црква. Ќе покажеше дека го вратила единството внатре во својата црква. Дополнително поразително е што МПЦ-ОА ќе признаеше дека сиве овие години ПОА и Вранишковски биле во право и биле непотребно изгубени години на единство.

Но, што е сега поразлично?

Улогата што Вселенската патријаршија ја одигра е комплетно изместување од шините. Наместо триумф, СПЦ е во позиција да ја следи одлуката на Вселенската патријаршија, затоа што решавањето на канонскиот статус на МПЦ-ОА, доаѓа преку Вселенската Патријаршија и тоа преку користење на инструментот за апелација, а не преку Српската православна црква.

Разликата е во тоа што ако МПЦ-ОА се вратеше во канонско единство преку СПЦ, ќе беше практично автономна црква. А и еден ден автономија, без каква било гаранција за автокефалност е катаклизма.

Сегашната состојба е што МПЦ враќајќи се во канонското единство преку Вселенската Патријаршија, практично се наоѓа во неформален автокефален статус, кој допрва треба да се официјализра.

ШТО СЛЕДУВА И КАДЕ НЕ СМЕЕ МПЦ-ОА ДА ЗГРЕШИ

Првата грешка што МПЦ-ОА никако не смее да ја направи е да оди на прво сослужување во Белград, ако се оваа се овистини и како официјален став на СПЦ. Затоа што СПЦ сеге не е таа која може да ги диктира идните чекори. Сега се ќе се решава во Фанар.

МПЦ-ОА треба смирено да ја прифати одлуката на Соборот на СПЦ, (ако таа е таква, а смирено треба да прифати каква било одлука да донесе Соборот на СПЦ) да се заблагодари на мудроста на Српските археиереи што по 55 години осознале дека МПЦ-ОА е канонска црква и одлучиле да го признаат тој статус. Да и се заблагодари на СПЦ за тоа што по 20 години признала дека стратегијата за поделба на црквата во Македонија, преку ПОА бил погрешен чекор, кој не само што не донел решение, туку предизвикал нови расколи на единството.

Паралелно, по препораката на Вселенската Патријарпија, МПЦ-ОА треба да и пружи рака на СПЦ и во следниот период да најдат начин како да се реши прашањето за ПОА, бидејќи тоа сега е единственото прашање за кое од тука натака можат да разговараат овие две цркви. Кога ќе се постигне решение, СПЦ да се заложи кај Вселенската Патријаршија за најитно издавање на Томос за автокефаланост.

Во меѓувреме МПЦ-ОА треба првата литургија да ја отслужи со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, како што се навестува на Педесетница, Духовден, роденденот на црквата. Како гест на добра воља да побара Вартоломеј, на таа литургија да го повика и Српскиот патријарх Порфириј.

Втората грешка што никако не смее да се направи е во овој период да се носат какви било одлуки на ниво на Црква во Македонија, ниту пак да се потпишуваат какви било договори со СПЦ. Ништо, ама апсолутно ништо не треба да се става на хартија како договор, кој на еден или на друг начин би официјализирал каноско единство мна МПЦ-ОА преку СПЦ со православниот свет. Неформалниот автокефален статус на МПЦ-ОА во моментов е единствената добра појдовна позиција во идните преговори со Вселенската патријаршија до издавањето на Томосот.

И третата клучна грешка што не смее да се направи е во евентуалната еуфорија да се заборави дека конечното решение е Автокефалност со Томос од Вселенската Патријаршија. Ништо помеѓу.

Марјан Николовски

Коментар(1)

  1. Alal da mu e na onoj koj će se snađe vo ovoj crkven lavirint, koj će ja odigra ova crkvena zavrzlama.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *